ПРВОМАЈСКИТЕ ТРКИ ВО СТОЈАКОВО СО МАГАРИЊА И КОЊИ, ОД ГОДИНАВА ЗБОГАТЕНИ И СО ТЕШКАТА „РАБОТНИЧКА ТРКА“ СО КОЛИЧКИ

WEB Телевизија во живо

Спојот на минатото и сегашноста ги прави жителите на Стојаково горди, имајќи предвид дека овие натпревари се дел од нивниот живот и традиција која трае повеќе од 70 години.
Прославата на 1-ви мај во богданското населено место Стојаково, веќе седум децении по ред е интересна не само поради скарата во природа, туку и поради традиционалната трка со магариња, а последните години и поради атрактивната трка со коњи, трка со велосипеди, со вреќи, улични трки…
 
И оваа година, Советот на месната заедница од Стојаково, под покровителство на Општина Богданци ги организирaше традиционалните Првомајски трки. Станува збор за натпревари во неколку дисциплини како и богата културно-уметничка програма што секоја година се одржуваат на Први мај во Стојаково-традиција што се негува од 1951 година и веќе 72 години е заштитен белег на жителите од ова населено место.
И покрај намалениот број на коњи и магариња во последните години во ова место, организаторите се погрижија настанот да биде на нивото на сите досегашни.
 
Учесниците се натпреваруваа во неколку дисциплини, трка со коњи, трка со магариња, трка на сто метри за јуниори и сениори во машка и женска конкуренција, скокање во вреќи, трка на 1500 метри, трка на 3.000 метри, трка со велосипеди, борба на рака и влечење со јаже. На првите три натпреварувачи во сите категории организаторите им доделија и парични награди.
 
Она што беше новитет, оваа година е воведување на нова дисциплина, нова трка, насловена како РАБОТНИЧКА ТРКА.Трката беше на 100 метри со рачна количка. Се натпреваруваа по двајца натпреварувачи, од кои едниот беше седнат во количката а другиот го возеше до целта.
 
По завршувањето на овогодишните Првомајски трки, членот на Организациониот одбор, Сашо Улишев во изјава за „Вечер“ истакна дека се задоволни од посетеноста на овие трки, но уште повеќе од одзивот на натпреварувачите, бидејќи тоа беа претежно млади учесници, а со тоа тие покажаа дека се грижливи чувари на традицијата, која во ова место се пренесува од колено на колено.
 
Улишев вели дека нема пишани материјали за првата Првомајска трка во Стојаково во далечната 1951 година, но од усмените кажувања се претпоставува дека таа е организирана во времето на т.н колективизација и масовното прославување на Денот на трудот- 1 Мај.
 
Инаку, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија неодамна склучи меморандум за соработка со општина Богданци, а со цел туристички развој на еко-руралните средини и промоција на традиционалните активности во регионот.
 
Што се однесува за културно-уметничката програма, неа ја исполнија членовите на Играорната фолклорна група од Стојаково, која работи во состав на КУД „Бранд Петрушев“ од Богданци, како и танцовата група „ДИВА“.
 
Седумдецениска традиција во Стојаково и оваа година привлече голем број домашни и странски гости, со што навистина Стојаково и оваа година го заслужи епитетот „центарот“ на Македонија.!
 
Затоа, пораката на организаторите дека оној кој еднаш ќе дојде во Стојаково за 1 мај, повторно ќе посака да дојде, нека биде покана на сите оние кои до сега не присуствувале на овие трки, наредната година првомајскиот празник да го поминат во Стојаково каде ќе присуствуваат на несекојдневен настан и добра забава.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *