ОРОТО „ЃУРА – МАРА“ ВО МИРАВЦИ, СВЕДОК ЗА ГОЛГОТАТА НИЗ КОЈА ПОМИНУВАЛ МАКЕДОНЕЦОТ

WEB Телевизија во живо

„Без минато не бидува иднина, без да се твори во сегашноста не се создава историјата. Сè што создаваме како личности, сè што создаваме како народ го дефинираме со поимот фолклор. Македонскиот фолклор, автентичен по својата природа, содржи уникатни елементи и го претставува целокупното духовно творештво на нашиот народ. Ништо во животот не е поважно од својот род, не може едно дрво да расте без својот корен, затоа што коренот нè крепи, нè поттикнува, нè турка во височините на бескрајното општество.

Затоа, ајде и вечерва да ја разбудиме нашата свест и совест, за да го зачуваме она што го имаме оставено во наследство од нашите предци, ајде да продолжиме да ги почитуваме нашите обичаи, да ги прераскажуваме легендите за нашите предци, да изиграме три напред, назад два, да удриме со тапанот по ехото на минатото и во дослух со иднината, да го спознаеме крикот во секој од нас, и да ја продолжиме традицијата која опстојува во Миравци, повеќе од еден век.“

Со вакви зборови и со традиционалното лебче и солца, организаторот на оваа преубава манифестација, едно од најстарите културно-уметнички друштва во Македонија, КУД „Танец“- Миравци ги пречека и оваа година младите и старите гости кои во гевгелиско Миравци, на третиот ден од Велигден, присуствуваа на уште едно издание на манифестацијата „Ѓура-Мара.
Годинава гости на манифестацијата беа КУД „Ѓорѓе Натошевиќ“ од Нови Слан Камен, општина Инџија Република Србија, КУД „Браќа Минкови“ од с.Куклиш, општина Струмица и ЗФГ „Копачка“ од с.Драмче општина Делчево.

На овој ден, преку впечатливото оро, преку преубавата носија, и преку зачуваните обичаи, миравчани испраќаат порака до сите добронамерници кои го посетуваат нивното место. Порака за љубов, взаемно почитување и помагање. Порака да си го браниме своето и секогаш да бидеме сплотени и да работиме заедно. Исто, како што тоа од пред повеќе од еден век го правеле и нашите претци. Се собирале на сред село и се факале на оро, стари , млади, мажи , жени и деца, но и убави моми и стројни ергени.

„Тажната приказна за грабнувањето на убавата девојка Мара од страна на турските војници и нејзиното ослободување од братот Ѓуро, вплеткана во оро кое го играат само девојки и жени, и на овој трет ден од Велигден, не собра сите нас овде, на платото пред Домот на културата, на зајдисонце, како некогаш, за уште еднаш да се потсетиме на нашето минато, на нашите потомци, да се препуштиме на сеќавањата кои ќе ни ги стоплат срцата , и да го продолжиме аманетот кој тие, преку ова оро ни го оставиле на нас, денешната генерација, како една убава традиција“, изјави за „Вечер“, членот на Организационот одбор на манифестацијата, Бошко Динов.
Ова оро, вели Динов, како и повеќето други македонски ора, е сведок за голготата низ која поминувал македонецот, реалистичен фолклорен приказ кој го отсликува животниот пат на Македонците низ времето и ја симболизира македонската вековна гордост и нашиот непокор и достоинство.

Орото Ѓура Мара, по многу нешто е специфично. По традиција, него го играат и песните ги пеат само девојки и жени. Орото си има свои чувари, тоа се обично повозрасни жени, кои со стапови, како одбранбени реквизити, ги бранат девојките од несаканите натрапници. Овие постари жени-чувари, на главата имаат врзано бели марами. Ако некој од насобраните мажи се обиде да се фати на орото, овие жени веднаш го бркаат со стаповите.
За да ги прелажат, некои од мажите се обидуваат да се преправат во жени, облекувајќи се во женска носија, но редовно се откриваат и ги бркаат. Пред да почне орото, жените ги пеат песните-„Кинисала девојка-запросила гугувка“, „Ај да го заиграме плетеното оро“ и „Цуцул пасе говеда.“

Миравчани се горди што ја продолжуваат и негуваат традицијата, затоа што, велат постарите жители на Миравци, традицијата била таа која како народ не одржувала сите овие векови. Фолклорните обичаи, усните преданија и народното творештво се најверодостоен документ кој е пренесуван од колено на колено и одржуван низ вековите и преку кои , ние, македонците,сме се осознавале за своето потекло и својот идентитет.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *