ЧЕСТИТ ДЕН НА ВЛАСИТЕ – 23 МАЈ !

WEB Телевизија во живо

TI MULTSA ANJ DZUA NACIONALE ARMANJLOR !
 
Влашката заедница во земјата денеска го прославува 23 мај –Националниот ден на Власите, кој со Законот за празници од 2007 година е и државен празник и неработен ден за припадниците од влашката заедница.
Со одлука на Лигата на Власите и другите влашки граѓански здруженија, во 1991 година овој ден е прогласен за Национален ден на Власите од целиот свет.
 
На 23 мај 1905 година султанот на Турското Царство, Абдул Хамид Втори го издал „Ираде” (султановиот декрет) со кој на Власите им биле доделени национални права во Отоманското Царство, можност за избор на свои “муктари” (градоначалници), можност за настава на влашки јазик во училиштата и богослужба на влашки јазик во црквите. На истиот ден, Везирот Сафет Паша го потпишал и издал „Коминикето” со кое на патријаршијата и се забрануваат: националните права, правото на јазик и богослужба.
 
Република Северна Македонија е прва, засега единствена земја каде Власите се признати со Уставот како заедница, односно како дел од влашкиот народ кој е распространет на Балканскиот Полуостров и имаат право на граѓанско и политичко организирање, емисии на влашки јазик на Македонската национална радио и телевизија, имаат право на изборно изучување на предметот „јазик и култура” на Власите во училиштата, издаваат книги, списанија и организираат разни културни манифестации.
 
Според податоците од последниот попис во Македонија, во рамките на општина Гевгелија, како припадници на влашката заедница се изјасниле 266 лица, од кои 156 мажи и 110 жени (или 1,23 % од вкупно попишаните жители на општина Гевгелија.
По прогласувањето на Гевгелија за град во 1886 година, во Гевгелиската околија, иако доста оддалечени, влегле и мегленските влашки населби: Ума, Бериславци, Лугунци, Ошин, Н’те, Љумница и други. Од тогаш некои поединци или семејства почнале да се доселуваат во градот Гевгелија.
 
Бидејќи биле малубројни и православни христијани, потомците на овие доселеници ги посетувале месните училишта во коишто се школувале на македонски народен јазик, а богослужба слушале на црковнословенски јазик. Дома си зборувале на својот мајчин јазик, кој што претставува една посебно мегленско наречје со примеси на латински, словенски, грчки, турски и други зборови. Како вредни и работливи луѓе се стекнале со свои земјоделски имоти во околината на градот и живееле од својот труд. Во 1870 година бројот на вкупното население изнесувал околу 1.610 жители, од кои 1.257 Македонци, 250 Турци, 103 Власи, предимно доселени од Влахо-Мегленската област.
 
Здружението на власи од општина Гевгелија „Мегленија“ денес си има свое седиште каде редовно се собираат околу деведесетина членови. Влашкиот народ во Гевгелија со гордост ги негува своите обичаи, фолклор,
култура и јазик со што придонесува за културната разновидност во градот и во
Македонија, и за заедничката иднина.
 
Во славната, прочуена книга „За македонцките работи“, во поглавјето со наслов „Што направивме и што треба да правиме во иднина“ еве што пишува Мисирков (цитат): Најарни можат и треба да ни бидат односите со Власите. Нашите интереси никаде не се пресреќаваат со влашките. Власите повеќе живеат во градовите и се трговци, а ние повеќе сме во селата и сме селски стопани. Оние од Власите што живеат во селата, се занимаваат со овчарство.
 
Власите и нашиот народ се разликуваат по јазикот, носијата, карактерот, така што никојпат Власите не можат да претендираат на наши села; исто така никојпат ние не сме кажувале оти влашките села се наши. Меѓу нас и Власите нема никакво историско недоразбирање. Власите никојпат не имале никаква власт над нас и никојпат не ни сториле никаква пакост. Исто така, тие немаат ништо патено од нас.
 
Обратно, уште од средните векови и меѓу нас и Власите имало секојпат согласност. Врз таква почва може да се развие најсрдечна дружба помеѓу нас и Власите. Таа дружба треба да пушти длабоки корени помеѓу двата братски народа за да им даде можност рака за рака да одат по тешкиот пат на културниот прогрес.“

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *