ГЕВГЕЛИЈА ОВОЈ ВИКЕНД ЌЕ БИДЕ ДОМАЌИН НА НАЈГОЛЕМИОТ СПОРТСКИ НАСТАН ВО РЕГИОНОТ – “ТРКАТА „NOVEMBER RUN 2023“

WEB Телевизија во живо

Овој викенд, во сабота и недела, на 4 и 5 ноември, Гевгелија ќе биде домаќин на третата по ред трка „NOVEMBER RUN 2023“. Организаторите, Општина Гевгелија и „АК 7-ми Ноември“ на прес конференцијата организирана денес напладне, го соопштија податокот дека со пријавени над 2300 учесници од кои над 1000 од Македонија и шеесеттина од 15 држави, Гевгелија, два дена ќе биде вистинска престолнина на атлетиката. .
 
На прес конференцијата, градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, со задоволство констатираше дека се е подготвено за третото издание на трката „NOVEMBER RUN 2023“ при што им оддаде признание на организаторите на трката за напорот што го вложија во самата организација. Тој истакна дека на оваа трка, од година во година учествуваат се поголем број на тркачи со што даваме, рече тој, придонес во менување на навиките на граѓаните, затоа што се поголем број рекреативци од општината и пошироко трчаат на овие трки, со што индиректно влијаат на здравиот начин на својот живот. Со бројот на учесниците оваа година, атлетската трка „NOVEMBER RUN 2023“ ќе биде најголемиот спортски настан во регионот и пошироко.
 
Членот на организациониот одбор на трката Драган Ристов, ги информираше медиумите за техничките податоци и текот на одвивањето на четирите предвидени трки.
Така, во сабота, истакна тој, на 4 ноември, на програмата се две трки, детската, на која ќе учествуваат над 600 дечиња поделени во три категории и, за прв пат инклузивната трка „ RUN TOGETHER“ на 1 километар, која е за сите хумани и лица со попреченост, и организирана во соработка со Фондацијата „Ице Бегов, на која се очекуваат над 500 учесници.
 
Елена Бегова, од фондацијата, потенцираше дека ова ќе биде прва ваква трка организирана во Македонија и дека се надева таа да стане традиционална. Александар Ристевски, од фондацијата „Аполонија“ ги повика гевгеличани да земат активно учество и во хуманитарниот базар, што ќе се организира, а по повод 7-ми ноември.
За недела, 5 ноември, е предвиден главниот настан, односно трките на 5 и 10 километри. Трката на 10 километри воедно е и главен настан за државното првенство, па победникот ќе биде прогласен за државен шампион од Атлетската Федерација на Македонија.
 
Трката „November Run Gevgelija 2023“, потенцираше Ристов, е организирана според правилата на IAAF, Атлетската федерација на Македонија и согласно важечките законски прописи. Она што е новина оваа година е фактот што атлетичарите ќе трчаат на сертифицирана патека по AIMS стандардите. Имено, пред неколку дена, појасни Ристов, беше извршено мерење на патеката по која ќе се одвиваат уличните трки на „NOVEMBER RUN GEVGELIJA 2023“.
 
Мерењето го изврши Борут Подгорник, бивш маратонец, а денес атлетски судија и мерач на тркачки патеки со А лиценца. Со тоа, Гевгелија, после Скопје и Битола, стана трет град во кој постојат вакви сертифицирани патеки.
Патеката за трката „November Run Gevgelija 2023“ е кружна, при што учесниците на трката на 5 км трчаат еден круг, додека учесниците на 10 километри трчаат два круга.
Стартот и целта на патеката е на ул. 7-ми Ноември во центарот на Гевгелија, во близина на Народниот театар
 
Предвидени се и парични награди за првите петмина во трката на 10 километри во машка и женска конкуренција и за првите три места во трката на 5 километри, исто така во машка и женска конкуренција, како и за оние натпреварувачи кои ќе ги срушат рекордите на 5 и 10 километри.
Најдобрите Македонски тркачи ќе се појават во Гевгелија, а ќе има и одлични натпреварувачи од соседните држави, што претставува предуслов да присуствуваме на добри трки и постигнување на одлични резултати, заврши Ристов.
 
И двата дена, во текот на трките ќе има забавна програма за гледачите.Првиот ден ќе настапат групата „Фонија“, Chill out и DJ H2O, a на вториот ден за забава ќе се погрижат „Хитс бенд“ и DJ Lichen. Водител, како и секоја година ќе биде Виктор Петков-Викса.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *