ДВЕ ДЕВОЈКИ НА ТОЧАКОТ ОД ГЕВГЕЛИЈА, ПАВЛИНКА И АНА МАРИЈА, ОПАСНО СЕ ВОЗАТ НИЗ ПЛАНИНИТЕ И ПОРАЧУВААТ:

WEB Телевизија во живо

„ВОЗЕЊЕТО ВЕЛОСИПЕД Е ВИСТИНСКИ ПРИРОДЕН АНТИДЕПРЕСИВ“
 
Велат, возењето велосипед е една од оние работи кои кога еднаш ќе ги научиш, никогаш не ги забораваш. Во последните години кај гевгеличанки и гевгеличани, особено откако се формира велосипедскиот клуб „Гевгелија точак клуб“, велосипедот стана едно од омилените превозни средства. Гевгелија, велат „рамна како тепсија“, душа дала за возење велосипед. Не се работи за помодарство, туку за љубов и потреба. Нема фамилија во градот и населените места која нема по два до три велосипеди. Некои возат до своето работно место, некои за намалување на килограмите а други пак од задоволство.
 
Ја знаете она популарна песна на „Пеперминт“- „Девојката со точакот“
„И, значи стварно ми е супер, кога тебе ќе те видам како возиш опасно со точакот“
А, јас, пред извесно време, не само што видов една, туку дури две девојки кои опасно ги возеа своите велосипеди, и тоа не на рамно, во градската средина, што се вели, туку на планината „Кожуф“. Доволен предизвик да ги застанам и да помуабетам за нивната љубов кон велосипедот и планината.
 
Павлинка Карајанова и Ана Марија Танова се две гевгеличанки кои уживаат често да возат заедно велосипед, и кои не само што внимаваат на својот изглед туку се грижат и за изгледот на ова корисно превозно средство, кое не троши пари за гориво. За Ана Марија е интересно тоа што наоѓа време за возење велосипед и покрај тоа што има три дечиња, а малку слободно време. Kога ги сретнав возеа паралелно, такво излезе и нашето интервју за весникот „Вечер“. Едно прашање, два одговора.
 
Од каде љубовта кон возењето велосипед, од мали нозе или подоцна?
 
Павлинка:
„Од мали нозе.Во моето маало сите деца имавме велосипед, и кога пораснав, љубовта кон велосипедот ја негував и понатаму.“
Ана Марија:
„ Љубовта кон возењето велосипед се појави пред неколку години во еден за мене стресен период,велосипедот беше мојот издувен вентил“
 
Кој те научи како малечка да возиш точак, мама или тато, или бато?
 
Павлинка:
„Ниту, мама, ниту тато, ниту бато, туку дада, и она што е најинтересно не на улица, туку во нашата дневна соба“
Ана Марија:
-Заедно се учевме со сестра ми со помош на татко ми, кој имаше доволно трпение за нас две..
 
Од кога си членка на Гевгелија точак клуб, и како ти се допаѓа како се развива клубот?
 
Павлинка:
„Членка сум нова, од оваа година.Ми се допаѓа како е организиран самиот клуб и активностите кои ги превзема за да го развива велосипедизмот во нашиот град. Оваа година за прв пат организиравме настан „Сите уф Серменин“, кога се собравме огромен број на велосипедисти од цела Македонија.Со тоа покажавме дека треба на велосипедизмот во Македонија да му се даде поголемо значење, бидејќи со тоа, ќе имаме поздрава нација и поголема грижа за екологијата.“
Ана Марија:
„Членка сум една година. Клубот се развива повеќе од успешно. Организираме разни активности, сами или заедно со други институции. Членството се зголемува од ден на ден, сега не има над 120. Она што е најважно е тоа што ,имаме многу активности во кои секој член може да се пронајде и да даде свој допринос кон настанот.“
 
Колку имате слободно време за возење на точак,( ако знаеме дека ти Ана имаш три деца)?
 
Павлинка:
„После работа, секој ден наоѓам време за умерена активност со мојот велосипед, додека за време на викендите има време за оние активности кои ги организира нашиот клуб, претежно на преубавата планина Кожуф.“
Ана Марија:
„Време за она што вистински ме исполнува се трудам секогаш да пронајдам. Мислам дека без разлика дали си родител, брачен партнер или сам/а секој од нас треба да си посвети време за себе и за она што го исполнува.“
 
Имаш ли разбирање од сопругот за возењето Ана, а ти Павлинка – со кого најчесто возиш?
 
Павлинка:
„Јас освен што го возам велосипедот за да завршам некои работи низ градот, најчесто возам со членовите на „Гевгелија точак клуб“, со кои речиси секој викенд го поминуваме со возење во природа.“
Ана Марија:
„Се разбира дека имам .Разбирањето меѓу брачните партнери е многу важно за да опстане еден брак. Мора да ги балансираме работите, како што балансираме кога возиме велосипед, и да се подржуваме еден со друг“
 
Често возите заедно, така е полесно кога сте во тандем или е поинтересно?
 
Павлинка:
„Заедно е полесно.Една на друга сме мотивација, а емоциите кои ги доживуваме додека возиме заедно и позитивната енергија која тогаш не исполнува, претставува добар поттик за наредната дружба на падините на Кожуф. Би сакале да им дадеме инспирација и на другите девојки да го следат нашиот пример и да ја почувствуваат слободата во природата додека возиме велосипед.“
Ана Марија:
„Полесно е и поинтересно. Додека возиме, разговараме, се запознаваме една со друга , се дружиме и си помагаме доколку, не дај боже, се случи нешто непредвидливо, како на пример ако се дупне гумата на некој од нашите два велосипеда.“
 
Што ве тера кон планинските врвови, и тоа да се качувате со точак?
 
Павлинка:
„Јас тоа го доживувам како еден мој внатрешен порив за воспоставување на еден физички и психички баланс на состојбата на умот, и едно потполно мое ослободување. Кога сум на врвот на некоја планина, тоа ми создава чувство на исполнетост, задоволство и спокој. Тоа е исто како и во животот, кога ќе постигнам некоја цел, тоа ми дава сила и мотивација да бидам подобра за себе и за другите околу мене. Секоја пречка која ќе ја совладам со велосипедот, за мене е отфрлање на една тежина која ја носам со себе, за да одам посигурно кон некоја цел.“
Ана Марија:
„Возењето низ планините, низ тие недопрени природни убавини мене ми дава огромен спокој. Чувството кога ќе се искачиш на врвот е неверојатно. Се чувствувам исполнето и слободно. Погледот од тие височини ми го запира здивот.“
 
На кои врвови сте се искачиле до сега со вашите велосипеди?
 
Павлинка:
„Мора да речам, бидејќи сум членка на клубот од оваа година, дека имам помалку искачувања со велосипед од Ана Марија. До сега, највозбудливо ми беше искачувањето на врвот Мала Рупа, на планината Кожуф, кој е висок 2004 метри.“
Ана Марија:
„Немам искачено многу врвови поради здравствени проблеми кои ги имав ова лето ,но остануваат врвовите на некои од македонските планини за некои следни предизвици. До сега искачени ми се врвот Тумба, висок 1881 метри и врвот Мала Рупа, висок 2004 метри, и двата на нашиот Кожуф.“
 
Ве гледаат ли со чудење машките кога ќе ве видат на планина со точак?
 
Павлинка:
„Не, напротив.Секогаш наидуваме на пофалби и на поддршка да издржиме до целта“
Ана Марија:
„До сега не сум забележала. Можеби на оние на кои возењето точак на планина им е необично.“

Што е она што ви нуди точакот а не може да ви го понуди автомобилот?

Павлинка:
„Слободното движење во природата, сите природни убавини низ кои возиме, а што не би можеле да ги почувствуваме ако сме во автомобил. Исто така, возењето велосипед ни нуди не само здравствени, туку и ментални придобивки“
Ана Марија:
„Точакот ми дава позитивна енергија и чувство на исполнетост, а мора да признаете дека возењето со ниеден автомобилот тоа не може да ви го даде“
 
Дали освен велосипедот имате некое друго хоби?
 
Павлинка:
„Да, го сакам планинарењето. Членка сум на Планинарскиот спортски клуб „Двете уши“ од 2021 година кога го искачив највисокиот врв на Балканот, Мусала, висок 2925 метри. До сега ги имам освоено сите врвови на планината Кожуф, а потоа и врвовите Титов врв, Љуботен и највисокиот врв во Македонија, Кораб, висок 2764 метри.“
Ана Марија:
„Друго хоби немам иако би сакала да најдам време за планинарење, да ја придружувам Павлинка, а и поради убавината на планинарењето.“
 
Порака до читателите, дали и колку треба да возат велосипед?
 
Павлинка:
„Според некои студии, два часа возење велосипед неделно е препорачливо за секого. Возењето велосипед е добро за здравјето, го намалува стресот, особено оној скриениот, и се разбира добро е за нашето ментално здравје.“
Ана Марија:
„Возете велосипед секогаш кога можете.Тоа е огромна придобивка за вашето ментално и физичко здравје . Делува како природен антидепресив“.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *