ГЕВГЕЛИЈА Е ПРВА ОПШТИНА КОЈА ПРЕКУ ОО НА ЦРВЕНИОТ КРСТ, УСПЕШНО ГО СТАРТУВАШЕ ПРОЕКТОТ ЗА ЛИЧНА АСИСТЕНЦИЈА НА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

WEB Телевизија во живо

Општина Гевгелија стана првата општина во Македонија во која започна да се имплементира социјалниот сервис „Лична асистенција на лица со попреченост“. Овој проект е посветен на воспоставување на секојдневна лична асистенција и оспособување на лицата со попреченост за највисок степен на независност во исполнувањето на нивните интереси и потреби. Овие интереси и потреби се поврзани со секојдневните активности и независното живеење, но можат да бидат и поврзани со работа или вработување, социјални релации, инклузивно партиципирање во заедницата итн.
 
Услугата за лична асистенција на лица со попреченост е достапна преку ОО на Црвен крст Гевгелија како давател на истата, во партнерска соработка меѓу општините Гевгелија и Богданци, а со проект поддршка од Светска Банка и Министерството за труд и социјална политика. За воведување на услугата лична асистенција на подрачјата на општините Гевгелија и Богданци, во рамки на Проектот за подобрување на социјални услуги на МТСП, Општина Гевгелија, Општина Богданци и ОО Црвен крст- Гевгелија распишаа Конкурс за пријава на 12 кандидати кои посетуваа тримесечна обука за лични асистенти на лица со попреченост.
 
Согласно склучениот Договор за реализација на добиениот грант, во износ од 7.131.336 денари , трошоците за следење на тримесечната обука беа на товар на МТСП, а патните трошоци покриени со средства од Општините Гевгелија и Богданци.
 
По завршувањето на обуката, со стекнувањето на државно-признат сертификат, личните асистенти ќе бидат ангажирани со договори, за давање на услугата во период од 12 месеци, со надоместок за давање на услугата.
Деновиве, беше потпишан и првиот договор за еден личен асистент да е ангажиран кај двајца корисници. Анита Јованова, координаторката на овој проект, од ОО на Црвен крст Гевгелија, по овој повод изјави:
„„Грижата за вашите најблиски имате кому да ја доверите“, е паролата на ОО Црвен крст- Гевгелија за воведувањето на социјалната услуга, лична асистенција на лица со попреченост на подрачјата на партнер-општините Гевгелија и Богданци.
 
На 3 август 2023 година беше потпишан првиот договор за еден личен асистент да е ангажиран кај двајца корисници. Задоволна сум од досегашниот одзив. Се потрудивме сите потенцијални корисници од Гевгелија и Богданци да бидат информирани за достапноста на услугата и што таа овозможува за лицата со попреченост. Дванаесет лични асистенти ја поминаа обуката а со тоа сме достапни за 24 корисници. Но целиот тим во општинската организација Црвен крст Гевгелија напорно работи и не би запреле овде. Се стремиме да сме достапни за секој кој има потреба од услугата лична асистенција, да се зголеми бројот на обучени лични асистенти како и бројот на задоволни корисници. Со оглед на поднесените барања, во соработка со Центарот за социјална работа, набрзо очекуваме да бидат потпишани следните 10 договори.“
 
Разговаравме и со Сања Итева, девојката која со потпишувањето на договорот, стана прва лична асистентка на територијата на Општина Гевгелија:
„Мотивот да станам личен асистент на лица со посебни потреби се крие во мојот карактер, кој е доста хуман и емпатичен. Се пријавив на обуката со цел да им се подобри секојдневниот живот на корисниците на оваа услуга, да им обезбедам подобро и поисполнето утре, да ги поттикнам да го сакаат животот и да ги гледам нивните насмеани лица. Сите тие да имаат подобри и посреќни денови.
Инаку, програмата на обуката опфаќаше стручно-теоретски содржини во времетраење од 84 часа кои пак беа во функција на практичната обука со времетраење од 132 часа и се изведуваше во становите на лицата со посебни потреби.“
 
Своето задоволство од воведувањето на оваа услуга го искажа и градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов:
„Ме радува тоа што Општина Гевгелија прва започнува со вршење на услугата за лична асистенција на лица со попреченост. Веќе е завршено и опремувањето на просториите во Пионерскиот дом за координација, со модерна опрема и канцелариски материјали, а обезбедена е и опрема за личните асистенти. За поефикасна реализација, набавени се велосипеди за сите нив“,
Услугата личен асистент го подобрува степенот на независно живеење на лицата со попреченост и им овозможува рамноправно учество во општеството како и останатите граѓани, притоа застапувајќи го социјалниот модел и пристап кон попреченоста. 
 
Воедно, иако личната асистенција директно му помага на корисникот на оваа услуга, индиректно му помага на целото семејство и го олеснува и подобрува квалитетот на животот на целото семејство. Лицата кои можата да бидат опфатени со услугата лична асистенција се лица на возраст од 6 до 65 години, кои се категоризирани како лица со потешка и најтешка телесна попреченост и лица со целосно оштетен вид.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *