ИЗЛОЖБА НА ВАНГЕЛ СРНАКОВ „ПОГЛЕД ПРЕКУ… ВО СКОПЈЕ”

WEB Телевизија во живо

На 15 март, со почеток во 19.30 часот во просториите на Салон Империјал 1 во Културно-информативниот центар – Скопје, ќе биде отворена изложбата „Поглед преку…“ изложба на слики од Вангел Срнаков.

Досегашното творештво на Срнаков изобилува со визуелност во повеќе техники на изразување, масло на платно, темпера на платно, масло на панел, емајл на ready made панел, како и повеќе сликарски дисциплини, портрет, мртва природа, пејзаж, од фигурација до апстракција. 
Иноватор, имајќи слух за нови тенденции, без да се затвара во нивното битие и да им робува, ја зема онаа супстанца од нив, и преку палетата на бои и контрасти, органски ја вклупува во неговиот сликарски начин на размислување. 
Реалист, толкувач на животот, со препознатлив пристап и истражувања базирани кон нови форми, нов обликовен дух. Со употребата на разни материјали во делата кои носат печат на секојдневни настани со длабоки сочувства и идеи, неговата уметност зрачи со мир, хармонија и убавина.

Изборот на дела кои ги обединува насловот „Поглед преку…“, работени во техника масло на панел /платно и поделени во три жанрови на изразување: Портрет (фигуративно), Пејзаж и Мртва природа (предметно), претставуваат сликарство со реалистични манири и со мали примеси на хиперреализам. Тематски акцентираниот видлив емотивен материјал, насочен и обликуван во делата, и присуството на ладниот колорит со доминација на сивата, плавата и зелената боја, со својата целокупна визуелна интерпретација и фотографски ликовен третман ја преточува во една порака со апелациски став, согледана од двоен аспект – естетски и еколошки.

Во современото живеење, разните проѕирни материјали кои се во секојдневна употреба и се составен дел од нашето опкружување до таа мера што егзистираат како неприметливи односно невидливи. Нивната прекумерна употреба или злоупотреба претставува еколошки проблем од глобален карактер. Во последно време, е многу актуелизирана темата каде огромни количини на овие материјали како отпад завршуваат насекаде во животниот простор кој не опкружува.

Авторот од свој ракопис преку делата сака да даде поинакво естетско видување на нештата односно субјектот на перципирање преку разните проѕирни материјали како што се пластиката, фолијата, стаклото, водата… Ликот односно портретот на моделот виден преку пластична фолија, актот виден преку стаклена површина, пејсажот виден преку стакло/позорец со капки вода, поглед во базен преку рефлексијата на водата… Преку делата, авторот нуди едно поинакво видување на реалноста, филтерот помеѓу авторот/гледачот и субјектот на сликата создава рефлексија која дава поинаква реалност на сликата, остава порака за разумно користење на посочените материјали заради заштита на околината.

Срнаков, правник по професија, сликар по вокација, кој во отсуство на формалното ликовно образование, потпирајќи се исклучиво на сопствените внатрешни импулси и креативни потенцијали, се формира изолирано и самостојно, но при тоа, уште во 1994 год.,охрабрен и под менторство на академскиот сликар Никола Бутров ги добива основните сликарски и технолошки поуки. Надграден со ликовните техники и изрази, ликовното творештво на Срнаков доаѓа до израз уште во 2006 година, каде редовно е застапен на самостојни и групни изложби во земјава и странство и до денешен ден неуморно твори и го збогатува личниот творечки опус,
ќе напише за Срнаков Александар Каракабаков, кустос, историчар на уметноста.

Изложбата ќе биде отворена до 29.03.2023 година.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *