Денеска се празнува големиот христијански сведен, познат кај народот како Ѓурѓовден, во чест на Свети великомаченик Георгиј Победоносец, празникот на обновувањето на природата и на животот.
Ѓурѓовден е најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и другото население, што од друга страна зборува за фактот дека во неговата основа лежи некој голем претхрстијански празник во чест на пролетта, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.
Од веќе заборавените магиски активности поврзани со овој повпечатливи биле преземањето на млекото од туѓата стока (овци, крави и сл.), како и симнувањето на Месечината. Се верувало дека преземањето на млекото можело да се направи од жена само спроти Ѓурѓовден.
Стефан Тановиќ во записите од Гевгелиско пишува дека оваа жена што презема туѓо млеко пред да тргне да ја изведува магијата, најпрвин ја симнува Месечината на земјата, а дури потоа ја прави магијата во врска со млекото.
Посебно значаен обичај што е поврзан со Ѓурѓовден е лулањето или нишањето. На зелени, односно сурови дрва (слива, врба, муренка, јаболкница и др.) се обесуваат ортоми и на нив преку целиот ден се нишаат децата, но и повозрасните девојки и момчиња, дури и помладите невести. Секој што е на нишалката во рацете држи црвено јајце, а во некои краишта уште и некој сребрен предмет (најчесто прстен), коприва, трева огојка, лепаец и камен.
Многубројните и разновидни обичаи што се изведуваат на Ѓурѓовден, како што се оние со билките, песните што го опеваат разбудувањето на природата, радоста поради враќањето на животот по зимскиот пасивен период и сл. упатуваат на сознанието дека Ѓурѓовден е сточарски и земјоделски празник, а свети Георгиј е небесен клучар кој ги контролира небесните и земните природни појави што влијаат да биде богат бериќетот.
На иконите, св. Георгиј е претставен како војвода, како на коњ ја убива ламјата којашто се наоѓа под копитата на коњот.
Светителот, во чија чест се слави овој празник, св. Беликомаченик Георгиј Победоносец бил роден во Кападокија од богати и благочестиви родители. Татко му пострадал за Христа, а мајка му се преселила во Палестина.
Кога пораснал, Георгиј отишол во војска и во својата дваесетта година го стекнал чинот трибун и како таков служел при царот Диоклецијан. Кога овој цар започна страшно гонење на христијаните, Георгиј истапил пред него и одважно се исповеда дека е христијанин.
Царот го фрлил во затвор, па наредил нозете да му ги стават во клади, а на градите да му положат тежок камен.
Денес им е именден на Ѓорѓија, Ѓурѓа, Ѓоре и многу други.
Вечерта спроти Ѓурѓовден, во некои краишта било обичај да се собираат зелени гранчиња и растенија, да се плетат венци, а со нив да се закитат вратите и прозорите на куќите, влезните порти и капии. Ова се правело според верувањето дека така годината и домот ќе бидат бериќетни, да има здравје, плодови и род во домот, полето и во шталите.