БОБАН ХУСЕНОВСКИ, АРХЕОЛОГ ОД НУ МУЗЕЈ ГЕВГЕЛИЈА:

WEB Телевизија во живо

„ПРВОТО ВРАЌАЊЕ НА ДЕЛ ОД НАШЕТО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО СЕ СЛУЧИ ВО 2006 ГОДИНА ОД СЛОВЕНИЈА“
 
Околу актуелната тема деновиве, за реституцијата на дел од нашето културно наследство во текот на изминатиte години од независност на нашата држава, за „Вечер“ разговаравме со археологот, кустос советник од Народниот музеј во Гевгелија, Бобан Хусеновски.
 
– Како гледате на реализацијата на реституцијата на дел од културното наследство на РМ од Албанија. Иконите повторно се вратија дома.
 
Во контекст на големиот успех на враќањето на украдените икони, со големо разбирање и посветеност на настанот од страна на Албанија, тоа е фактички продолжение на реституцијата, која скромно и ретко ни се случува наназад педесетина години. Треба да се истакне, дека тоа не е непознат процес во нашата пракса, таков прв случај, по осамостојувањето на Република Македонија, се случи во 2006 год. Благодарение пред сѐ на високата свест за заштита на културното наследство и искреното пријателство со Република Словенија, таа ќе биде прва земја, членка на ЕУ, која ќе го врати културното наследство на една земја-кандидат за членство во унијата, во случајот на Република Македонија.
Но, за воља на вистината, почетоците на реституцијата на нашето културно наследство, поврзано е со 1972 год., со среќниот епилог на украдената слика на Пабло Пикасо (“Глава на жена”, масло на платно од 1963 год.), која една година претходно, била украдена од сталната поставка на Музејот на современа уметност во Скопје. Да не заборавиме дека таа слика Пикасо, ја подари на градот Скопје во акцијата на солидарноста по повод скопскиот земјотрес. Еден од заслужните, ако не и најзаслужната личност за ова подарено ремек-дело, да не заборавиме е проф. д-р Борис Петковски, првиот директор на МСУ во чије време институцијата стана светски позната.
 
– Ми споменавте дека работите на нов труд, монографија која е посветена на развојот на музеологијата и музејската дејност во Гевгелија, односно на оваа проблематика?
 
Токму за тоа бев поттикнат да кажам нешто повеќе за реституцијата на културното наследство во Гевгелија, односно во рамки на Република Северна Македонија. Тие процеси се дел од обидот на државата да го поттикне процесот на идентификација, валоризација и создавање на услови за враќање на националното културно наледство, за кое постои извесна евиденција и документација.
Во прилог на тоа, да споменам дека прв случај на спасување на поединечно културно наследство, сега категоризирано како културно наследство од исклучително значење е уникатниот музејски предмет – сад за загревање на течности, познат под името – “Аутепсата” од Гевгелија. Во почетокот на 2001 год., благодарение на професионалиот однос на одговрните лица во МВР на Република Македонија и Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата од Скопје, предметот беше спасен и конфискуван на излезот на граничниот премин Богородица кон Република Грција.
 
За споменатиот настан во 2006 год., по пристигнатата пријава на царинската и полициската служба на Република Словенија, дека кај државјанин од Република Македонија кој управувал со автобус од Република Хрватска кон Република Германија, се откриени археолошки артефакти, кои тој се обидел нелегално да ги пренесе преку граничниот премин Обрежје. Веднаш потоа добивме информација дека истите се одземени, а сторителот приведен. Артефактите по завршување на претресот и изречените мерки врз сторителот, биле предадени на Народен музеј од Љубљана.
Сложениот процес на идентификација и експертиза на украденото културно наследство, кој помеѓу двете држави траеше нешто повеќе од една година, најде на голема подршка од страна на Благоја Стефановски, тогашниот министер за култура на Република Македонија.
 
Во контекст на постоечките меѓународни конвенции, препораки и статути на Меѓународни организации за заштита на културно наследство, Јован Ристов првиот директор на новоформираната Управа за заштита на спомениците на културата во Скопје, по добиената информација, формира стручен тим за експертиза на украдените движни наоди. Илчо Бојчевски и м-р Звонимир Николовски како претставници на Управата за заштита и Бобан Хусеновски археолог и директор на НУ Музеј – Гевгелија, според пристигнатата документација, одземениот материјал, првично го идентификуваа како дел од корпусот на движни наоди од праисториски и антички период, типичнен за гевгелиско-валандовските археолошки локалитети.
 
Се работеше за колекција на артефакти од над 200-тини парчиња, чие хронолошко вреднување, се движеше во интервал помеѓу VII и I век пр.н.е.
По долги консултации и размена на мислења, стручниот тим од Република Словенија (д-р Александар Кос, директор на Народен музеј во Љубљана, д-р Дамјан Преловшек директор на Републички завод за заштита на културното наследство на Република Словенија и археолог д-р Нева Трампуж Орел), ја прифатија нашата стручна аргументација за потеклото на артефактите, со што патот за враќање на украденото културно наследство во Република Македонија, беше отворен. Зад координацијата и реализацијата на овој осетлив меѓудржавен процес стоеше амбасадата на Република Македонија во Република Словенија, односно личниот ангажман на н.е. Самоил Филиповски, тогашниот амбасадор на Република Македонија и советникот во амбасадата г-ѓа Џулија Богатинова.
 
На обострано задоволсто на стручните тимови на Република Словенија и Република Македонија, на одржаната свечана седница на 12.10.2006 год., во просториите на Народен музеј вод Љубљана, се реализира толку очекуваното примопредавање на спасеното културно наследство.
Враќањето на запленетиот археолошки материјал во матичната земја, всушност е и прва позитивно решена реституција на културно наследство во полза на Република Северна Македонија, и како таква, несомнено треба трајно да остане забележана во аналите на националната музеологија и заштитата на културното наследство.
За жал, по враќањето во Република Македонија, во средиштето на тогаш актуелните политички проецеси, и промената на персоналните раководни решенија во министреството за култура и националните музејски установи, артефактите не се вратија во матичниот регион, односно во надлежниот Музеј во Гевгелија.
 
Какви нови информации ни доаѓаат од Филдовиот музеј од Чикаго, односно од изложбата “Првите кралеви на Европа” ?
 
Големата меѓународна изложба под наслов “Првите кралеви на Европа”, на која учестваат повеќе земји од Балканот и југоисточна Европа, помеѓу кои и Република Северна Македонија, пред извесно време, според утврдената агенда се затвори во Филдовиот музеј од Чикаго. Уште еднаш да споменеме, дека во контекст на нашата поставка, НУ Музеј – Гевгелија ја претстави својата “Дама од Милци”, од раниот VII век пр.н.е., откриена на истоимената некропола. За текот на изложбата, како директни учесници во припремата и реализацијата на истата, редовно добиваме информации од страна на менаџерскиот тим на Филдовиот музеј. Од последниот статистички извештај за посетеност на изложбата “Првите кралеви на Европа”, нѐ информираат дека изложбата ја посетиле 175154 редовни посетители во текот на работно време на установата, односно 24% од сите посетители на Музејот, заклучно со месец ноември тековната 2023 година.
Моментално целокупниот состав на изложбата се подготвува за транспорт за Гатино/Отава, каде во Историскиот музеј на Канада, изложбата ќе биде отворена од 5 април 2024 до 19 јануари 2025 година. По тој датум сите национални изложби се враќаат во матичните држави, а во најава е информацијата дека дел од државите учеснички на изложбата “Првите кралеви на Европа”, сакаат истата да ја пренесат во своите национални музеи.
Верувам дека таков интерес ќе се пројави и кај нашето ресорно министерство и националните музејски установи.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *