ТРАДИЦИЈАТА ПРОДОЛЖУВА: СТОЈАКОВО И ГОДИНАВА ЌЕ ГИ ОРГАНИЗИРА ПРВОМАЈСКИТЕ ТРКИ СО МАГАРИЊА, КОЊИ, ВРЕЌИ И…

WEB Телевизија во живо

Прославата на 1-ви мај во богданското населено место Стојаково, веќе седум децении по ред е интересна не само поради скарата во природа, туку и поради традиционалната трка со магариња, а последните години и поради атрактивната трка со коњи, трка со велосипеди, со вреќи, улични трки…
 
Ако Памплона ја има познатата трка со бикови, тогаш, Стојаково ја има долгогодишната трка со магариња. И, ако на првата трка луѓето бегаат пред разулавените бикови, на оваа втората, стојачани се натпреваруваат качени на грбот на питомите магариња, што побргу да стигната до целта. Борејќи се со другите противници, но и со познатата тврдоглавост на магарето. Така некако пишувавме во „Вечер“, минатата година по завршувањето на Првомајските трки во Стојаково.
 
И оваа година, Советот на месната заедница од Стојаково, под покровителство на Општина Богданци излезе со најава дека ќе ги организираат традиционалните Првомајски трки. Станува збор за натпревари во неколку дисциплини како и богата културно-уметничка програма што секоја година се одржуваат на Први мај во Стојаково-традиција што се негува од 1951 година и веќе 72 години е заштитен белег на жителите од ова населено место.
 
Учесниците ќе се натпреваруваат во неколку дисциплини, трка со коњи, трка со магариња, трка на сто метри за јуниори и сениори во машка и женска конкуренција, скокање со вреќи, трка на 1500 метри, трка на 3.000 метри, трка со велосипеди, борба на рака и влечење со јаже.
За првите три натпреварувачи во сите категории се предвидени и парични награди.
 
Како што не информираше еден од членовите на Организациониот одбор, Сашо Улишев, подготовките се веќе при крај. Пријавувањето на учесниците на овие трки започна од понеделникот, 24 април и ќе трае до петок, 28 април 2023 година. Тој очекува и оваа година да се пријават голем број на млади учесници, затоа што со тоа тие покажуваат дека се грижливи чувари на традицијата, која во ова место се пренесува од колено на колено.
 
Улишев вели дека нема пишани материјали за првата Првомајска трка во Стојаково во далечната 1951 година, но од усмените кажувања се претпоставува дека таа е организирана во времето на т.н колективизација и масовното прославување на Денот на трудот- 1 Мај.
Седумдецениска традиција во Стојаково, атрактивна трка со магариња и коњи и оваа година се очекува, вели Улишев, да привлече голем број домашни и странски гости!
 
Инаку, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија склучи меморандум за соработка со општина Богданци, а со цел туристички развој на еко-руралните средини и промоција на традиционалните активности во регионот.
Поради ова, истакна Улишев, Организациониот одбор испрати покана до Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, др. Љупчо Јаневски, и се очекува и тој, со своето присуство да го збогати овој настан. Единственото случување, со потврдена афирмација во земјава го препознава и новинар од Србија, во чија емисија директорот Јаневски беше гостин, а се промовираа туристичките можности и активности кои ги нуди државаа за странските посетители.
 
Што се однесува за културно-уметничката програма, неа ќе ја исполнат Играорната фолклорна група од Стојаково, која работи во состав на КУД „Бранд Петрушев“ од Богданци, како и танцовата група „ДИВА“.
На крајот, Организациониот одбор упатува покана до жителите од југоистокот, како и од другите места од Македонија, првомајскиот празник да го поминат во Стојаково каде ќе присуствуваат на интересни трки и добра забава.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *