РОЗИТА АНДОНОВА, ПСИХОЛОГ:

WEB Телевизија во живо

„РАБОТАТА СО ГРУПАТА ЗА ПСИХОЛОШКА ПОМОШ И ПОДДРШКА НА ОНКОЛОШКИ ПАЦИЕНТИ ИМА ПОЗИТИВНО ВЛИЈАНИЕ ВРЗ НИВНОТО МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ И КВАЛИТЕТОТ НА ЖИВОТОТ.
 
Кажете ни нешто повеќе за двегодишната работа со Групата за психолошка помош на онколошки пациенти?
 
По иницијатива на Здружението на онколошки пациенти „Љубов сме/Jemi Dashuri“ на 29.10.2018 година потпишан е меморандум за соработка со Комората на психолози на Република Македонија. Истата година во соработка со „Амигдала“ формирана е Група за психолошка помош и поддршка на онколошки пациенти.
Во 2020 година се случи пандемијата со Ковид-19 и истата група продолжи да функционира онлајн заради условите кои го налагаа тоа. Тоа беше време исполнето со неизвесност и разни предизвици. Функционирањето на Групата за психолошка помош и поддршка онлајн, овозможи во групата да се вклучат онколошки пациенти од територијата на целата наша држава. Во мај 2020 година заради пандемијата со Ковид 19, Групата за психолошка помош и поддршка на онколошки пациенти започна со програма на Зум-платформата (www.zoom.us), секоја среда. За осмислувањето на содржината на работилниците и работа со групата беа задолжени основачот на групата и психолозите кои зедоа учество во Групата за психолошка помош и поддршка, кои ги користеа сопствените знаења од областа на здравствената психологија и психотерапијата, со примена на психолошки техники и методи од психолошки и психотерапевтски правци за кои се едуцирале и стекнале соодветни знаења и вештини.
Во групата за психолошка поддршка како психолог, психодрама терапевт под супервизија,уште од почетокот зедов активно учество заедно со повеќе психолози.
 
Иако психотерапијата не може да излечи рак, таа може да му обезбеди на пациентот преку различни „психолошки алатки“,полесно да се справи со своето ментално здравје. Кои се тие алатки што ви стојат на располагање на вас психолозите и психијатрите, односно кои психолошки интервенции користите во Групата, кај болните од рак?
 
Пред се, најважен е хуманиот пристап кон болниот, тоа е основа за да се создадат поволни услови кои се неопходни во процесот на лекувањето, а стекнувањето доверба е основа на секој терапевтски однос. Кога некој ќе се соочи со дијагнозата, не знае што понатаму и затоа секоја информација е многу важна. Потоа, потребно е охрабрување и поттикнување на позитивен и активен став кон лекувањето, коригирање на актуелните конфликтни ситуации кои може да влијаат негативно на дијагностичкиот и терапискиот процес, намалување и отстранување на тегобите и воспоставување на психичка рамнотежа
За да се работи на разрешување или барем ублажување на психолошките потешкотии потребни се добри комуникациски вештини, а пред се потребно е здравствениот професионалец да има работено на себе, на личен и професионален раст. Само професионалец кој ја има прифатено сопствената смртност може да работи со лица кои се соочуваат со тешка здравствена состојба. Некои лекари сеуште избегнуваат да му јасоопштат точната дијагноза на пациентот. Во 1960-те години, во САД и Англија започнува да се развива филозофијата на палијативното згрижување, во чија основа е хуман и мултидисциплинарен пристап кон луѓето на умирање, што влијаело да се јават сè помасовни движења за правата на пациентите со што започнува да се развива психоонкологијата.
 
Кои се повратните ефекти кај пациентите со кои сте работеле?
 
Психосоцијалната помош, психолошката поддршка и психотерапијата во секоја фаза од болеста се потребни и корисни за секој кој се соочува со канцер, а тоа го потврдуваат бројните истражувања и праксата.
Пациентите кои користеле психолошка поддршка или психотерапија во голема мера имаат позитивно влијание врз општото ментално здравје, квалитет на животот и посттрауматски раст. Пред себе ги гледав како се справуваат со сите предизвици, како се зајакнуваат, како си го организираат животот и како квалитетно живеат во сегашноста. Најмногу ја видов и ја почувствував ЉУБОВТА кон животот, кон себе, кон другите луѓе, кон другите суштества, кон опкружувањето, кон постоењето…..
 
Слушаjќи секојдневно низ каква голгота поминуваат пациентите, тоа ве поттикна да направите две истражувања. Што утврдивте со нив и какви насоки можете да дадете во врска со работата со онколошките пациенти?
 
Сакав да научам повеќе за да можам да дадам и поголем допринос. Ме интересираше дали ова што го работам има некаков ефект. Постојат многу истражувања во светот со кои се потврдило дека има бенефит од психолошката помош и поддршка. И моите две истражувања покажаа дека има бенефит од психолошката помош и поддршка.Слободно можам да кажам дека не е важно кој психотерапевтски правец и кои техники ќе се применат, важно е да се воспостави добар однос клиент-терапевт и да се следат актуелните потреби на клиентот.
 
Неодамна изработивте и го одбранивте магистерскиот труд кој е прв од ваков тип во Македонија. За каков труд се работи?
 
За магистерскиот труд најпрво започнав со истражување на менталното здравје на онколошките пациенти во Македонија, но само тројца мажи одговорија на прашалниците и со тоа бев принудена истражувањето да го пренасочам само за лица од женски пол и малку да го изменам. Тогаш добив идеја истражувањето да биде за ефективноста од психолошката поддршка.
Во едното истражување беа вклучени 92 испитанички кои беа поделени во две групи. Едната група беа жени со онколошки заболувања кои користеле психолошка поддршка, а другата, контролна група, беа жени кои не користеле психолошка поддршка. Со истражувањето се потврди дека жените со онколошки заболувања кои користеле психолошка поддршка имаат повисоко ниво на општо ментално здравје и кај нив има посттрауматски раст, додека кај жените со онколошки заболувања кои не користеле психолошка поддршка општото ниво на ментално здравје е пониско и нема значаен посттрауматски раст.Сето ова го поткрепив и со мета-анализи и претходни истражувања објавени во стручни списанија.
 
Другото истражување го направив на предлог на мојата менторка и тоа значеше да ја опишам мојата работа во Групата за психолошка поддршка на онколошки пациенти. Во оваа група работев онлајн и применував психодрамски техники. Резултатите од истражувањето покажаа дека на почетокот општото ментално здравје кај 20-те редовни членки во групата е на пониско ниво, а на крајот од истражувањето, односно по две години групна психотерапија општото ниво на ментално здравје е на високо ниво. Со тоа што се работеше онлајн и се користеа психодрамски техники, може да се дојде до заклучок, исто така, психодрамските техники и онлајн психолошката поддршка допринесуваат за повисоко ниво на општо ментално здравје.
 
Групата за психолошка помош и поддршка беше организирана со цел учесниците да се запознаат со психолошкиот аспект на малигната болест и механизмите за справување со психолошките потешкотии, да се поврзат меѓусебно, да стекнат впечаток дека не се сами и дека не се единствени кои се соочуваат со исти или слични потешкотии во процесот на справување со болеста, да добијат и споделат информации и искуства во една топла, сигурна и слободна средина. Групата, како топла, сигурна и слободна средина ги охрабрува учесниците кога ќе бидат спремни да ги изразат своите емоции, мисли и прифатениот образец на однесување, без да бидаткритикувани, исмевани или осудувани.
 
За менталното здравје не се зборува отворено и сèуште владеат стереотипи во однос на менталните болести и состојби. Групната психотерапија и работилниците од овој тип придонесоа за промени во однос на ставот кон важноста од зачувувањето и унапредувањето на менталното здравје, прифаќањето на емоционалните реакции како прифатливи, „нормални“ и човечки, како и за отвореноста кон психотерапијата.
На Конгресот на психолози кој што се одржа годинава на 11-ти ноември одржав предавање на тема: Група за психолошка поддршка на онколошки пациенти. Многу ме израдува тоа што голем број на колеги беа заинтересирани за предавањето. Сето ова ме поттикнува да продолжам да давам свој допринос во оваа област.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *