ПЕТНАЕСЕТТО ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ „БОШ“

WEB Телевизија во живо

Оваа година по петнаесетти пат ќе се одржи мултимедијалниот фестивал „БОШ“ во Гевгелија. Во текот на деновите 18 и 19 август гевгеличани ќе може да проследат театарски претстави и перформанси, музика, поезија, филмови и видео арт, изложби, работилници и други форми на интердисциплинарни и неконвенционални уметнички случувања. Влезот на сите настани е бесплатен.
Првото издание на БОШ ФЕСТИВАЛ се случи во 2009 година, а во чест и сеќавање на прерано починатиот актер и поет, Бошко Бозаџиевски (1981-2008). Истиот е посвета од неколку негови блиски пријатели.
На програмата ќе може да се проследат следниве настани:
 
ПETOK 18.08
20:00 Градски амам
 
„Простор“ – Анамарија Митриќеска Кал’чева / изложба, акрил на платно
Изложбата го претставува внатрешниот простор, како и просторот на авторката во универзумот (паралела). Енергијата на луѓето и нивните духовни полиња се претставени во боја. Играта се состои во преклопувањето и мешањето на енергиите, но и во определувањето на секоја сама за себе одделно. Изложбата го изразува парадоксот на комплетната слобода на духот, истовремено измешана со уредност, строгост и прецизност. И двата контрасти завршуваат без ограничувања. Истовремено во одредени дела го претставува и космичкиот универзален хаос, и внатрешниот душевен, како и надворешниот земјен хаос. Делата ги претставуваат различните енергетски тела што можат да се видат низ космосот. Превладуваат концентричните кругови, спиралите и симболите. Кругот симболизира принцип без почеток и без крај, тој го претставува целиот видлив свет и процесот што никогаш не завршува. Геометрискиот дел навидум ја претставува уредноста, строгоста и прецизноста, но во исто време го отвора и внатрешниот свет на човекот. Геометриските тела се всушност јантри – симболични реплики на космосот во мало. Јантрата ги изразува силите што владеат во космосот на макрониво, кои се идентични со силите што владеат во секој човек на микрониво. Индивидуалното и универзалното се всушност едно, слично на принципот на холограми. Јантрата е чиста геометриска форма, која ја насочува нашата енергија кон средиштето, а нејзината функција е да нѐ одведе до самиот центар. Таа е одраз на универзумот во нас. Геометриските облици се исто така и симболи што се поврзани со потсвеста. Центарот на јантрата е извор на енергија и средиште на креативноста. Симболите се делови од нашата потсвест, кои ја искажуваат човековата длабока поврзаност со добрината и убавината. Апстрактниот дел и неповрзаните линии ги претставуваат слободата и хаосот низ универзумот, но исто така и слободата и хаосот на душата на човекот, заедно со внатрешните емотивни и психолошки состојби. Хаосот во универзумот е всушност хармонија и слобода. Но дали сме ние моќни да ги средиме нашите хаотични мисли за да можеме да живееме во свет каков што посакуваме?
Анамарија Митриќеска-Калчева е родена во Скопје 1985 година. Завршува средно уметничко училиште во Скопје, а потоа своите студии ги продолжува на факултет во Фиренца. Магистрира 2013 година на Академијата за ликовни уметности во Фиренца, на Одделот за костимографија и висока мода. Оттогаш, неколку години работи како костимограф, а потоа продолжува со сликање. Во моментов работи како наставник по ликовно образование. Има реализирано една самостојна и има учествувано на повеќе групни изложби.
 
21:00 Локација Стар пазар
 
„Аџамиски ем зрели параидолии“ – Стефчо Стефанов / поетски перформанс
Елегија, патриотска лирика, пејзажна лирика, народна епика, екосвест, класна сензибилизација, социо-политички ангажиран стих, кампањски стихувани нарачки, синдикално-револуционерна пропаганда и моно/поли/атеистичкo-освестувачка метрика – нема да бидат предмет на поетскиот перформанс на Стефчо Стефанов. Разочараните од ваквата најава нека не доаѓаат на настанот. На поетскиот перформанс авторот ќе има на располагање 50-ина минути да прикаже пред публика на кој начин и колкава победа извојувал над самиот себе во селектирањето на аудитивно-визуелен поетски материјал со кој ќе ги пополни тие 50-ина минути.
Клучни поими на поетскиот материјал: аџамиски стих, страст, сакање, посакување, соблекување, внатрешни гласови, страст, роса од плунки при изговор на збеснати стихови, интеракција, синестезија, страст, авторефлексивност, манијакално-скромен егзибиционизам, поткожен насмев… И страст.
Стефанов е автор на пет книги од кои две книги се поезија, два лексикона – толковници на зборови и фрази од гевгелискиот дијалект, и една новела.
„Трн“ – Столе Ангелов и Никола Пијанманов / проекција на документарен филм (48’)
Документарниот филм „Трн“ е посветен на актерот и граѓански борец и активист Стојан Велков Трн. Во филмот се опфатени повеќе фази од неговиот живот, но најбитен е психолошкиот пресек на неговиот внатрешен свет, духовна борба, која во еден дел ќе премине во немилосрдна борба со општото зло. Филмот е поделен на пет дела: Земја, Молк, Театар, Бунт и Дом.
Режисери на филмот се Столе Ангелов и Никола Пијанманов, кинематограф и монтажер е Столе Ангелов, а сценариото е на Никола Пијанманов. Музиката е на Ставро Ангелаков. Во филмот учествуваат Стојан Велков Трн, Дејан Ангелов, Саше Урдовски, Васе Велков, Исидора Велкова.
„Eros and Thanatos“ – Александар Спасоски / проекција на краток филм (7’4”)
(светска премиера)
Ова видео е лична исповед, но и инспирација на авторот земена од феноменот на животот и смртта. Сцените во филмот се снимени од задното седиште на трамвај во Минхен, патувајќи од еден доктор кон друг и лекувајќи се од тешките последици доживеани од тешка сообраќајна несреќа на авторот. Сцените се свесно снимани наопачки. „Ерос и танатос“ е метафоричен наслов преземен од Фројдовиот есеј „Надвор од принципот на задоволство“. Фројдовата теорија за нагони (Urtriebe) дава значење на идејата дека постои инхерентен принцип на ентропија, тенденција за распаѓање на животот, познат како нагон за смрт или танатос. Фројд препознал контрабалансна тенденција за одржување на животот, позната како животен нагон или ерос. Ова е втората епизода од видео изработено под насловот „Превртени приказни“ (првата епизода е со наслов „Брак“), кое е започнато како концепт за време на ковид-пандемијата во 2020 година.
Александар Спасоски е визуелен и мултимедијален уметник, кој дипломира на Академијата за уметност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1997 година, по што се стекнува и со диплома од Академијата за медиумска уметност во Минхен, Германија, под менторство на проф. Клаус вом Брух во 2008 година. Магистрира со фокус на синестетски вредности на уметност на нови медиуми. Неговата уметничка работа вклучува инволвираност во разни проекти, како концептуална уметност, сликање, инсталации, уметнички видеа, звук, музика, филмови и документарни филмови.
„ПС Бусан“ – Саша Станишиќ / проекција на краток филм (12’)
Краток филм сниман во Бусан, Јужна Кореја, како дел од тринеделната режисерската резиденција на Саша Станишиќ во рамките на филмскиот фестивал Inter-City филм фестивал. Филмот е сниман на корејски јазик со целосно корејска екипа. Во филмот Саша Станишиќ одговара на прашањето што значи да се живее во голема и раздвижена азиска метропола како што е Бусан, каде што новата технологија и старата традиција коегзистираат рамо до рамо. Во филмот режисерот покажува и уште еден вирутелен Бусан, каде што неговите жители можат да побегнат од реалниот живот и да бидат тоа што сакаат. Режијата е на Саша Станишиќ. Директор на фотографија е Чои Вонук (Choi Wonuk), монтажер е Ли Дон Мин (Lee Don Min), а музиката е на Васана (Vasana). Главните улоги ги играат: Ким Мин Ву (Kim Min Woo), Парк Хо Чен (Park Ho Chen), Џеонг Џи Јанг (Jeong Ji Young).
Саша Станишиќ заврши Општа и компаративна книжевност и Филмска и ТВ режија на ФДУ – Скопје, каде што има и магистрирано. Како режисер се потпишува на повеќе кратки филмови: „Мангава диско панк“ (дел од омнибусот „Скопје ремикс“), „Мит за Сара”, „Долу од рајот”, „PC Busan” (снимен во Јужна Кореја), „Кавал”. Работи како професор по филмска и ТВ режија на Интернационалната академија Еуропа Прима.
Blackstate – live + Dj set
„Блекстејт“ (Blackstate) е темното алтер-его на Филип Тасевски – Fitz, музичар, текстописец и изведувач со повеќе од 20 години искуство, длабоко вкоренето во хардкор/панк сцената.
Покрај неговите музички таленти, Fitz исто така е и визуелен дизајнер/артист и токму оваа комбинација на вештини е тоа што му го дава на „Блекстејт“ (Blackstate) неговиот уникатен и неодолив звук и забележителна аудио-визуелна изведба во живо.
Црпејќи од влијанија што варираат од експериментална електроника до синтпоп и хардкор панк, „Блекстејт“ (Blackstate) создава звук што е и незаборавен и возбудлив, комбинирајќи „катарзичен инструментален експериментализам со приземјувачки текст“, кој ги истражува темите љубов, загуба и погрешни вредности, кои го мачат модерното општество.
Преку својата музика „Блекстејт“ (Blackstate) потонува во емоционалните комплексности на животот од XXI век, размислувајќи за празнината, анксиозноста и разочараноста низ кои многу луѓе поминуваат во свет што често дава приоритет на површноста во однос на суштината.
 
САБОТА 19.08
20:00 Народен театар Гевгелија
 
„Вечерен муабет“ – Стефан Алиевиќ / книжевно возење
Разговорот можеби ќе биде околу најстрашните соништа, за најгрозните бубачки, за најџиновското дрво смоква што расте некаде на југ или, пак, за судбината што ѕирка во талогот кафе. Не знаеме во какви матни води ќе нè заведат Стефан и Стево (значи Стефановци каде и да се свртиш), ама вие секако дојдете на книжевната вечер. Преминете го прагот и влезете во вечерниот автобус. Не се знае каде точно оди тој автобус, но едно е сигурно, секогаш нè носи кон невидени нешта.
(книжевна дружба со Стефан Алиевиќ, разговорот го води Стефчо Стефанов)
Изложби:
„Излишно“ – Наташа Гелева / изложба на фотографии
Циклусот од 30 фотографии „ИЗЛИШНО“ се занимава со документација на објекти во распаѓање, јавни објекти што своевремено ѝ служеле на заедницата, а денес сведочат за нашата негрижа и изгубените вредности на солидарност, социјална и економска несигурност, општество што го става граѓанинот на последно место.
Соочувајќи се со излишноста на овие објекти, истовремено се соочуваме со нашата внатрешна состојба, која предупредувачки, во духот на нихилизмот, бара од нас да се поштедиме од илузиите за овие изгубени идеали. Зашто, многу веројатно би било излишно.
Насловот одразува песимистички поглед на животот во урбана средина, каде што објекти што се напуштени со години стојат, се распаѓаат, се претвораат во депонии и јавни нужници. Во една фиктивна, алтернативна реалност би биле реновирани или пренаменети, но секаква надеж за такво нешто би била излишна. Како противтежа на тоа имаме еден куп насилнички изградени нови станбени објекти, на секакви несоодветни локации, без паркинг, без простор за движење на пешаци, правејќи го животот во градот сè понеподнослив.
Наташа Гелева е родена во 1978 во Прилеп. Се занимава со фотографија од 1999 година и зад себе има неколку групни изложби во Македонија и во странство, како и неколку самостојни изложби. Освен со фотографија се занимава и со видео.
„Спознавање“ – Марија Ќорнакова / изложба на цртежи и графики
Стремежот кон духовното преку органскиот ритам на сите нешта и интуитивнoто спознавање за субјективната вистина на случувањата.
Дела што говорат за „дивјаштвото на чувстватa“, за времето во нас кога во моментот на спознанието се испреплетуваат минатото, сегашноста и иднината, без меѓусебни граници и пречки. Разликата меѓу нашето надворешно „јас“, кое ѝ припаѓа на интелектуалната и на социјалната сфера, и нашето внатрешно првобитно „јас“, кое не е детерминирано и е во длабока хармонија со нашето внатрешно време носејќи го печатот на инстинктите.
Интуицијата, која само ги насетува и ги најавува појавите, оставајќи ги недоречените нешта сами да се оформуваат, да се изнедрат под превезот на мистиката.
„Aiii! art“ – Матеј Богдановски / промоција на арт-книга (колажирана уметност)
„Аиии! арт“ е книга, збирка на илустрации и кратки раскази, која на комичен начин го коментира апсурдното секојдневие претставено низ медиумите, кои како да се редактирани од некој софтвер на широк јазичен модел.
Матеј Богдановски е роден на 19.12.1979. Дипломирал на ФЛУ, Отсек сликарство во 2003, и постдипломски на истиот Факултет во 2008. Изложува на повеќе самостојни и групни изложби во земјата и во странство. Покрај сликарството се занимава и со стрип. Автор и издавач е на следниве изданија: „Kшшц“, „Патенталија и Тентелина“, „Чиста десетка“, „Улица“ – стрип-адаптација на роман на Славко Јаневски, „Џукела и Пацоф“. Автор е на книгите: „Скопје, радост ти ќе бидеш“, „Приказни од Чудновија“ и „Градски деца“.
„БОШ скулптура“ – Александар Јанев / скулптура
Скулптурата наменски ќе биде изработена за јубилејниот Бош фестивал. Техника на скулптурата е оревово дрво комбинирано со метал. Во своите дела авторот користи доста симболи, бидејќи самата историја на симболите потврдува дека секој предмет може да добие симболичка вредност, било да е природен (камен, стебло, цвеќе, плод) или апстрактен (геометриски облик, број, ритам). Тој не се занимава со пресликување на природата, туку со изразување на сопствените доживувања на природата. Ја поддржува мислата дека тоа што ни го дала природата треба да се искористи за создавање уметничко дело. Во неговото дело примарни се дрвото, металот и бојата.
Александар Јанев е роден 1987 во Гевгелија. Во 2011 дипломирал на УКИМ, Факултет за ликовни уметности Скопје, Оддел за вајарство со графички дизајн во класата на професор Беди Ибрахими.
Живее и работи во Гевгелија како наставник по ликовно образование. Член и претседател е на Друштвото на ликовни уметници во Гевгелија – ДЛУГ и член на Мултимедија центарот во Гевгелија од 2009. Имал неколку самостојни изложби. Учествувал на повеќе групни изложби, а бил и дел од повеќе ликовни колонии.
„Те гледам!!! …поинаку…“ – студенти од ФЛУ / изложба на фотографии
(Акт, тело, експеримент)
Возбудени сме што можеме да претставиме исклучителна изложба, која навлегува во самата суштина на човековата форма. Тргнувајќи на едно патување низ објективот на фотографијата, ве покануваме да се нурнете во визуелна симфонија што се обидува да ја открие загадочната убавина на човечкото тело. Со користење на интеракција на светлина, сенка и перспектива, студенсктите фотографии вешто оркестрираат сложен танц помеѓу уметничката интерпретација и експерименталноста.
Оваа изложба, насловена „Те гледам!…поинаку…“, нуди поинакво набљудување и испитувачки дух што истовремено ја предизвикува нашата перцепција и нè охрабрува да се восхитуваме на чудата што го дефинираат нашето постоење.
+
Презентација на кратки видеа – студенти од прва година по предметот Основи на дигитални технологии – Факултет за ликовни уметности – Скопје
„The Hip“ – Јане Алтипармаков / проекција на долгометражен филм (93’)
The Hip-Brainstorm е продолжение, своевидно документарно надополнување на долгометражното ДВД-видео издание The Hip-Reality Overdrive. Долгометражниот видео/филм е во режија и продукција на Јане Алтипармаков, автор на оригиналната идеја е Љубиша Петрушевски. Продуцент и монтажер е Михаил Димитров, звучниот дизајн е на Валентин Видовиќ. Директор на фотографија е Наташа Гелева, снимател е Ања Илиева. На монтажата работеа и Зоран Чаневски и Димитар Илиевски. Во филмот се појавуваат: Васко Атанасовски (Бернајс пропаганда, Балкан Велики), Toшо Филиповски – автор на првата сеопфатна македонска рок-енциклопедија, Саша Павловиќ (Suns), Ивица Димитриевиќ (SIZ), Мирко Попов (PMG Kolektiv), Костадин Шурбановски (Канал 103), Сеад Хаџиќ (Last Expedition, Mooger Fooger), членови на групатa The Hip, Morbid Joker, Музичка младина. Во филмов ексклузивно се измонтирани архивски снимки од настапите на Електрични оргазам, Екатерина Велика, легендарните Nirvana, Psychic TV, Buzzcocks, Sonic Youth, Young Gods.
Јане Алтипармаков, роден на 14.08.1977, студирал Филозофија на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Културолошки студии на Евроколеџ, а дипломирал филмска и ТВ режија на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Филмски работник, музички проследувач и критичар/арт-теоретичар. Потписник на стотина текста од областа на филмот, независната музичка сцена и културата, објавени во повеќе домашни магазини, дневни весници и портали. Повеќегодишен музички соработник во независното радио Канал 103. Како режисер и продуцент се потпишува на повеќе документарни филмови, кратки форми и видеозаписи. Добитник на наградата за особен придонес и развој на македонската алтернативна сцена (The Hip-Reality Overdrive), и на специјалната награда за музички филм (The Hip-Brainstorm). Работи и како фото-документарист.
 
22:30 Локација Стар пазар
 
ФИЈУК Македонија / саем на независни продукции
ФУЈИК е саем на независни издавачи, ФИЈУК е идеја што со брзина на македонски воз се шири и во нашиот регион. Полека, но стабилно. По ФИЈУК Скопје, со радост се гледаме на БОШ, традиционално, по 4-ти пат. Независни издавачи на нови идеи, реализирани во различни материјални форми, графики, плакати, постери, музика, мапи, арт-книги, фотографии или монотипии. Фијук е простор за средби, размени, разговори, љубови и симпатии, каде што ќе го најдете она парче среќа што долго го баравте.
„Зомбиленд“ – Горанд Дачев / изложба на стрип-табли
Изложба на стрип-таблите нацртани од Горанд Дачев за графичката новела „Зомбиленд“ по текст на Емил Алексиев. Приказната е пародија на современиот начин на живеење. Инспирирана е од урбаната митологија и популарната култура. Напишана е под влијание на pulps списанијата, филмското платно, science fiction и Б-филмовите, film noir, “spicy/saucy” телевизиските програми (soft porn), андерграунд стрипот и од авантуристички, детективски и гангстерски романи полни со неразјаснети убиства и мистерии.
За време на изложбата ќе биде изложена и графичката новела.
„Маестро Дениќ во живо“ – Александар Дениќ / сликарски перформанс
Александар Дениќ e уметник од Белград, Србија, дел од колективот Матријаршија и долгогодишен пријател на БОШ. Современо, традиционален визуелен интерпретатор на локалните поп-култури, создава слики што предизвикуваат лавина коментари од публиката. Активно ангажиран во регионот, својата последна самостојна изложба „Маестро Дениќ во Музеј“ ја постави во црногорската галерија „Миодраг Дадо Ѓуриќ“ во Цетиње во организација на Народниот музеј на Црна Гора. На што ли ќе го инспирира нашата локална култура?
„Дали сте виделе мечка“ – Алиса Лаурешес / изложба на монотипии
Алиса е дипломиран студент на Факултетот за применети уметности во Париз, со интерес за современи изданија досега има издадено повеќе арт-книги во ризо, оф-сет или дигитал, и соработува со повеќе колективи што се занимаваат со современо издаваштво. Во рамки на нејзината резиденција во Партизанска штампа, преку истражување во областа на монотипии во сито-печатот, ја создаде арт-книгата „Дали сте виделе мечка“, посветена на регионот на Азот и Планинарскиот дом „Папрадиште“, особено на екипата на „Грин пауер“, која се грижи за домот, како и за планинска маркација на овој регион.
„Очи“ – Ице Капсаров / видеоинсталација
Вообичаена е изреката „Убавината е во окото на оној што гледа“, што значи дека убавината не постои сама по себе, туку е создадена од набљудувачите.
Ице Капсаров работи како графички дизајнер повеќе од 15 години. Неговата уметничка работа вклучува различни проекти, како што се видеа, инсталации и дигитални принтови.
PPL & Friends / live
Portron Portron Lopez се експлозивно трио од Франција. Нивната музика е жива материја, адреналински микс од психоделичен рокенрол, афрокарипска ритмика и ориентална трансичност. Имаат заразна енергија и на секој концерт му пристапуваат безрезервно до даска, како да им е последен. За првпат во Гевгелија.
Палми на гола планина.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *