ВЕЛИГДЕНСКО ПОСЛАНИЕ НА Г.Г. СТЕФАН И СИНОДОТ НА МПЦ-ОА

WEB Телевизија во живо

Јас сум воскресението и животот;
кој верува во Мене, и да умре, ќе живее[1].
Возљубени празникољупци,
Сета наша вера во вечноживиот Бог се потпира врз најголемиот настан во историјата – врз Христовото воскресение! Оти, ако Христос не воскреснеше, напразна ќе беше нашата проповед и празна ќе беше нашата вера.
Возљубени чеда во Господа,
Силата на воскреснатиот Христос се покажува низ сите поколенија, пројавувајќи се во многубројните осветени христијански души, во секое време и на секое место. Апостолите ја раширија благата вест за Христовото воскресение на сите страни од светот; многубројните маченици, заради верата во Христа Бога, ја сведочеа едната и иста Христова вистина; преподобните и богоносни отци, со помош на оваа непобедлива сила, ги победија сите противници на правдата. Затоа, многубројните светители треба да ни бидат светол пример што треба да го следиме, за да достигнеме богоугоден живот.

Но, за да ги постигнеме и усвоиме во животот, неопходни ни се: покајанието, преумувањето и преобразувањето, односно нужно е катадневно да стануваме подобри и подобродетелни. Токму доброто, правдата, незлобливоста и љубовта го сочинуваат вистинскиот живот.
Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,
Во ова време кога засилено се поддржуваат и се шират овоземни, минливи и распадливи вредности, ние, како православен народ, да се придржуваме до евангелските пораки, не заборавајќи дека Христос е ист вчера, и денес, и во вечни векови. Да веруваме во секој Христов збор, зашто небото и земјата ќе минат, но зборовите Негови нема да поминат. Па, да се чуваме од меѓусебни поделби, коишто водат до нарушување на нашето сенародно единство, и да не забораваме: нашиот македонски народ низ вековите се одржал затоа што за свој темел Го имал Христа Бога и Неговите вечни вредности, а за своја мајка ја имал Црквата.

Годинашниов Велигден, за првпат по забранувањето на дејноста на Охридската Архиепископија во 1767 година, го прославуваме во радоста на единството со сите останати помесни Православни Цркви. Му благодариме на воскреснатиот Христос Бог поради тоа, и просиме Неговата благодат богато да се излева врз православниот македонски народ, но и врз сите што живеат на просторите на нашата Македонија, и да нè сочува од разните поделби и непријателства. Единството во Православието и признавањето на нашиот автокефален статус нека ни бидат поттик за градење и за чување на нашето духовно и национално единство.

Нашата радост, веруваме, ја споделуваат и светиот апостол Павле, кој прв го посеа евангелското слово по македонската земја, како и славниот цар Јустинијан, во чие време се основа на нашиве простори помесната Црква ‒ Јустинијана Прва. Со нас се радуваат и светите солунски браќа Кирил и Методиј, кои пред 1160 години ја започнаа својата мисија во Моравија, а во оваа година се навршуваат и 1130 години од ракополагањето на свети Климент Охридски во епископски чин. Исто така, годинава ќе одбележиме и 120 години од славното македонско востание на Илинден во 1903 година.

Спомнувајќи си за овие свети и светли личности и годишнини, во текот на оваа година ќе им оддадеме заслужна благодарност за нивниот труд, за застапништвото и за жртвувањата кои ги подарија на нашиот народ и на нашата Црква. Годинава ќе одбележиме и 60 години од осветувањето на првиот македонски храм во САД ‒ „Свети апостоли Петар и Павле“ во Гери, Индијана, храм кој имаше рамноапостолска мисија и беше предводник во духовната грижа за македонските доселеници на Северноамериканскиот Континент.
 
Честитајќи го Велигден, најрадосниот христијански празник, на сите чеда на Македонската Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија во Татковината и насекаде по светот, молитвено им посакуваме силата на Христовото воскресение да дејствува во сите нас, па од сето срце и од сета душа, заедно со сите наши православни браќа и сестри, да му објавиме на сиот свет: Христос воскресе!

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *