„СЕ НАВАЛИ ШАР ПЛАНИНА“ ДУРИ ДО ГЕВГЕЛИЈА!!!

WEB Телевизија во живо

(Љубезноста и квалитетот се клучот на успехот на 75 годишната гевгелиска слаткарница „Шар планина“)
Насловот е позајмен од прекрасната народна песна, која ми е музичка слабост. Но, морам да ви признам, и слатките ми се слаба страна отсекогаш. И на овие години уживам да пробам некој од благите специјалитети изложени во некоја од слаткарниците во градовите во кои престојувам. Но, ништо, ми се чини не може да се спореди со вкусот на слатките кои за празниците ги подготвуваше мојата мајка. Особено за новогодишните. Тој вкус, тој мирис на нејзините слатки ме враќаат во моето детство.
 
Вкусовите и мирисите на детството живеат длабоко во мене и повремено предизвикуваат носталгија за безгрижните времиња на кои со задоволство се навраќам во сеќавањата. Сите ние имаме некои вкусови од детството, кои ги чуваме со посебна љубов во најтаинствените делови на нашето срце, а малку од нас имале среќа, често да ги разбудат тие вкусови, затоа што живееле или живеат во нивна близина. Така, јас лично, имав среќа во Скопје да живеам покрај легендарната слаткарнца „Апче“, а, откако се преселив во Гевгелија, имам уште поголема среќа секојдневно да поминувам покрај слаткарницата „Шар Планина“, единствената во Гевгелија, која годинава слави 75 години од своето постоење.
 
Замислете го моментот кога ќе ја гризнете омилената слатка, и ќе ја почувствувате топлината и радоста што ги носи секој залак. Слатките се таа магија што ја буди детската љубопитност и ја освежува душата.
Оваа репортажа , за оваа култна гевгелиска слаткарница, е направена наменски, за да ве запознаам со господин Еџевит Зиза, човекот од третата генерација слаткари и сопственици на „Шар Планина“.
 
Здраво, Еџевит Зиза, каде се наоѓаме и како дојде идејата за овој сладок бизнис?
 
„Се наоѓаме во слаткарницата „Шар планина“. Дедо ми Реџо Зиза слаткарницата „Шар Планина” ја отворил во 1948-ма година овде во Гевгелија, во најјужниот македонски град, и до денес таа без прекини работи полни 75 години. Нашата фамилија е по потекло од селото Брод, во пазувите на Шар Планина. Бидејќи се работи за сиромашен крај, луѓето од тоа место уште од дамнина се иселувале од своите вековни огништа во потрага по подобар живот. Така и нашите предци, во потрага по подобар живот најпрво се населиле во Струмица, а потоа и во Гевгелија.
 
 Во Струмица, уште во отоманскиот период ја отвориле слаткарницата „Мечо“, за храна и слатко, од , чиј сопственик бил наш предок Мехмед Зиза, со прекар Мечо, а денес таа сеуште постои, но сега се други газди и го носи името „Бисер“
Она што е интересно е фактот што наши братучеди имале слаткарница уште во 1903 година во Солун, а денеска, нивните потомци имаат три слаткарници во Солун и една во Атина
Инаку, нашинците од Брод важат за вредни луѓе, сакаат да учат, не се плашат од работа и се држат до квалитетот, а слаткарството ги одржувало низ бурните времиња.“
Дали од секогаш слаткарницата била на истото ова место каде што е денеска?
 
„Не, локацијата се менувала на три пати, на почетокот слаткарницата била сместена во просториите каде што денес се наоѓа „Сава осигурување”.
Следна локација била во куќа која што е срушена за да се изгради стоковната куќа во Гевгелија, а од 1963-та година до ден денес се наоѓа во објектот покрај старата зграда на некогашната Радио Гевгелија.
 
На почетокот, ни раскажува Еџевит, во слаткарницата се продавале само ориентални слатки: арванија, баклава, еклери, сутлијач, алва на неколку различни начини итн.
Меѓу гевгеличани во тој период многу популарни биле сода соковите во боја, со CO2 и бозата која што и ден денес се прави на ист начин и со ист квалитет.
Во текот на 70-те години е донесена и машина која што прави сладолед па граѓаните можеле да изберат помеѓу традиционалните и одомаќени така наречени топки сладолед или од новиот поквалитетен и за многумина повкусен сладолед.
Во почетокот на 80-те години „Шар Планина” започна со продажба и на бурек кој што многу брзо стана еден од најпопуларните и најпродаваните производи.“
 
Што, според тебе, ја прави оваа слаткарница толку популарна меѓу гевгеличани, но и меѓу големиот број на туристи од земјата но и од Србија и Грција, особено во летниот период?
„Според мене, најпрво тоа е квалитетот на слатките, но и семејната атмосфера што владее меѓу вработените, секогаш да бидеме насмеани, љубезни и услужливи, но и горди што не само што работиме во „Шар Планина“, туку и дека сме дел од една долга традиција. Мислам дека со овие неколку зборови ова сакал и мојот прадедо да им го пренесе на генерациите кои доаѓаат по него. Нашиот однос со вработените, кои ги имаме, не е однос сопственик-вработен. Татко ми ми вели дека во текот на неговите 30 години работа во овој локал ги имале истите муштерии. Некогаш нивните татковци ја посетуваа, а сега нивните синови и внуци и нивните семејства продолжуваат да доаѓаат во оваа слаткарница“,
Колку генерации на фамилијата Зиза до сега ја „раководат“ оваа гевгелиска слаткарница?
 
„Веќе реков, слаткарницата ја отворил дедо ми Реџеп Зиза, потоа работите во свои раце ги зел татко ми Шабан Зиза, денеска јас сум тој што се грижи се да оди како под конец, а веќе во слаткарскиот бизнис навлегува и мојот син Алем Зиза, кој со господ напред, како четврта генерација веќе навлегува во тајните на слаткарскиот занает, и ќе ја продолжи фамилијарната традиција, но морам да кажам дека сака да учи само од дедо му Шабан а мене некако ме „прескокнува“(ха, ха, ха)
Која е тајната на подготовката на вашата препознатлива боза, и што најмногу сакаат да порачаат од слатките во вашата слаткарница??
 
Некоја голема тајна нема, бозата има свој начин на подготовка во сите слаткарници, но, според мене, тајната на „големите“ мајстори на добрата боза лежи во фактот да не се брза со сите етапи на подготовка на овој ориентален пијалок и да се остави доволно време да „созрее“ пред да се пушти во продажба.
Што се однесува до слатките, располагаме со голем избор на благи десерти, а нашите муштерии најмногу ги порачуваат еклерите и тулумбите. (моја забелешка, „индијанките“, Зиза ти се фенменални, се топат во устата)
 
Да те прашам, кој ти прави торта кога имаш роденден?
Ха,ха,ха, торта најчесто си правам сам и тоа гооооолема за целата моја фамилија и целиот персонал на латкарницата.
Дали имаш сознанија што мислат вашите муштерии за самата слаткарница и за квалитетот на слатките?
 
„Можам да ви речам дека освен од искажувањата на нашите гости кои лично ни ги кажуваат во разговор со персоналот на „Шар Планина“, во Гевгелија постои фејсбук страница во која која се бележат настани кои се случиле во минатото и објекти кои постоеле некогаш, а некои од нив постојат и ден денес. Како пример какво е мислењето на муштериите за „Шар Планина“ еве неколку нивни искажувања од оваа страница:
„Најдобра боза (елем мешана со лимунада – шприцер боза;), те баклава, еклери…а киселото млеко им беше најдобро во поширокиут регион. Респект. Со нож да го сечеш… Боза..нема подобро посебно на жешко Гевгелиско с’лнце.
„Еден од симболите на Гевгелија. Се отвараа и затвараа други слаткарници. Оваа остави посебен печат на времето. Затоа уште долго ќе трае и ќе остане во долго сеќавање. За чичко Реџо и тетка Гуска, имам најубави зборови со нивниот квалитет на ретко убави слатки, еклери, тулумби, шеќер пара, шам пита и највкусната БОЗА. Ниту Апче и Шехерезада не можат да ја заменат.“
 
„Секаде каде што одам, кога ќе видам слаткарница, прашувам дали прават боза и дегустирам само за да си докажам дека нема подобра од Гевгелијската.
За квалитетот нема што да се зборува. Времето се менува, муштериите се менуваат, а квалитетот е како секогаш и за сите ист.“
 
„ Слаткарница од нашата младост, за нас таа беше како кафулињата денес. Од школо право кај Реџо по една толумбичка, лаф маабет, па до кинто да видиме кој филм ќе играе и после дома.“.
 
И, што да се каже на крајот на овој разговор за „Шар Планина“. Би рекол, како што вели една изрека, „среќата со пари не се купува“, но јас би рекол дека тие, парите може да купат вкусни слатки. А, тоа, мора да признаеме е нешто слично, си купуваме барем за миг мало парче среќа.
 
А, оваа слаткарница која ги поврзува Гевгелија и Шар Планина, ги враќа луѓето кои ќе влезат во неа во нивното детство, со првите вкусови на сладолед, па се до прекрасните парчиња торта,тулумба, еклер, шампита. „Шар планина” е местото каде што сите можат да ја уживаат љубовта кон слаткото.
Таа е местото каде што се преплетуваат културата и гастрономијата во една волшебна симфонија. Тука се преплетуваат вековните култури и мирисите на домашни специјалитети.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *