ПРОМОЦИЈА НА МОНОГРАФИЈАТА „СМОКВИЦА, НАСЕЛБА, НАСЕЛЕНИЕ, ГЕНЕОЛОГИЈА“ ОД М-Р КИРО РИСТОВ

WEB Телевизија во живо

„МРТВИТЕ ЖИВЕАТ СЕ ДОДЕКА ИМ СЕ СПОМЕНУВААТ ИМИЊАТА“
 
Малата сала на Народниот театар во Гевгелија синоќа беше претесна да ги прими сите оние, претежно смоквичани, кои сакаа да присуствуваат на промоцијата на едно исклучително важно и значајно монографско издание „Смоквица, населба-население-генеологија“, посветено на населеното место Смоквица, од авторот, смоквичанец, м-р Киро Ристов.
И, додека во позадина се слушаше музиката на групата „Зијан“, ова пригодно издание, кое има посебна важност за смоквичани, го промовираше д-р Илија Велев, книжевен историчар и научен советник во Институтот за македонска литература во Скопје.
 
Велев во својата исцрпна и вдахновена рецензија пред присутните ја истакна, пред се, истражувачката работа на Ристов со која тој докажува дека населеното место Смоквица е исклучително податливо место каде што, вели тој, „се напластиле различни цивилизациски слоеви, кои со векови пред и во новата ера на човештвото ги следело и ги доживувало интерактивните симбиози во македонскиот историски, духовен, културен и национален идентитет“.
 
Книгата на Ристов е поделена во три поголеми целини. Во првата, за населбата Смоквица, авторот пишува за потеклото на името Смоквица, кое се поврзува со дрвото и плодот смоква, и кое населно место, за прв пат се споменува во турскиот дефтер со попис на населението од 1750 година. Посебно место, Ристов им посветува на двете селски цркви, „Свети Димитриј“, изградена во 1830-те години, и поновата црква „Света Богородица“.
 
Во вториот циклус, население, авторот ги презентира демографско-статистичките податоци за бројот на куќите, семејствата и населението во Смоквица, почнувајќи со турскиот попис од 1570 година, кој евидентирал 25 семејства, па се до последниот во 2021, кога се евидентирани само 190 жители. Во меѓувреме, населбата во 1948 година броела 521 жители, во 1971- 493, за да во 2002, тој број се намалил на 263 жители.
Третиот, главниот циклус на оваа монографија за Смоквица, се однесува на генеологијата, односно на родословот на сите досега идентификувани семејства кои живееле и кои сеуште живеат во ова населено место.
 
Впечатливо за оваа целина, ќе истакне рецензентот Велев е фактот што „токму оваа целина од книгата од м-р Ристов, на самата монографија ќе и приопшти карактер на своевидна света реликвија, за да се чува во домовите на секој по потекло и род Смоквичанец.
Монографијата за Смоквица посебно впечатлива ја прави претставувањето на новиот грб и знаме на ова населено место, чие решение го изработил токму авторот Ристов, претставувајќи се како вешт хералдичар.
На крајот, пред присутните се обрати и самиот автор на оваа монографија, смоквичанецот м-р Киро Ристов, кој не ја криеше својата возбуда што промоцијата на ова негово дело е пред толку голем аудиториум.
 
„Пишувањето на оваа моја книга, истакна Ристов, е резултат на повеќегодишни истражувања, кои претежно се состоеја од консултирање на многу написи за населбата и нејзиното население, како и разговори со постарите членови на семејствата од Смоквица. Побудата да ја напишам оваа книга беше предизвикана во моментот кога во моите раце се најдоа две ракописни книги, напишани во различно време. Книгите се насловени со „Мртви имиња“, во кои некогашните парохиски свештеници во Смоквица, ристо Бундов и Христо Трајков кои педантно ги запишувале имињата на упокоените членови на секое од селските семејства на крајот од 19-от и почетокот на 20-от век.
 
Ристов со длабока почит се заблагодари и на Митра Ѓурѓова, Милева Бундова, Кирил Сулев, Кирил Ристов, Јован Алаџајков, Злата Бундова, Цветко Делиманов, Ристо Проданов, Владанка Дебникова, Шилка Марачкова и Ѓорѓе Дебников.
Тој, им се заблагодари на сите присутни, на финансиските помагатели, а своето обраќање го заврши, цитирајќи ја реченицата која е поместена на почетокот од оваа книга, „Мртвите живеат се додека им се споменуваат имињата.“

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *