ВИКЕНД ЗА ПАМЕТЕЊЕ – ВО ГЕВГЕЛИЈА СЕ ОДРЖА ПРВОТО ИЗДАНИЕ НА ТРКАТА НА ИЗДРЖЛИВОСТ-„PUNKS BACKYARD ULTRA“

WEB Телевизија во живо

Првото издание на Punk’s Backyard Ultra, уникатниот концепт на возбудлива атлетска трка позната по својот исцрпувачки тест на издржливост и ментална цврстина, за прв пат во Македонија, се одржа викендов во Гевгелија. Домаќин беше бањскиот комплекс Негорски Бањи, а организатор Асоцијација за промоција и управување со проекти и настани во планинско трчање и други планински спортови ТРЕКС од Скопје, организатори на ултра треил трките Крали Марко Треилс, Водно-Матка Треилс, Охрид Ултра-Треил и Струмина Треил.
 
Тие имаа сесрдна логистика од АК 7-ми Ноември Гевгелија, Општина Гевгелија, АМД „Дичо Панов“ и голем број помагатели.Трката привлече над 60 најрешителните и најавантуристичките тркачи од Македонија, Полска, Косово, Грција, Србија и Словачка.
 
Последниот кој остана да се натпреварува со самиот себе беше Жикица Ивановски, кој истрча 18 кругови или 120 километри. Прва во женска конкуренција беше Радмила Јованова со истрчани 17 кругови, или 114 километри, а трет во генерален пласман беше Влатко Семенаков, со истрчани 16 кругови и веројатно е првиот гевгеличанец кој истрчал на ваква трка 107 километри.
 
Инаку, „честа“ на Гевгелија на оваа трка ја бранеа Дарко Прошев, кој истрча 8 круга, 56 километри, Влатко Семенаков 107,2 км., Валентина Узунова, која истрча 10 кругови, Методија Ичев, 12 кругови, или 80 километри Станислав Стојменов и Марјан Туртуров со истрчани 9 круга, кои испишаа уште една златна страница во историјата на гевгелиската атлетика.
 
Дејан Крле, директор на трката, по трката ни изјави: „Ова беше навистина викенд за паметење. Поставивме нови стандарди во ултра маратонското трчање во Македонија, со организирањето на ваков вид на трка, единствена на Балканот. Патеката на Негорските бањи е прекрасна, поголемиот дел е трасирана МТБ патека и земјен пат, со многу малку асфалт. Се погриживме сите натпреварувачи да имаат одлични услови за трката. Времето беше сончево со температурен интервал од 0-10 степени целзиусови. На крајот, задоволството е и наше, а верувам и на атлетичарите. Честитки за сите оние кои ја тестираа својата издржливост до раните утрински часови. 
 
Punk’s Backyard Ultra е доказ за човечкиот дух и издржливост, и ги предизвикува учесниците да ги надминат своите перцепирани граници. Форматот на трката е навистина едноставен, но уникатно предизвикувачки – тркачите завршуваат круг од 6,7 километри во рок од еден час, а штом ќе заврши часот, тие мора да го започнат следниот круг. Трката продолжува додека не остане само еден тркач на нозе – вистински тест за ментална отпорност и физичка издржливост. Тркачите се откажуваат од трката поради 3 главни причини: неуспех да се заврши круг во рок од еден час, неуспех да се биде на стартната линија пред да започне следниот круг и прифаќање на поразот со зборовите „Брату, тука ми е крајот, ќ’умрам“
 
Најуспешните тркачи на Backyard Ultra се стремат кон време за одмор од 14 до 18 минути, обидувајќи се да истрчаат 6,7 km за 42 до 46 минути.Инаку, светскиот рекорд е 102 круга, односно 684 километри.
„Го смислив концептот за бекјард ултра пред околу 50 години, додека сè уште бев млад тркач и штотуку почнував. 6.706 км на час, секој час додека не остане само еден човек. Не можете да имате лош час. Само добри и големи“, има изјавено изумителот на оваа трка, Гери Кантрел т.н. Лазарус Лејк, кој со задоволство ја прими веста дека и во Македонија почнува да се организира ваков вид на ултра маратон.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *