ВО НЕГОРСКИТЕ БАЊИ, КРАЈ ГЕВГЕЛИЈА, СЕ НАОЃА ЕДИНСТВЕНАТА ШУМА НА ПОЛСКИОТ ЈАСЕН ВО МАКЕДОНИЈА!

WEB Телевизија во живо

ПОСЛЕДЕН ОСТАТОК НА ЗНАЧАЕН СПОМЕНИК НА ПРИРОДАТА
 
На самотри километри од Гевгелија, на надморска височина од60 метри, во подножјето на планината Кожуф се наоѓаат Негорските бањи.Македонските бањи вообичаено се сместени во најпејсажните и најживописните предели на земјава. Тие, отсекогаш биле свртувалиште на голем број случајни минувачи, но и на оние кои барале спас во лековитата моќ на водата Таков е и случајот со Негорските бањи. Верувам дека нема некој кој барем еднаш поминал низ Гевгелија, а да не ја посетил оваа природна благодет , насладувајќи си ја душата со свежина и здравје, и уживајќи во мирот и тишината, толку спротивна на забревтаниот градски, урбан живот.
 
Околу бањите, на површина од 22 хектари има редок примерок на полски јасен, кој го прочистува воздухот, ја разубавува околината и им овоможува на посетителите долги прошетки и релаксација.
Јасенот (Fraxinus) е многу распространето дрво и претставува вистински украс на природата, како во планинските, така и во рамнинските предели. Неговиот природен раскош најдобро може да се забележи во пролет, односно во месеците мај и јуни, кога расцветува со убави бели и жолтеникави широки цветови, кои ја покриват, речиси, целата крошна на растението. Можат да се сретнат десетици видови јасен со различна големина на крошната и дебелина на коренотВо Македонија се среќаваат три вида јасен – бел или обичен јасен (F. excelsior), полски јасен (F. angustifolia) и црнјасен (F. ornus).
 
Поради неговите специфични својства и систавот на дрвото, јасенот има разновидна примена. Дрвото, кое има соодветна свитливост се користи за правење копја, лакови и слични орудија, а од него се изработуваат и музички инструменти, како електрични гитари, тапани, столарија, фурнир за канцелариски мебел и слично. Во минатото од ова дрво се изработувале трупови и каросерии за кочии и автомобили, а во почетниот период на воздухопловството, поради неговите својства, ова дрво било особено важно во изработката на авиони.
Јасенот има голема примена и во медицината, особено при лечење на хронични респираторни болести, а се користи и како диуретик и лаксатив, за лечење рани и е добра замена на кининот. Познато е дека јасенот го користел римскиот лекар Квинт Сорен Самоник, кој во својата Медицинска книга пишува за семиња од јасен од кои се произведувал лек за лечење кашлица и болести на црниот дроб.
 
Во овој напис, за нас е важна полската јасенова шума во Негорските бањи, за која, ексклузивно за читателите на Вечер, ќе откриеме повеќе интересни работи. Морам да признам, дека и самиот не знам колку пати до сега сум ја посетил оваа бања, и сум прошетал меѓу јасеновата шума, ноникогаш не ми паднало на памет дека престојувам во заедница на полскиот јасен кој го има само овде, во Негорските бањи, и никаде на друго место во Македонија.
 
За среќа, моја, а веројатно и на поголемиот број читатели на Вечер, неодамна, со мојот добар пријател, Златко Митров, инаку, вработен во Македонски шуми, шумско стопанство „Кожуф“ од Гевгелија, ја посетивме Негорската бања. И, така уживајќи во прошетката помеѓу јасеновите стебла, полнејќи ги градите со чист воздух, Златко, во еден момент подзастана и ме праша дали знам дека во моментот шетаме низ единствената шума на полски јасен, која ја има само во Негорските бањи, и ниту на ниедно друго место во нашата земја.
Го погледнав зачудено, а тој само ми подрече дека наредниот ден ќе ми испрати еден текст после кој се ќе ми биде појасно околу јасеновата шума во Негорскитебањи.
И, навистина. Наредниот ден на мојата електронска пошта, го добив написот објавен во Шумски преглед, орган на инженерите и техничарите по шумарство на СР Македонија, издаден во 1984 година.
Почетниот напис носеше наслов-Заедница на полскиот јасен во долното Повардарие од Ханс Ем. Бев изненаден и од содржината на написот а уште повеќе и од името на авторот. Така, започна откривањето на уште една, до сега непозната приказна за уште еден факт кој се однесува за Гевгелија, овој пат за дендрофлората во јужниот дел на Македонија
 
Најнапред, кој билХанс Ем ? Ханс Ем е еден од основачите на современото шумарство во Македонија и на Шумарскиот факултет во Скопје. Роден е на 6 јуни 1898 во Марибор, Словенија. Инженер, професор на Шумарскиот факултет во Скопје, најстариот член на МАНУ. Дипломирал на Високата школа за култура на земјиштето во Виена во 1923 година. Службувал во шумарските оперативи на подрачја од Србија, Косово, Црна Гора и од Македонија. Бил професор на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје од1947 до 1968 година и негов декан во учебната 1953/54 година. Прв научник и проучувач е на дендрофлората и шумските заедници во Македонија. Открил нови дрвни и растителни видови за македонската и светската дендрофлора. Публикувал бројни трудови во домашни и во странски списанија.Ханс Ем починал на 9 јули 1992 година во Скопје.
Eм посветувал посебно внимание на реликтните мочуришни шуми кои растат во близина на мочуришните предели. Овие шуми кои најчесто се наоѓаат во фрагментирана состојба се со глацијална старост, а меѓу нив е и шумата на полски јасен која нас не интересира и за која сакаме да пишуваме – Periploci – Fraxinetum angustifoliae Em, кај Негорска Бања (Гевгелиско).
 
Еве, што тој забележал за оваа единствена шума од таков вид во Македонија.
„На крајниот југ на нашата земја, на околу 70 километри од Солунскиот залив и на околу 60 метри надморска височина, се наоѓа место кое е изобилно навлажено од извори меѓу кои и термални.
Местово, делумно го покрива мочуришна растителност, а останатиот дел е под шума на полски јасен, која зазема околу 30 хектари. По стаништето на шумата се наоѓаат различни објекти на на познатите Негорски бањи.
Климата овде е субмедитеранска, топла, со сушни лета и благи зими, но повремено и под дејство на студениот ветер вардарец.
Иако полскиот јасен не е многу редок вид дрво во Македонија, не е познато дека има и други места во Македонија каде што самиот тој јасен гради шумска заедница.
 
Зачуваните делови на јасеновата шума, северниот и јужниот дел на комплексот, ги поврзува доста разреден расад, а на места и од внесени видови дрвја. Јасеновите дрвја достигнуваат висина од 20 метри, ретко и повеќе, а дебелината им е од 40 до 50 сантиметри, не ретко и до 70 сантиметри
Особеност на оваа шума е појавата на Fraxinus angustifolia, вид јасен кој припаѓа на сортата Racemosae karpati , заедно сорунтавиот полски јасен -Fraxinus pallisae. Обата вида ги карактеризираат гроздести соцветија.
Fraxinus agustifolia се сретнува не ретко како примеса во крајречната вегетација во пределот на македонскиот субмедитеран, но не и како градител на шумски ценози. Освен кај Негорските бањи. Видот на јасен пак наречен Fraxinus pallisae е најден во Македонија единствено во шумата на Негорски бањи..
 
Инаку, за споредба, Негорската шума на полски јасен, заедно со другите шуми на Балканскиот полуостров, им припаѓаат на три мориња.
Мотовунската шума во Истра и шумата кај Скадарското езеро во Црна Гора се во сливот на Јадранското море, Негорската шума на полски јасен во Македонија, спаѓа во сливот на Егејското море, додека шумите на полски јасен во Посавина и во Србија му припаѓаат на Дунавскиот слив, а со тоа на Црното море. Климатските услови се слични за истарската, скадарската и македонската шума на полски јасен, затоа што тие се под влијание на Медитеранот.
Кога се има во предвид Негорската шума на полски јасен има место за претпоставка дека таа со времето го зафаќала местото што порано го покривала една пораспространета мочуришна вегетација, а тоа е процес кој течел напоредно со континентализацијата на климата.
 
На крајот, пишува Ем, како ретка појава во растителниот свет на Македонија, јасеновата шума и малото мочуриште треба да се зачуваат за иднината. Се работи за особен, реликтен карактер на оваа мочуришна вегетација и на нејзиното значење за проучување на развојот на растителниот свет во Македонија. Истово се однесува и на реликтната шума на полски јасен во Негорски бањи. Ќе треба да се преземат мерки таа да се зачува од натамошна деградација. Со ова, целиот простор ќе може да се претвори во привлечен природен парк. За ова, како пример може да послужи Мотовунската шума на полскиот јасен во Истра, за која веќе постои концепт за зачувување. Така, и Негорската шума на полски јасен ќе стане објект за рекреација но и за заштита на самата Негорска бања.“
 
Да се надеваме дека овој напис ќе го прочитаат нашите пријатели од комплексот Негорски бањи, кои , не само што ќе работата за заштита на јасеновата шума, за која Ханс Ем вели дека е последниот остаток на значаен споменик на природата, туку ќе продолжат да ги модернизираат бањските капацитети на Негорски бањи, бидејќи во развиените европски земји, бањите повеќе не се приоритетно насочени кон барање клиентела за лекување на ревматски болести,туку на туристи за забава и рекреација.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *