Денеска светата црква го празнува споменот на света Лидија Македонката. За неа се вели дека е првата што била крстена на европскиот континент, односно таа е првата Европјанка што била крстена од апостолот Павле. Таа има истакнато место и во Библијата поточно во книгата „Дела на светите апостоли од светиот апотол Лука“.
Преданието вели дека домот на света Лидија бил првиот европски храм во кој проповедале апостол Павле и евангелистот Лука.
Во Светото Писмо се говори дека свети апостол Павле во Троада имал видение на еден човек Македонец кој го молел и му велел: Премини во Македонија и помогни ни! Евангелистот Лука во Делата запишал дека разбрале дека станува збор за Божја промисла таму да се проповеда Евангелието. Црквата во Филипи била првата Европска црква што ја основал апостол Павле. Светиот апостол ќе рече: Македонските христијани, доброволно, со љубов и дарежливо милостдие, материјално го помогнаа делото на Господ Бог.
Света Лидија е камен темелник на Црквата во Филипи. Таа е прва личност која што била крстена од страна на апостол Павле на европско тло и затоа се прославува како прва христијанка – Европјанка. Била богата и побожна жена, омажена во градот Филипи, а потекнувала од малоазиска провинција, од градот Тијатир кој бил македонска колонија. Лидија била продавачка на порфир, скапоцени црвени ткаенини кои се изработувале во Азија, а европјаните ги користеле за своите богати облеки.
Евангелието кога стигнало во Европа не го пресретнале мажите, туку жените, бидејќи тие први се појавиле пред апостолите. Свети апостол Павле активно ги вклучува и жените во мисионерството и во евангелизацијата во рано-христијанската црква. Тој ги пофалува и ги поткрепувал христољубивите жени меѓу мои: Прискила од Коринт, Маријам од Рим, Фива од Кенхреја, мајката на Руф и други.
По крштевањето света Лидија побарала од апостолите да ја препознаат како верна во Господа, што и сториле, знаејќи ја нејзината вера, скромност и благочестивост.