СВЕТСКИ ДЕН НА ПРВА ПОМОШ-9-ТИ СЕПТЕМВРИ

WEB Телевизија во живо

Светскиот ден на прва помош се слави во втората сабота од секој септември. Оваа година, Светскиот ден на прва помош 2023 година ќе се фокусира на темата „Прва помош во дигиталниот свет“.
По тој повод го замоливме Душко Јанев, демонстратор по прва помош, да напише нешто повеќе за значењето на овој ден и за активностите на ОО на Црвен Крст Гевгелија.
„Секој ден илјадници луѓе ги губат своите животи поради несоодветна и ненавреме пружена прва помош на местото на несреќата.Навремена реакција со соодветно применети мерки стекнати преку квалитетна едукација е витално важно кога е во прашање спасување на човечки живот преку пружање на прва помош.
 
Општинската организација на Црвен крст Гевгелија е единствена овластена организација за спроведување на курсеви по прва помош за кандидати за возачи на територијата на Гевгелија, Богданци и Дојран. Согласно тоа ОО Црвен крст Гевгелија поседува соодветен опремен простор за спроведување на курсевите – предавална со современи едукативни средства, опрема и помошни материјали за ефикасно спроведување на курсната настава според највисоки стандарди за квалитет. Во изминатата година ОО Црвен крст Гевгелија успешно спроведе курсна настава по прва помош на вкупно 422 кандидати идни возачи кои се стекнаа со теоретско знаење и практични вештини за пружање на прва помош при сообраќајни несреќи.
 
Дополнително, ОО Црвен крст Гевгелија се залага за зголемување на достапноста на едукацијата по прва помош за различни целни групи – работни организации (јавни претпријатија, институции, приватни компании, граѓански здруженија и организации), деца на претшколска возраст, ученици од основните и средните училишта на територијата на која делува Црвен крст Гевгелија.
 
Во согласност со тоа, во изминатиот период од наши лиценцирани предавачи и демонстратори по прва помош беа спроведени едукации на повеќе институции и организации како што се Противпожарната служба Гевгелија, Планинарскиот спортски клуб “Koжуф” од Гевгелија, Royal Rangers Македонија и други.
Воедно, Црвен крст Гевгелија во периодот од септември 2022 до февруари 2023 година спроведе дел од Националната кампања по прва помош на Црвен крст на РСМ под мотото „Првата помош спасува живот“ која се реализира во соработка со Министерството за образование и наука и Министерството за здравство. На ниво на општините Гевгелија, Богданци и Дојран беа опфатени вкупно 7 основни и 2 средни училишта со над 400 едуцирани ученици на обуки спроведени од предавачи и демонстратори по прва помош и волонтери од Клубот на млади при ОО Црвен крст Гевгелија.
Овие едукации придонесоа за вклучување на младите во едукативниот процес по прва помош од најрана возраст, практично стекнатите знаења и вештини по прва помош ќе им озвоможат побезбедни и навремени реакции кои ќе придонесат за намалување на последиците од несреќите и спас на човечки живот не само во училиштата туку и во домовите. Се очекува спроведувањето на кампањата да продолжи и со продолжението да се опфатат нова група на ученици, а во процесот ќе бидат вклучени и наставниците од основните и средните училишта.
 
Оваа година успешно го спроведовме и општинскиот натпревар по прва помош на кој учество земаа 2 тима ученици од основните училишта и 2 тима ученици од средните училишта кои своите знаења по прва помош ги демонстрираа на реалистични прикази на несреќи. Најдобро рангираната екипа, ученици од СОУ “Богданци” – Богданци по низа обуки ќе земе учество на државниот натпревар по прва помош месецов, на кој ќе учествуваат најдобро пласираните средношколски екипи на општинските натпревари во организација на општинските организации на Црвен крст од останатите општини во Македонија.
 
Годинава по повод Светскиот ден на прва помош покрај спроведените едукации, волонтерите од Клубот на млади при ООЦК Гевгелија изразија желба да стекнат вештини за пружање прва помош преку едукација и креирање на едукативни видеа наменети за освежување на знаењата по прва помош на граѓаните, истите ќе бидат споделени на официјалните профили на Црвен крст Гевгелија на социјалните мрежи, а дополнително, преку забавни дигитални игри волонтерите и стручната служба ги вкрстија своите знаења и вештини по прва помош.
Светскиот ден на прва помош годинава се спроведува под мотото „Прва помош достапна за сите! Прва помош во дигиталниот свет“ со цел проширување на пристапот и достапноста на образованието и обуката за ефикасно спроведување на акцииво заедницата при итни ситуации.
СЕКОЈ ЧОВЕК ИМА ПОТЕНЦИЈА ДА НАУЧИ ПРВА ПОМОШ И ДА СПАСИ ЖИВОТ. ЗАТОА НАУЧИ ПРВА ПОМОШ, БИДИ ХЕРОЈ ВО ТВОЈАТА ЗАЕДНИЦА И СПАСИ ЧОВЕЧКИ ЖИВОТ!

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *