Д-Р ЗЛАТКО ТРАЈКОВ:

WEB Телевизија во живо

„КНИГАТА „ПО МАКЕДОНИЈА“ НА ХРВАТСКИОТ НАУЧНИК ФРАН ТУЌАН Е УШТЕ ЕДЕН ДОКАЗ ЗА ПОСЕБНИТЕ ИСТОРИСКИ И КУЛТУРНИ ОСОБЕНОСТИ НА МАКЕДОНИЈА
 
За Д-р Златко Трајков, пишувавме во април, минатата година, кога тој зборуваше за книгата на која работи „Гевгелија“, и кога ни откри низа непознати факти за градот, ексклузивно за весникот ВЕЧЕР. Овој пат, со доктор Трајков разговаравме за една интересна книга „По Македонија-патнички слики и импресии“, на хрватскиот научник Фран Туќан.
 
Како дојде до примерокот на ова исклучително ретко и значајно дело?
 
„Истражувајки за минатото на град Гевгелија имав прилика да се сретнам со многу луѓе, да дојдам до многу приватни архиви и дојдам во допир со многу приватни книги, од кои дел беа доста стари и поседуваа национално – историска вредност за нашиот град, за нашата држава и за нашиот народ. Меѓу нив е оригинален примерок од книгата „Македонија“ од Фран Туќан, која е печатена во 1921 година, стара 103 години. Во нашата држава се зачувани само 2 оригинални книги. Еден примерок се наоѓа во Природнонаучниот музеј на Македонија во Скопје, а другиот примерок се наоѓа во НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје.
Книгата е приватна сопственост на гевгеличанец и зачувана е во добра состојба. На книгата има еден печат на Кралството СХС и еден печат на СФР Југославија. Правам напори книгата да биде поклонета на државата, односно, да биде поклонета на градот Гевгелија, за што наидов на разбирање со сопственикот на книгата. Сопственикот е расположен да подари на град Гевгелија и други документи и книги кои се поврзани со минатото на нашиот град, а претставуваат дел од неговата приватна архива.“
 
Кој бил всушност Фран Туќан?
 
„Фран Туќан бил хрватски минеролог и петрограф, роден во Дивуша, на 26 септември 1878.
Основно училиште завршил во Дивуша. Завршил гимназија и студирал природни науки на Филозофскиот факултет во Загреб. Докторирал во 1905 година под раководство на професорот Мија Кишпатиќ, неговиот научен пример, со дисертацијата Пегматити во кристалните карпи на Мославина Гора. Истата година станал кустос на Минералошко-петрографскиот оддел на Народниот музеј во Загреб. Откако професорот Кишпатиќ се пензионирал во 1918 година, тој станал професор на Филозофскиот факултет во Загреб, каде што предавал предмети за петрографија и петрологија. Следната година ја добива титулата редовен професор и комесар за образование и веронаука во Хрватска. Во 1930 година бил избран за постојан член на Југословенската академија на науките и уметностите. Работата на проф. Туќана била прекината за време на Втората светска војна, од 1942 до 1945 година, кога бил во пензија и затворен во логор. По завршувањето на војната, тој се вратил на универзитетот и станал прв декан на новооснованиот Природно-математички факултет во Загреб..
Книгата „По Македонија-патнички слики и импресии“ колку што е познато,е единствениот патопис напишан од Туќан, но во исто време е и единствениот хрватски патопис за патувањата и престојот во Македонија од почетокот на дваесеттиот век. Туќан бил научник од областа на минералогијата, писател на научни текстови, но неговиот патопис го вбројува и меѓу хрватските писатели-патописци. Патописот „По Македонија: патувачки слики и впечатоци“ е репрезентативен пример за овој литературен род и може да се смета за вреден литературен придонес во откривањето и проучувањето на македонско-хрватските книжевни врски на почетокот на 20 век.“
 
Што разработува оваа книга на Туќан и што е она што тебе ти остави најсилен впечаток ?
 
„Книгата ја разработува темата Македонија. Книгата претставува патување низ градовите и местата во Македонија со поширок историски и географски опис на секое место каде престојувал авторот, претежно, местата од Скопје до Гевгелија.
Она што е интересно да се каже, и што предизвика интерес да ја прочитам оваа книга е фактот што Фран Туќан за цело време во книгата го користи името Македонија, Македонци, Македонец, Македонка, македонски градови, македонска река, македонска планина, македонска култура, македонски обичаи итн. Всушност, името на книгата е Македонија. Авторот создава еден зрел однос кон македонските Словени во рамките на Кралството СХС и сите политички предрасуди кои се наметнувале со векови кај соседите на Балканот успева на еден зрел и здравоумен начин да ги надмине.
Во еден момент, во однос на надворешните влијанија кај Македонците, Фран Туќан нагласува дека Македонците се најблиску до Србите по култура поради традицијата на крсна слава која постоела и кај Македонците и кај Србите. Но, тоа не се коси со перцепцијата на авторот за фактот дека Македонците и Србите се претставени како два словенски народа. Во овој контекст, Фран Туќан зборува како Македонија во раната зора на словенската писменост заблескала со првите зраци на словенското христијанство, словенската писменост и словенската цивилизација и дека Македонија е колевка на словенското христијанство, писменост и цивилизација. Понатаму, авторот наведува дека Македонците воделе борба за слобода многу рано и дека основале своја самостојна држава уште во средниот век и создале свое македонско царство на чело со царот Самоил.
Во Предговорот на книгата, Фран Туќан многу јасно кажува, дека досега се гледало кон браќата Македонци со омраза и дека треба да се запознаат одблизу тие наши браќа – Македонците. Всушност, Предговорот претставуваа еден вид јавен дипломатски Приговор кон Кралот Петар I, односно, кон Кралот Aлександар I Караѓорѓевиќ, дека е крајно време кон браќата Македонци да се гледа братски и со љубов во рамките на Кралството СХС уште во 1921 година. Во овој контекст, Фран Туќан наведува, цитирам: „Во нашите срца завладеела омраза и никако не дава место на братската љубов. А, нашите срца сакат да знаат за љубов; нашата душа е добра, но има нешто што нас не помрачува, што буди во нас недоверба кон нашите браќа…“ Тој понатаму нагласува, дека потребно е да се види што чувствуваат Македонците и да се почитува нивното душевно настроение и нивниот внатрешен порив кој проникнува во самите Македонци.
 
Што пишува Туќан за посетата на Гевгелија?
 
„За мене, но верувам и за гевгеличани, многу важно во книгата на Фран Туќан е неговата посета на мојот и нашиот град Гевгелија. Тој доаѓа во град Гевгелија во 1921 година, веднаш после Првата светска војна. Неговиот опис на градот Гевгелија во 1921 година душевно ме потресува. Од градот немало, речиси, ништо. Во градот за време на војната се случувала најстрашната борба. Еве како германскиот научник Дофлајн ја опишува Гевгелија за време на Првата светска војна во книгата на авторот: „По широките и светли улици на гевгелија бевме само ние три живи битија. Имаше само празни куќи. Не можеше да се види нити кола, нити животно, ниту човек. Прозорците беа без стакла, а над куќите немаше кровови. Длабока тишина легнала над градот, каде пред војната сигурно било место на голема трговија, промет и живот. Денес, Гевгелија останала само пуста рушевина!“ Така било во Гевгелија за време на војната од 1915 до 1918 година. Но, Фран Туќан по војната во 1921 година, за Гевгелија запишал, цитирам: „Денес, Гевгелија е малку поткрпена и во неа повторно се спрема да заживее весел живот. Сепак, денес во Гевгелија е доста живо и ако не се гледат оние силни рушевини по градот, не би кажал дека некогаш овој град бил жива пустош.“
 
Ти, веќе десеттина години ја истражуваш историјата на Гевгелија, имаш откриено голем број на пишан материјал за градот. Дали можеби сметаш дека е дојдено време Гевгелија да основа Градски архив.?
 
Во период од 10 години, додека истражував за град Гевгелија, се сретнав со многу вредни книги, документи, дневници, фотографии и друг историски материјал во оригинал, кој претставува историско богатство за град Гевгелија, но и за државата. Потребно е таквиот материјал, кој постои кај граѓаните да се згрижи под закрила на институциите на градот. Тука подразбирам луѓето да создадат здрав однос кон своето културно наследство кое го наследиле од своите предци, како: стари книги, фотографии, документи, спомени, дневници, усно предание, уметнички слики итн.
Ќе се навратам во 2016 година, на зборовите на покојниот претседател на МАНУ, академик Старделов Ѓорги, кога во една прилика за време на промоцијата на мојата книга „Гевгелија 130 години град“ во Народниот театар во град Гевгелија, зборуваше пред Општината, пред пошироката јавност и пред интелектуалната фела на градот, дека е потребно што побрзо да се основа Градски архив кој ќе се занимава со истражување, собирање и анализирање на историски материјали, односно, кој ќе извршува научно – истражувачка дејност поврзана со минатото на град Гевгелија. Всушност, во сите светски архиви постои огромен историски фонд на податоци во разни пишани форми, а кои се однесуваат на град Гевгелија и за кои е потребна научна евалуација. Затоа, потреба е широка интервенција и помош од општинските инстанци. Академик Старделов Ѓорги беше сосема во право кога зборуваше за еден таков Градски архив. Сето тоа е многу важно за едно општество – да поседуваме што поголема база на податоци за своето постоење, егзистирање и опстојување. Се надевам и сум голем оптимист, дека во иднина ќе се консолидираме како општество и како град по однос на ова значајно прашање.
Индивидуално јас како единка, за една декада успеав да „ископам“ 10.000 документи од 12 странски архиви кои се однесуваат за минатото на град Гевгелија и истите да ги преведам, обработам и на најсоодветен начин да ги спремам за публикација. Што ќе се случи ако работи еден таков Градски архив со поширок стручен тим кој ќе се посвети сериозно на научно – истражувачка дејност. Кога би вршеле како град таква научна дејност, тогаш би можеле да отвараме редовни јавни презентации на научниот материјал и пред научната фела и пре пошироката јавност. Тогаш, ќе се создадат услови и ќе се наметне потребата од основање на засебни музеи во повеќе области од општественото живеење на град Гевгелија, како Музеј на фотографија, Музеј на свилата, Железнички музеј, Современ музеј на уметност на Гевгелија и други такви куќи кои ќе го збогатат културолошкото милје на градот.
За крај, сакам да пратам апел до институциите на градот, но и до државата дека потребно е посериозно да пристапиме кон евалуација на поширокото историско наследство на секој град, а кој огромен дел од тоа наследство го поседуваат граѓаните, но и огромен дел се наоѓа во странски архиви, речиси, на сите земји во светот.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *