ЛИЛЈАНА ТАНЧЕВА МЕХМЕД:

WEB Телевизија во живо

„ ЈА СОЗДАДОВМЕ „МИКРОВЕРЗУМ“ ПРВАТА СОЦИЈАЛНА ИГРА ВО МАКЕДОНИЈА ЗА ПОДОБРО СПОЗНАВАЊЕ И РАЗБИРАЊЕ МЕЃУ ЛУЃЕТО“
 
Во оваа ера на дигитална комуникација и на ИТ технологијата, луѓето се помалку имаат време за себе, и се помалку разговараат за суштествени прашања помеѓу себе. Во времето на мобилните телефони, повеќето од луѓето се повеќе се оттуѓуваат еден од друг и се помалку знаат еден за друг, иако можеби живеат дури и под ист покрив. А, кога ќе се сретнат, разговорот меѓу нив е повеќе свртен кон оние конвенционалните прашања, од типот, како си, што правиш, како се децата, како по дома и слично.
 
Ова беше предизвикот на гевгеличанката Лилјана Танчева Мехмед, основач и програмски директор на „Мултус“- Центарот за едукација, култура и активизам, која во моментот се наоѓа во Њу Јорк, на мастер студии за стратешки комуникации и јавни односи на универзитетот Фордам, да седне и да ја создаде првата македонска социјална игра „Микроверзум“.
 
Главната цел на играта е да поминете квалитетно, значајно и интересно време зборувајќи за човечката природа и работи кои се интригантни, возбудливи и суштински важни за оние кои ја играат. Намерата е луѓето да се зближат преку раскажување приказни за себе и слушање туѓи приказни што не ги слушнале дотогаш.
 
Не знам за тебе, но нас како помлади ,кога ќе ни беше досадно игравме неколку класични игри со пријателите за да ни помине времето. Расипан телефон, фота, криенка, бинго, џандар збира, фризби, монопол, игра со „бесење“, поими на една буква. Ме интересира кои игри ги играше твојата генерација, истите или некои други?
 
– Сѐ од горенаведеното! Многу сум среќна што сум имала детство пред мобилната технологија. Сѐ што е наброено и многу повеќе сме играле. Времето не се броеше во часови, туку во тоа колку и што сме имале време да изиграме денес. Така сме се запознавале во сите можни изданија – валкани, насмеани, расплакани, скарани… Но, од таму потекнуваат токму и најцврстите пријателства. Можеби затоа и оваа игра е „аналогна“. Физички продукт, со кој може да се поминува време еден со друг. Без гледање во екран.
 
Неодамна, кај нас се појави играта Микроверзум, твоја „измислица“, за прв пат во Македонија. Како ти падна на памет, одеднаш ти светна во главата, или беше тоа подолготраен процес?
 
– Играта „Микроверзум“ е „последица“ од разговори со блиски, кои ми кажувале „само со тебе можам да го разговарам ова“ и реализацијата дека мене никој не ми поставил некои одредени прашања, на кои радо би зборувала и одговарала. Беше подолг процес, додека се оформи точно како ќе изгледа. Барајќи по интернет, налетав на инспирацијата за форматот, странски познати изданија. Побарав да ги нарачам, не беше можно, тешко доаѓаа до Македонија. Се обидов да најдам кај нас, па и на Балканот, немаше. И така настана идејата дека „еве, ако нема, ќе ги создадеме“
 
За кого е наменета играта, може ли да ја играат и мали и возрасни, или сепак е наменета за повозрасната популација, бидејќи се работи за игра која навлегува во интимата на секој од играчите?
 
– Прашањата содржат и едноставни прашања, кои прашуваат за желби, спомени, чувства кои се составен дел од секое човечко битие, без разлика на возраста. Од овие прашања може да дознаеме доста работи. Дополнително, уште од најрана возраст градиме односи, кои, во дел од својата природа, можат и да се нарушуваат. Често се случува родители да ја купат играта за да се „запознаат“ со своите тинејџери, доба во која почнува сериозно да се разминува комуникацијата.
Со Микроверзум и тие може да се поправаат. Но, секако, замислете ја и длабочината на разговорите кои се одвиваат помеѓу две единки со долга животна „километража“. Без разлика дали се партнери, семејство по крвно сродство, пријатели од детство…
 
– Се работи за карти, кои не се класични карти, бидејќи место слики и броеви, има само прашања. Колку карти има вокутијата и како се поделени?
– Во кутијата има два шпила карти, односно две нивоа – запознавање и поврзување. Секој од нив содржи по 60 карти – 50 прашања и 10 џокер (дејствија). Низ прашањата ќе ископате подлабоко и во другиот/другите, но и во самите себе. За некои прашања треба сериозно да размислиме пред да одговориме.
 
Зошто служат џокерите, да се избегне некое прашање?
 
Не баш. Џокерите имаат задача да ја олеснат малку евенуалната тежина од разговорите кои би настанале од прашањата. Со нив имате предизвик да го прегрнете соиграчот, да си напишете писмо еден на друг, да измислите слоган за билборд кој ќе го промени светот… Да внесат малку дејство и да го олеснат интензитетот. Со нив може и да се започне играта, за полесно да се влезе во неа.
 
Како ги одбираше прашањата кои стојат на секоја од картите, се консултираше со некој или …?
 
– Тргнав од себе. Од личните искуства, од тоа што веќе не се зборува, а е присутно секогаш. Од разговорите со партнерот и другарките/другарите, од чувствата, желбите, траумите, спомените и најважно – реализациите со кои секој ден живееме, а не ги коментираме за да не доојде до конфликт. Мааните свои и на другите, инспирацијата која ја црпиме од другите, радоста која ја чувствуваме којга треба со некој да поминеме време, соништата од кои сме се откажале… Сето тоа е присутно секој ден во нас, во нашиот внатрешен свет, а веќе не го искажуваме… Сакав токму за тоа да зборуваат блиските, но и оние кои сега треба да се запознаат. Да го чујат токму суштинското од другиот.
 
Бидејќи се работи за општествена, а јас би додал и социјална и психотерапевтска игра, која е нејзинатацел?
 
– Целта е јавно сокриена во името на играта, во слоганот и нивоата. Ѕиркање во нашиот свет внатре и подобро запознавање и поврзување помеѓу соиграчите. Голем дел од недоразбирањата доаѓаат од сликата која ние сме ја изградиле за другиот, која може и да не е вистинската. А не сме прашале, затоа што веќе не се зборува за тоа. Голем дел од проблемите ни доаѓаат од нарушена комуникација, која не знаеме сами како да ја поправиме. Микроверзум е вистинската алатка да ни помогне во тоа.
 
Дали постои опасност, играјќи ја оваа игра искрено, некои партнери да ја прекинат својата врска, незнаејќи со кого си имаат работа, или дознавајќи колку самите тие се несовршени?
 
– Да, и тоа е дел од запознавањето. Играта има предупредување дека емоциите може да викнат, но повикува на цивилизиран разговор, без повишени тонови. Оваа игра се игра на два начини –на сигурно и отворено. Вториот начин е оној на кој се расте. Ако при запознавањето се сфати дека тешко ќе дојде до вистинско, а не илузорно поврзување, тогаш разделбата е дел од растењето. Ако премолчиме некои работи и не ги одговориме, играта препорачува да се зборуваат тие работи со психотерапевт. Но, никако да останат премолчени.
 
Дали мислиш дека во оваа ера на дигитална комуникација, на ИТ технологија, луѓето се помалку разговараат за суштествени прашања меѓу себе, а повеќе се свртени кон оние конвенционалните, одтипот, како си, што правиш, како по дома и слично?
 
– Токму од оваа аномалија, на банални површни разговори, дојде и до идејата да се сооздаде нешто вакво. Кога сакаме да побегнеме од мислата, веднаш погледот ни бега во екран. Микроверзум е предизвик да при секој „досаден“ муабет, да си извлечете по една карта и да си започнете посодржаен разговор.
 
Кој го правеше дизајнот на целата игра, и колку си задоволна од досегашниот интерес за неа?
 
– Идејата за дизајнот на елегантната кутија, изборот на бои и лого е наш заеднички труд со Катарина Пренда, моја другарка од детство. Изработката е, секако, од нејзините вешти раце, затоа што треба сериозно искуство за да се постигне едноставност. Од интересот сум задоволна, играта допре каде што целевме, и со овој тираж сме при крај, но, искрено би сакала да стигне во рацете токму на оние за кои блиските знаат дека „нема да сака да зборува“. Токму тие ќе бидат нашата следна цел.
 
И на крајот, како може заинтересираните кои сакаат да ги откријат своите и скриените желби и „тајни“ на другите, да ја набават оваа игра?
 
– Засега, само на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм може да се нарача. Името на страните е Микроверзум и на двете платформи, треба само да оставите име, адреса и број на телефон и ние ќе ви ја испратиме на домашна адреса. Почнуваме да градиме партнерства и наскоро се надевам дека ќе ја има и во физичка продажба.
На крајот, вашиот новинар има искрен предлог да си ја набавите оваа интересна игра која нуди длабоко ѕиркање во вашиот но и туѓиот внатрешен свет.. Приказните што ги раскажувате се прозорци низ кои другите луѓе можат да ѕирнат во вашиот свет. Без тие прозорци, тие можат само да погодуваат што се случува во вас. Но, уште поважни се приказните што си ги кажувате. Тоа е вашата врата низ која можете да излезете на светлината или да останете засекогаш заробени во сопствените содржини што самите не сте си ги објасниле и разбрале.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *