ВАЛЕРИ КРКОЛЕВА: „ВО ГЕВГЕЛИЈА СЕ ПРАВИ НАЈВКУСНОТО СЛАТКО ОД ЗРЕЛИ СМОКВИ.“

WEB Телевизија во живо

Се смета дека смоквата (лат. ficus carica) била првата земјоделска култура која луѓето почнале да ја одгледуваат, пред пченицата и јачменот, па од тука е позната илјадници години како корисна за човековото здравје. Во Рајската градина, Адам и Ева се покриле со смоквини листови, откако каснале од ,,забранетото овошје,,. Некои сметаат дека ова забрането овошје не било јаболко, туку токму – смоквата.
 
Значи, да резимираме, смоквата се смета за рајско овошје кое дава сила, го одржува здравјето и уште нешто…велат дека ги брише брчките на лицето (ова е од голема важност за понежниот пол)
А, крајот на август и почетокот на септември е сезона на варење слатко од зрели смокви во Гевгелија. Овде, во питомата гевгелиска котлина, смоквата е плод на летото, дар на медитеранот и со години, вистински бренд на Гевгелија. Нема гостин кој навратил во нашиот град а да не замине со торба полна смокви, било свежи било преработени како слатко.
 
Затоа, токму овие денови, домаќинките низ дворовите ги разгореле огновите, ги наполниле тавите со зрели смокви врз пирустиите, а низ градот се шири опојниот мирис на смоквата. Доживување што можете да го почувствувате само во Гевгелија, во деновите додека се вари и почитува еден од најценетите специјалитети на регионот – слаткото од зрели смокви.
 
Шетајќи низ градот, мирисот на смоквата не донесе во дворот на на брачната двојка Валери и Димитар Крколеви. Слаткото од смокви и чаша вода – од памтивека претставувало добредојде во секој гевгелиски дом. Така, било некогаш, така е и денес. Штом убаво се сместивме во дворот, се разбира под дебела сенка, домаќинката ни посака добредојде токму со слатко од смокви и чаша студена вода. Додека онака, лезетски, што би се рекло народски, слаткото започна да се лизга низ нашите грла, погледот ни го привлекоа, не една туку двете тави во кое се вареше овој гевгелиски специјалитет од зрели смокви со боја на ќилибар.
 
И, додека домаќинката Валери беше зафатена со варењето на овој специјалитет, , низ муабет ни откри зошто токму во Гевгелија се подготвува најубавото слатко од смокви во Македонија.
На почетокот да ви кажам нешто, за старите гевгеличани и за нивните дворови, започна Валери. Кај нас, традиција било, во секој двор да има засадено дрво смоква и дрво калинка.Можеби, резигнирано заклучува таа, младите повеќе сакаат „модерни“ дворови, но сепак, повеќето гевгеличани сакаат да ја зачуват таа традиција, затоа што неповторливо е чувството кога под непцето ќе го почувствуваш вкусот на свежо набрана смоква.
 
Добрите познавачи на говењето слатко од зрели смокви, продолжува Валери, знаат дека рецептот за слатко е стар, и не паметат од кога е. Готвењето навидум изгледа едноставно и лесно, 40 цели зрели смокви, шеќер и вода, но сепак се зависи од мајсторијата на готвачите. Гевгеличани знаат да кажат дека понудата за слатко од смокви во Македонија е голема, но гевгелиското слатко од смокви велиме ние е највкусното. Која е тајната, сакате да знаете. 
 
Тајната, вели Валери, како за онаа формула за „Кока Кола“,е во рецептот кој се чува со генерации, но сепак, потенцира таа, најважни сепак се смоквите кои во овој дел од државата имаат поинаков вкус поради самото поднебје. Близината на Егејското Море, реката Вардар, како и високите планини Кожуф и Пајак, кои ја делат Гевгелиската од другите котлини, обусловуваат спој на континентална и средоземна клима, погодна за смоквата. Кога на тоа ќе се додадат големиот број сончеви денови, и ветерот од југот, сето тоа резултира со највкусните смокви во регионот.
 
Сепак, највкусното и најубаво слатко се добива, кога на оваа комбинација што погоре ја спомнав, со блесок во очите ни кажува Валери, ќе се додаде и голема количина на љубов, внимание и страст кое ќе се внесе во правењето на слаткото. Се разбира, не заборава да напомене таа, важно е и колку вештина се крие во рацете на секоја готвачка.
Ја запрашавме Валери, зошто повеќе не се одржува традиционалната манифестација „Смоквијада“, чие прво издание беше во 2007-та година и со текот на годините имаше за цел да го сочува традиционалниот начин на готвење слатко од зрели смокви, а од друга страна да го врати оригиналниот начин на пречекување гости во домот со слатко од смокви.
 
Не знам, со тага во гласот ни одговори Валери, зошто е тоа така, но ќе речам дека е жалосно зошто повеќе ја нема оваа манифестација. Тоа беше вистински празник на градот, голем број на натпреварувачи се пријавуваа, се готвеше слаткото на ракометното игралиште, имаше многу музика и голем број на посетители. Сите, тој ден беа победници. Јас им мојата пријателка Валентина Узунова со задоволство учествувавме неколку пати, имаме добиено и награди на оваа манифестација, но, ќе повторам, не беше важно кој ќе победи, важно ни беше да се продолжи традицијата. Се надевам, заклучи Валери, дека веќе в наредната година оваа традиција, како заштитен бренд на Гевгелија ќе продолжи., на наше и задовослство на многубројната публика која доаѓаше да гледа.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *