ЃУРЃОВДЕН, ПРАЗНИК НА ОБНОВУВАЊЕ НА ПРИРОДАТА И ЖИВОТОТ

WEB Телевизија во живо

Ѓурѓовден е најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и другото население, што од друга страна зборува за фактот дека во неговата основа лежи некој голем претхрстијански празник во чест на пролетта, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.
Од веќе заборавените магиски активности поврзани со овој повпечатливи биле преземањето на млекото од туѓата стока (овци, крави и сл.), како и симнувањето на Месечината. Се верувало дека преземањето на млекото можело да се направи од жена само спроти Ѓурѓовден.

Стефан Тановиќ во записите од Гевгелиско пишува дека оваа жена што презема туѓо млеко пред да тргне да ја изведува магијата, најпрвин ја симнува Месечината на земјата, а дури потоа ја прави магијата во врска со млекото.
Тановиќ уште запишал дека народот за најголем грев го сметал симнувањето на Месечината. Кога ова му го раскажувала некоја баба околу петнаесет пати рекла: „Ристос да е тука!“ „Ристос да е меѓу нас… Не се овие работи за кажување“… Ако човек разберел дека се симнува месечината требало да се крие, да не излегува од дома. И ако имало запалена ламба требало да се изгасне зашто во тие моменти можело човекот да настрада, да му се земе паметот, рака или нога.

На Ѓурѓовден се изведуваат многу и најразлични обичаи. Ниту за еден друг празник ги нема толку со магиско апотропејска цел како што е случајот со Ѓурѓовден. А сето тоа има цел да осигура напредок и плодност на стоката и полињата, здравје, среќа и напредок на луѓето. Посебно значаен обичај што е поврзан со Ѓурѓовден е лулањето или нишањето. На зелени, односно сурови дрва (слива, врба, муренка, јаболкница и др.) се обесуваат ортоми и на нив преку целиот ден се нишаат децата, но и повозрасните девојки и момчиња, дури и помладите невести. Секој што е на нишалката во рацете држи црвено јајце, а во некои краишта уште и некој сребрен предмет (најчесто прстен), коприва, трева огојка, лепаец и камен.

Многубројните и разновидни обичаи што се изведуваат на Ѓурѓовден, како што се оние со билките, песните што го опеваат разбудувањето на природата, радоста поради враќањето на животот по зимскиот пасивен период и сл. упатуваат на сознанието дека Ѓурѓовден е сточарски и земјоделски празник, а свети Георгиј е небесен клучар кој ги контролира небесните и земните природни појави што влијаат да биде богат бериќетот.
На иконите, св. Георгиј е претставен како војвода, како на коњ ја убива ламјата којашто се наоѓа под копитата на коњот.
 
И во легендите се раскажува, а и во песните се пее дека светецот навистина ја убил ламјата што на народот му правела голема штета. Преку убиството на ламјата симболично е прикажан придонесот на светецот во борбата и победата над негативните демони. На иконите во заднина се гледа женски лик што ја претставува царицата Александра, којашто, исто така, свесно се жртвувала, исповедувајќи ја истата вера како и светецот Георгиј Победоносец.Како голем празник Ѓурѓовден се поврзува со Велигден, па и во народната песна се пее за нивната поврзаност, за раззеленувањето на вегетацијата и за враќањето на животот по пасивниот зимски период.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *