РУСАЛИСКИТЕ ОБИЧАИ ОД БОЖИЌ ДО ВОДИЦИ ВО ТАКАНАРЕЧЕНИТЕ НЕКРСТЕНИ ДЕНОВИ ВО ГЕВГЕЛИСКО

WEB Телевизија во живо

Русалиските игри во Гевгелиско-валандовскиот Регион претставуваат феномен кој ги обединува Македонците и Власите. Бојмијата е предел кој зафаќа дел од јужномакедонската етнографска целина. Селата Ума (Хума), Конско (Коњско) и Серменин се наоѓаат во областа Влахомеглен . Тоа се села кои се наоѓаат на падините на планината Кожуф, во околината на градот Гевгелија и тие биле целосно населени со Власи, кои, до првата половина на дваесеттиот век, го негувале русалиството.

Додека пак селата: Петрово, Стојаково, Смоквица, Миравци, Давидово се села познати по традицијата на русалиските игри, а се населени исклучиво со македонско население. Собраната етнографска граѓа од Гевгелиско-валандовскиот Регион ја потврдува тезата дека феноменот на русалиството претставува споделена вредност во културната меморија на Македонците и на Власите, кои имале активен духовен живот во овој дел од Македонија.
Русалиството во суштина е една онтолошко-есхатолошка традиција на борбениот машки дух (додека русалките се женска традиција), метафизички и естетски преобразена во народен ритуал и во „апотропејска моќ“. Во т.н. некрстени денови, од Божик до Водици, се собирале русалиските тајфи по долги подготовки и тргнувале во долготрајни походи низ селата, со цел да ги протеруваат лошите подземни и надземни демони. Не можел секој да биде русалија, тоа било голема чест. Организацијата им била војничка, посветена, со сопствен етички код; додека патувале низ текот на денот не говореле меѓу себе, за да не ги сетат злите сили; само балтаџијата и јузбашијата, како предводници можеле да разменат по некој збор.

Ората што ги играле низ селата, во кои биле пречекувани како херои, а со кои симболично се бореле со демоните, им биле тешки, страстни, трансични, а ритуалите обредно-маѓиски, апотропејски. Кога попат ќе се сретнеле две русалиски тајфи, паѓале и жртви, за што сведочат и локации со русалиски гробишта. Сето ова зборува за целосна посветеност и автентична увереност на русалиите во борбата меѓу доброто и злото.
Најпознати русалиски ора се: „Караџова“, „Злата“, „Петровска“, „Тодоре биро капидан“, „Кавадар аваси“, „Капетан аваси“ и др. Русалиските дружини најпрвин оделе в црква, каде што земале причесна и благослов од свештеникот. Пред црквата одигрувале три ора, по што тргнувале на дванаесетдневно патување. Дванаесет дена играле и пееле и собирале подароци што ги дарувале за добротворни цели – изградба на црква, училиште, чешма, мост и сл. Се верувало дека тие ги бркаат демоните и болестите, па затоа со задоволство биле примани во секое село и во секој дом, особено таму каде што имало болен. По дванаесетте дена пак оделе в црква. Се верувало дека ако тоа не го направат, ќе полудат. Ако се сретнеле две дружини русалии, редовно доаѓало до тепачки, некогаш со смртни последици, а жртвите биле погребувани на местото на загинувањето.

Според кажувањата на Доца Стефанова, родена 1942 година во с. Ума, инаку Влаинка. Нејзиниот татко бил русалијата во селото Ума, а нејзиниот брат бил учител во селото Петрово и таму ги засведочил Русалиите.
„Јас сум 42 гудина и памтум ка идаа русалиите и праваа крс. Обично уф Гевгилии немше русалии, ут селта Петрово, Ума, Конско, вии селта. Јас памтум кути дете, как русалиите ка идаа и крс праваа там, уф куќата там дек шо живеаме праваа крс, тове шо го воде орто, тоо главнио. Јас памтум кути малечка ка бех, имаахме една удаа гулема уф срединта имше бурé, вии камин шу гу викте и куга иише русалиите над тоа бурéто правше крс и нешто уд куќта кој шо има, кој к`лбаси, кој жито, мисљум ути тоа се давше кути дар, тоа шо гу суберат, црквата го давше на сиромасте. Русалиите уф Ума имаа специјални влашки ора и влашка носии“

Ристо Стамков, роден 1939 година во Стојаково, Гевгелиско, го сподели со нас следното кажување:
Додека играле по куќите, ако во некоја куќа имало некој болен човек ќе викнеле еден од русалиите да дојде, дали бил тој водачот што бил (ороводачот) или балтаџијата и ќе дошол тој и со сабјата ќе замавнал три пати над главата на болниот и се сметало дека со тоа замавнување се истерува злиот дух или болеста кај тој човек. Значи кога ќе излезе обично русалијата од кај болниот, на камините кои во старо време се викаа боарé и на боарето, тоа е напревено од оџакот надолу за да го прима чадот и обично на тоа боарето, тоа е обично бело варосано тука ќе направе крсче, дали со сабјата ќе го направе или со молив. Исто така крсче се ставало и кога ќе излезе од вратата, на надворешната врата, обично со сабјата ќе изделкат крсче, значи дека се направил овој христијански обичај (кој некогаш бил пагански). Се верувало дека болниот ќе се излечи, инаку знаеме дека сугестијата по некој пат може да биде и ного лековита. Преку играта тие ја искажувале својата сила, таа витешка сила исто така играта најверојатно е да се протерат некои зли духови, затоа при играта се удирале и со сабјите. Тоа на некој начин има некаква симболика.

Денес русалиската игра ја негуваат само културно-уметничките друштва од некои краеви во Македонија, како што се струмичкиот и гевгелиско-валандовскиот регион, кои се обидуваат да ја зачуваат оваа древна традиција.
Едно од тие друштва е и КУД „Танец“ од Миравци, Гевгелиско.
Во почетокот на јануари 1936 година група од 18 русалии од Миравци, заминуваат на интернационалниот фестивал за фолклор и игри во Лондон, В.Британија, каде ја освојуваат престижната втора награда.
Групата се состоела од 15 играорци и тројца музичари.
Според зборовите на британскиот експерт Мод Карпелес играта на Русалиите била совршена,и невидена за јавноста во Лондон.Со тоа тие привлекле и многу внимание кај медиумите.
Мод Карпелес во 1964 година има напишано и книга: “Фолклорот во Европа„ каде во делот за Македонија ги анализира трите песни:“Биљана платно белеше“ , “Столе ми се ожени“ и “Цуцул“
Ислустрацијата е од статија посветена на фолклорот од весникот „Политика„ од 1939 година, три години покасно од настапот во Лондон.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *