„ОТКОРНИ ЈА ПЕСНАТА ОД ТВОЈАТА ДУША“- КНИГА И АЛБУМ НА ЕТНОГРАФОТ МАРТИН КЕНИНГ

WEB Телевизија во живо

АМЕРИКАНСКА ПРИКАЗНА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ИЗВОРЕН ФОЛКЛОР.
„ОТКОРНИ ЈА ПЕСНАТА ОД ТВОЈАТА ДУША“- КНИГА И АЛБУМ НА ЕТНОГРАФОТ МАРТИН КЕНИНГ
 
( Изворната македонска музика сама по себе зборува многу, Ве влече и Ве обзема и Ви вели – Јас сум Македонец! Приказната е моќна, има успони и падови, среќни моменти, но и страдањето на македонскиот народ за да создаде сопствена нација, битка што е актуелна и до ден денес, а музиката е голема сила да се успее во таа битка“.)
 
Оваа книга е напишана од продуцентот Мартин Кениг, основач и директор на Балканскиот центар за уметност во ЊуЈорк, Соединетите Американски Држави. Тој ја посетил Македонија неколку пати, во периодот од 1966 до 1998, кога ги истражувал и снимил традиционалните македонски песни и ора во нивната изворна верзија. Своите истражувања во гевгелискиот и велешкиот крај ги објавил во 2015 година во книгата „Откорни ја песната од својата душа„. Тогаш е промовиран и компакт дискот со ист наслов.
 
Директорот и кустос на „Фолквејс рекордингс“, Ден Шихи, за книгата на Мартин Кениг и музиката на овој албум има изјавено: „Мошне сме пребирливи. „Kога бираме, бараме добра музика и одлична приказна, а музиката сама по себе зборува многу, Ве влече и Ве обзема и Ви вели – Јас сум Македонец! Приказната е моќна, има успеси и падови, среќни моменти, но и страдањето на македонскиот народ да создаде сопствена нација, битка што е актуелна и до ден денес, а музиката е голема сила да се помогне во таа битка“.
 
Дискот е во издание на „Смитсонијан Фолквејс“ и претставува своевидна звучна временска капсула на музичкиот живот во Македонија од 1960-тите години на минатиот век. Музичкото ЦД е составено од песни и ора од три музички жанрови: женско селско пеење, зурли-тапан ансамбли и чалгаџиски песни. Опсежните белешки напишани од Мартин и етномузикологот Соња Симан даваат дополнителен увид во богатата традиционална култура на Македонија и музичките традиции вклучени во оваа книга и на овој албум.
 
Интересот на Кениг за македонскиот фолклор бил поттикнат од средбата со етномузикологот Атанас Коларовски, кој одржал Работилница за македонскиот фолкор во ЊуЈорк во далечната 1959 година. Веднаш се вљубил во македонското оро и македонските песни и посакал да игра и да пее како Коларовски,како и да ја посети Македонија. Во 1968 година Мартин Кениг поминува две недели во Македонија, каде освен Велес, ја посетува и Гевгелија. Сите снимки за албумот ги направил во Македонија токму во периодот меѓу 1968-та и 1973-та. 
 
Нумерите на него за прв пат биле пеени кон крајот на 19-ти и почетокот на 20-ти век, кога спомените од тешките години од турското ропство биле се` уште свежи. „Репертoарот и стилот на подоцнежните ансамбли, влечеле корени од моделите од регионални уметници претставени во овој албум. Наспроти традицијата на професионални инструментални ансамбли во градовите, соло настапите и пеењата во помали групи биле главна карактеристика во руралните области ширум Македонија“, истакнува Кениг.
 
Мартин Кениг и Соња Симан обезбедуваат уникатен увид преку звучните записи, во македонската изворна музика од средината на 20 век во Македонија со историски и културен контекст за секоја песна, со нотните записи, како и со превод на сите текстови на англиски јазик . Седумнаесетте песни претставуваат седумнаесет музички скапоцени камења, никогаш досега не забележани на носач на звук .
 
Од своето искуство низ годините, Кениг ја издвојува автентичноста, основата на македонската традиционална музика и танц. „Доколку петмина танцуваат, на пример, сите тоа го прават различно, но неверојатно е како се` изгледа синхронизирано“.Фотографијата на обвивката на албумот го отсликува токму тоа, вели тој,. „Насмевката на лицата кажува се`“, посочува тој, изразувајќи воодушевеност од разновидноста на музиката, разновидноста на стилот на танцот и, како што ја нарече, целокупната милозвучност.
Овде, во Америка, има малку или воопшто нема информации за вашата култура. Почитувањето на американските вредности е важно, но треба и да се сочува она што е ваше, зашто со тоа сте побогати“.
Додека снимал, Кениг согледал дека ако не се заштити, оваа форма на музика и танц ќе исчезне мошне брзо и си дал задача да стори се` што може. И навистина сторил, со издавањето на книгата и првиот албум со македонска изворна музика снимен во САД!
 
На албумот „Откорни ја песната од својата душа“, се снимени женската пејачка група од село Петрово, групата составена од две зурли и тапани на од Гевгелија на Ѓорѓи Шарланџиев , Илија Гулев, и Тодор Гошев и чалгаџиската група од Велес предводена од Алексо Тончев. Кениг е импресиониран од музикалноста и виртуозноста на овие пејачи и свирачи, кои немале никакво музичко образование и не се занимавале професионално со музика. Преку денот, пишува тој во својата книга, тие работеле како овчари, сточари, плетачи на дрвени кошници, рудари и фабрички работници. Пееле додека работеле, а пееле и танцувале во слободното време. Во село Петрово, мало село во подножјето на планината Кожуф, каде воздухот бил чист но животот на селаните тежок, Кениг ја запознава Марија Мицова. Таа, како многутемина селани, работела во полето каде одгледувале зеленчук и овошје
 
За Мицова разбрал дека била толку срамежлива жена, што тоа ја спречило да ја прифати поканата од Радио Скопје и да сними песни за националното радио. Кениг едвам ја натерал тоа да го стори за него, за да може да ги сними песните „Зела мома нови стомни„, Мори кажи, кажиТоде бре сину„, Јана боле бело грло„ и „Црна се чума зададе„.
За себе, Мицова кажала дека се што работела, го правела тоа пеејќи. Бев најдобрата пејачка, со многу силен глас, и кога ќе запеев во полето, мојот глас одекнуваше, одбивајќи се од планините, и сите знаеја дека пеам јас, му кажала Мицова.
 
Во Гевгелија, Кениг се сретнал со група од двајца зурлаџии, Ѓорѓи Шарланџиев и Илија Гулев, како и Тодор Гошев кој чукал на тапани. Тоа била ромска група која свирела на разни забави и веселби низ градот и околината. Претходно, првпат се запознал со нив во 1967 година, кога тие биле придружни музичари на играорците од село Петрово на Интернационалниот фолклорен фестивал во Загреб.
 
„Ме воодушевија, вели Кениг со своето брилијантно музицирање и меѓусебно надополнување, како да свиреле заедно од секогаш. За жал, вели Кениг, кога последен пат бев во Гевгелија и гевгелиско, во 2012 година, повеќето од нив, освен еден беа починати“.
Во последните неколку години Мартин Кениг работи да ја изложи и објави својата уникатна и обемна колекција на фотографии снимени во Југоисточна Европа, поточно во Македонија, Србија, Бугарија и Грција, складирани во датотеки и кутии вметнати во секој достапен простор во неговиот дом и канцеларија.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *