ОТВОРЕН ДЕН НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ВАРДАРСКИ РИД“ ВО РАМКИТЕ НА ПРЕКУГРАНИЧНИОТ ПРОЕКТ НА МАКЕДОНИЈА И ГРЦИЈА

WEB Телевизија во живо

Во Гевгелија денеска, во рамки на проектот „Еуропос- Палатино – Стоби, „Европското минато и иднина, културни вредности“ беше организиран отворен ден на археолошкиот локалитет Вардарски рид.
Проектот го реализираше НУ Музеј Гевгелија во соработка со CISS Cooperazione, Regional Development Found of Central Macedonia – Region of Central Macedonia и Ephorate of Antiqes of Kilkis и НУ Стоби.
 
Воведен збор имаше Горан Бошков, претставник на CISS Cooperacione, кој меѓу другото истакна:
„Отворениот ден на археолошкиот локалитет Вардарски рид е една од активностите на проектот „Европското минато и иднина, културни вредности“ кој е финансиран од Комитетот за прекугранична соработка во Солун. Овој проект денес се реализира во соработка со НУ Музеј од Гевгелија и има за цел помладите гевгеличани, на лице место, да се запознаат, преку нивниот ментор Гордана Петрова, со начинот на изработката на копии од археолошките наоди. Сакавме да го побудиме интересот кај младите кои во иднина би сакале да се занимаваат со ваква изработка, да го видат процесот на изработка на копиите кои потоа би можеле да се понудат на туристите на овој археолошки локалитет“.
 
Пред присутните се обратија и Корина Киса, менаџер на самиот проект, како и Александрос Вувулис, археолог од Кукуш, кои го изразија своето задоволство од денешниот настан и ги поканија заинтересираните на 14 јули во Игуменица, на сличен настан со што се остварува взаемната соработка на овие два прекугранични региони.
На настанот беа присутни и директорот на НУ Стоби и директорката на НУ Музеј Гевгелија, Цеца Танчевска.
 
Инаку, Вардарски Рид е археолошко наоѓалиште во средишниот дел на Долното Повардарие или Амфакситида, како што се нарекувал овој регион во антиката.
До доцниот V век пр. н.е., областа Амфакситида претставувала одделно кнежевство во коешто античките Македонци се издвоиле како посебен етнос. Оваа долномакедонска област ја сочинувале повеќе градови, меѓу кои се издвојуваат Идоменае, Гортинија и Аталанта. Според архитектурата, урбанизмот, културата и уметноста, тие претставувале економски мошне развиени градови.
Еден од овие градови, за кој повеќето археолози тврдат дека е градот Гортинија, се наоѓа на локалитетот Вардарски Рид.
 
На Вардарски Рид континуирано се живеело во текот на повеќе од 1000 години, од крајот на бронзеното време (XIII век пред н.е.) до доаѓањето на Римјаните (II-I век пред н.е.). Низ шест последователни населби, почнувајќи од мала праисториска населба на Ридот 1, во текот на V и IV век пред н.е. израснал старомакедонскиот град – античка Гортинија, град посведочен во историските извори како еден од центрите на Античка Македонија. 
 
По прекин на населбата повеќе од 1000 години, во полниот среден век (ХI-ХIII век н.е.), секторот некропола повторно се користел за погребување на населението од Вардарски Рид. Откриените наоди на шестте од истражуваните сектори претставуваат остатоци од старомакедонскиот град кој постоел (V-I век пред н.е.), а во секторот ’’Некропола’’ се погребувања од најстарата – иницијална населба од крајот на бронзеното доба (XIII век пред н.е.) и од најмладиот средновековен хоризонт.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *