100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ

WEB Телевизија во живо

„ЈАЗИКОТ Е НАШАТА ЕДИНСТВЕНА ЦЕЛОСНА ТАТКОВИНА“
 
Јазикот во визијата на Конески станува симбол за спасот, слично на Ноевата арка, во која може во јазичното паметење да се спасат и сочуваат историјата и преданијата, приказните и песните на македонскиот народ. И имињата на предците во безимените гробови зад новите балкански граници. Литературата, како полнота на јазичното творештво, за Македонците во духот на Конески е спасително паметење, ќе рече Кица Колбе.
 
На денешен ден, 19 декември, во Небрегово е роден Блаже Конески – македонски писател, академик, јазичар и национален деец. Тој е втемелувач и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и виден книжевен, културен и јавен работник: академик, поет, прозаист, есеист, литературен историчар, филолог и лингвист, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје, прв претседател на Македонската акадамија на науките и уметностите (МАНУ), личност во која се огледува духовниот континуитет на македонскиот народ.
 
Како научник-славист, тој ги направил најголемите чекори за македонскиот литературен јазик. Учествувал во комисијата за азбука, учествувал во составувањето на првиот македонски правопис, ја напишал Граматиката на македонскиот јазик, Историјата на македонскиот јазик, тој е еден од составувачите и главен редактор на Речникот на македонскиот јазик (во три тома).
Колку што е симболика, толку е и иронија на балканската историја што и по сто години од неговото раѓање, Македонците повторно ја бранат не само посебноста на македонскиот јазик и на македонската националност, туку и правото на нив – и тоа пред сета европска јавност!
 
Само поет како Конески можел парадигмата на творештвото да ја препознае во скромноста на везилките. Затоа можел, опишувајќи го творештвото како мистично доживување, да напише дека тој песната „Тешкото“, на своите 25 години, не ја создал, туку само ја „открил“. Со право вели Славко Јаневски, „Блаже никогаш не ќе е минато!“ Тој е и денес со нас. Посилно од кога било досега!
.Тој целосно се вградил себеси во темелите на македонската национална култура, наука и образование. Тој, со нему својствената скромност, вели дека тогаш морала да се создаде „живата снага на нашиот јазик“, а тоа можело да се оствари само со развивањето на нашата култура во сите области. 
 
Можеби би било полезно актуелните македонски политичари барем во оваа јубилејна година да го препрочитаат Конески, за да сфатат каков завет им оставил тој? Имено, дека со македонскиот јазик, и со се‘ што е кажано и напишано на него, се приближуваме кон нашата „идеална татковина“. Токму затоа Георги Старделов рече во едно слово за Конески дека тој е личност во која се огледува духовниот континуитет на македонскиот народ.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *