КРЕАТИВНИОТ ПОТЕНЦИЈАЛ НА ХОРОТ „ГОРТИНИЈА“ НАГРАДЕН ОД ОРГАНИЗАТОРОТ И ПУБЛИКАТА НА ФЕСТИВАЛОТ ВО АВСТРИЈА

WEB Телевизија во живо

Шпитал ан дер Драу, градот во Корушка, Австрија, изминатите денови беше центарот на светската хорска уметност. Во подножјето на австриските Алпи, градот восхитува со спојот на традиционалното и современото, додека домаќинот се потруди сите хорови-учесници, вклучувајќи го и градскиот мешан хор „Гортинија“ од Гевгелија, Македонија, да се чувствуваат како вистински хорски ѕвезди. 

„Градскиот мешан хор „Гортинија“ од Гевгелија зеде учество на 57-от Меѓународен хорски натпревар 2023 година, еден од најстарите Меѓународни хорски фестивали во светот, кој од 6 до 9 јули, се одржа во замокот Порсија во градот Шпитал ан дер Драу, во Корушка, Австрија.
Малото гратче се наоѓа во срцето на Австриските Алпи, со прекрасна природа, питоми езера, преубави паркови и луѓе кои живеат со уметноста и срдечно ја поздравуваат.

Фестивалот се одвиваше од 6.7. до 9.7.2023, а настапите на хоровите се одржаа во прекрасниот Замок на Порција од 16 век и во Градската сала кои беа преполни со публика, на сите изведби. На последниот ден од Фестивалот сите хорови со своја забавна програма настапија во местото Милштад кое се наоѓа на десетина километри од градот Шпитал. 

Хорот „Гортинија“ во текот на своето претставување на Фестивалот имаше седум настапи, од кои три во официјално претставување пред жири-комисија, заедно со врвни хорови од Америка, Австрија, Тајланд, Шпанија, Словенија и Швајцарија, три пред поширока публика во Шпитал и еден настап во Милштад каде бројната публика уживаше во изведбите на хоровите кои ја претставија автентичната музичка панорама на својата земја.

Според рангирањето на жирито, од двете натпреварувачки категории, прво место освоија американските хористи (Mt. San Antonio College Chamber Singers, Walnut, USA), второ беа хористите од познатиот словенечки хор (Akademski pevski zbor Tone Tomšič, Ljubljana, Slovenija), а трети Шпанците (Camerata Lacunensis, Spain). Хорот „Гортинија“ беше награден со Специјална награда за креативен потенцијал, од организаторите и од публиката, а наградата содржеше паричен износ од 1000 евра.

Вкупното искуство од овој настан беше драгоцено за сите Гортинци. Видовме сублимација на музички значења во хорската уметност, но и извонредна почит и воодушевеност од истата. Колку што беше фасцинантна изведбата на хорските ансамбли, толку беше восхитувачки да се види љубовта и поддршката што се негува и покажува кон овој вид музика, како и фактот дека во светот се практикува, се фаворизира и извонредно се почитува хорското пеење, но и се дава силна поддршка инситуционално за да може хорската уметност да опстојува и да напредува. И навистина, видовме хорови кои со беспрекорна финансиска поддршка и заложба опстојуваат, настапуваат и ја градат својата биографија, претставувајќи ја својата земја, уметност и култура.
 
Според сево ова, настапот на хорот „Гортинија“ беше своевиден подвиг. Да се настапи на сцена и на мегдан со водечки светски ансамбли, со виртуозни изведби и беспрекорно извежбани и посветени уметници, а притоа да се добие и признание за сопствениот ангажман е двигател и мотив за во иднина, ни изјави по враќањето диригентот и раководител на хорот „Гортинија“, Илија Атанасов.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *