СОФИЈА АМПОВА, ПРВАТА АКУШЕРКА ВО ГЕВГЕЛИЈА

WEB Телевизија во живо

Кога зборуваме за развојот на здравството во Гевгелија, има две интересни приказни. Имено, првиот лекар гевгеличанец кој работел во Гевгелија бил Коста Чохаџиќ, кој започнал да работи во 1911 година како гинеколог-акушер и доктор по медицина, а после две години заминал за Скопје, каде ги удира темелите на Гинекологијата и акушерството во Македонија.

Втората интересна приказна е за првата завршена акушерка во Гевгелија, бабата Софија Ампова. Таа била родена во Гевгелија во 1898 година, од татко Тано и мајка Шекеринка. Софија имала уште три сестри и еден брат, кој подоцна живеел во Романија и работел во кабинетот на претседателот Чаушеску. Не се знае многу за нејзината историја, освен дека била мажена во Воден, но поради семејни причини се враќа во Гевгелија. Завршила најпрво за медицинска сестра, а во 1924 година оди во Ваљево, Србија, каде завршила училиште за акушерки.

Во исто тоа време,1924 година, во Гевгелија пристигнува доктор Трифун Грековски, а четири години потоа, во 1928 година, во Гевгелија е отворена Општа болница со капацитет од 25 болнички кревети. Таа била сместена во адаптираниот објект на некогашниот католичко-унијатски конак од 1924 година, и, тука, по враќањето од Ваљево, почнува да работи како сестра-акушерка, или како што се вели народски бабица, Софија Ампова. Освен со Грековски, таа работела и со младиот доктор од Стојаково, Димитар Мицев, кој завршил Медицински факултет во Белград, и од 1936 година се вработил во Општата болница во Гевгелија. 

По ослободувањето во Гевгелија работат: здравствена амбуланта, мала Општа болница и антималарична станица. Поради дефицит на лекарски кадар во Македонија, д-р Александар Сингер по свое барање доаѓа во град Гевгелија во 1946 година, па така Софија Ампова работела и со овој легендарен доктор, кој оставил голема трага во здравството во Гевгелија.
 
Подоцна, Софија заминува да работи во Богданци, како докторка и како бабица, каде го дочекува и своето пензионирање во 1961 година. Нејзините најблиски кажуваат дека долго време, во својата куќа, по пензионирањето ги чувала големите тетратки со имињата на сите деца кои ги имала породено во нејзината работна кариера. За жал, Софија трагично го завршува својот живот во сообраќајна несреќа на 88 годишна возраст. Остануваат сликите да сведочат за, по малку таинствената прва акушерка во Гевгелија, Софија Ампова.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *