НА ДЕНЕШЕН ДЕН 1871 ГОДИНА ВО СМИЛЕВО Е РОДЕН ДАМЕ ГРУЕВ, МАКЕДОНСКИ РЕВОЛУЦИОНЕР, УЧИТЕЛ И ВОЈВОДА

WEB Телевизија во живо

Како македонски деец се залага за самостојна Македонија. Во своето писмо до главниот инспектор Хилми-паша од 1903 година ги образложува причините за Илинденското востание, а во него меѓу другото се вели: „Досега сте можеле да се убедите дека Македонците си стојат на зборот и вие, имено вие, би требало да ги научите од нас правилата на воената чест… Ние не очекуваме помош од Европа. Ние се надеваме со сопствени сили да ги уништиме вашите храбри војници…“ Доста е, подобро ужасен крај, отколку ужас без крај! – Даме Груев
Дамјан или Даме Груев, потекнува од ѕидарско-печалбарско семејство. Роден е на 19 јануари 1871 година во Смилево, Демирхисарско.Се школувал во родното место , а потоа во Солунската машка гимназија. Од 1891 до 1893 година бил учител во селото Смилево и во Прилеп.

Од летото 1894 година почнал да ги формира првите револуционерни комитети на македонската револуционерна организација во повеќе градови и села во Македонија. Бил учител во Штип и инспектор во Солунско, а потоа и гимназиски наставник во Битола и раководител на Битолскиот револуционерен округ.
Во август 1900 година бил уапсен и затворен во битолскиот затвор, а од мај 1902 година бил заточен во Подрум Кале, во Мала Азија. Бил претседател на Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ на ТМОРО од 2 до 7 мај 1903 година, на кој бил избран за член на Главниот штаб на востаниците на претстојното Илинденско востание, во кое активно учествувал.

По неуспехот на востанието ја продолжил својата револуционерна дејност. Во 1904 година претседавал на Прилепскиот подвижен конгрес, а извесно време бил и претседател на Окружниот комитет на Скопскиот револуционерен округ и на Рилскиот конгрес, во октомври 1905 година.
Во средината на декември 1906 година Санде Китанов заедно со Даме Груев, Горги Карчев. Георги Поп Стојанов, Владимир Чопов тргнале во правец на Малешевијата. Уште на самиот почеток тие биле поткажани и била организирана потера по нив. На 22 делември 1906 година четата ноќевала во беровското село Русиново, кое било опколено од многуброен аскер.
 
За да не настрада невино население, македонските револуционери другиот ден рано утрото на 23 декември 1906 година побрзале да се извлечат од селото при што дошло до престрелка. Прв бил убиен Георги Поп Стојанов, а потоа бил погоден и војводата Сандо Китанов, кој пред да почине извикал „Браќа умирам, да живее Македонија“. Првично Карчев и Даме Груев се извлекуваат но на стотина метри од врвот Петлец паѓаат во нова заседа и загинваат.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *