80 ГОДИНИ ОД ДЕПОРТАЦИЈАТА НА ЕВРЕИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА

WEB Телевизија во живо

АЛЕКСАНДАР И ЕЛИЗАБЕТА – ЉУБОВ МЕЃУ ЖИЦИТЕ НА ЛОГОРОТ САНДБОСТЕЛ. ЉУБОВ ПОСИЛНА И ОД СМРТТА.
 
Се навршуваат 80 години од оној тажен ден, 11 март 1943 година, кога во Скопје, Битола, Штип и во другите градови на Македонија со помали еврејски заедници, започнало собирањето на Евреите и нивно транспортирање во Привремениот концентрационен логор во Монополот во Скопје. На 15 март 1943 г. во логорот имало 7.240 Евреи. Меѓу нив биле и 14 жители на Гевгелија од двете еврејски семејства Брзилај (Самоил, Давид, Јаков, Деди и Виден) и семејството Ишула (Сафа, Салфета, Мануел, Давид, Аника, Маркита, Ида и Фекула).
На 22, 25 и 29 март 1943 година, 2.150 семејства, со вкупно 7.148 члена, во три транспорта, биле упатени во логорот на смртта Треблинка 2 во Полска.
Ова би било вообичаеното и сувопарно нотирање за холокаустот на македонските Евреи во Втората светска војна.
 
Но, јас би сакал на еден поинаков начин да пишувам за овој ден и со тоа да им оддадам достоен почит на сите Евреи кои го изгубиле својот живот во логорите на смртта. Идеа ми даде еден цртеж на кој е претставен Александар Сингер, за чиј живот и лекарска работа во Гевгелија, од 1946 па се до неговата смрт во 1996 година, пишувавме во ВЕЧЕР.
Гледам во цртежот, на која докторот, заробеник, Сингер е качен на жиците од логорот и разговара со една прекрасна девојка , Еврејка, заробеничка во женскиот дел на логорот Сталаг Х-Б. Во позадина трча стражар кој извикува „назад“.
Гледам и се прашувам, како може некој да помисли дека на толку страшно место кое проголтало толку човечки животи, може да се роди таква чиста емоција како љубовта. Но, овој пример ја докажува вистинитоста на изреката дека „Љубовта е посилна од се, па дури и од смртта“
Јордан Јанев, човекот во чија куќа живеел популарниот гевгелиски доктор, ми кажува дека автор на овој цртеж е Италијанецот Алберто Бенедети, кој бил заробеник во истиот логор, бидејќи одбил да служи во италијанската фашистичка војска.
 
Сталаг Х-Б бил германски логор за воени заробеници од Втората светска војна лоциран во близина на Сандбостел во Долна Саксонија во северо-западна Германија. Помеѓу 1939 и 1945 година низ логорот поминале неколку стотици илјади заробеници од 55 нации. Поради лошите услови во кои биле сместени, илјадници умреле таму од глад, болест или биле убиени од стражарите. Проценките за бројот на загинатите се движат од 8.000 до 50.000.
Доктор Сингер, за среќа се спасува од тоа да не заврши, како и многуте Евреи во гасните комори.Тој како лекар ги лекувал Германците кои биле чувари во логорите, им давал уверенија за боледување, а ги лекувал и заробениците кога се појавила епидемија на тифус.
 
Во главата и денес ми татни, сирената ми ги пробива ушите, а глетката ми го вкочанува погледот, се сеќава години подоцна доктор Александар Сингер.
„Иако логорот беше заграден со бодликава жица под висок напон во градот можев да излегувам, се разбира во придружба на стражар. Одевме еден ден низ Хамбург, во трамвајот гледам фин господин во реверот голема жолта ѕвезда. Тогаш за прв пат ја видов „Давидовата ѕвезда. Еднаш еден германски заповедник, се викаше Шредер, ме однесе во еден бар, и пред да влезам, на вратата на една плоча пишува-„На кучињата , Евреите и Циганите, влезот е забранет. Се стаписав, Германецот ме нуди со пиво, а јас се препотувам. Како на челото да ми пишуваше „Евреин“.
 
Но, и тоа што бев лекар сигурно немаше да ме спаси од сигурната смрт, ако не му го спасив животот на еден германски наредник во логорот „Боркхорст“, наредникот Вес, кого подоцна го нарекував „генерал“. Наредникот Вес дојде една вечер во 1944 година во неговата соба и без увод ми рече- „Не сакам во минута до 12 да умрам за Фирерот. Ве молам дајте ми некои лекови од кои ќе изгледам дека сум болен. Му дадов преголема доза на лекови против срцеви напади. Вес доби такви болки, по што утредента германскиот лекар го прогласи за тешко болен и неспособен за војска.
 
Како благодарност за ова, наредникот Вес ми даде дозвола да можам да се движам слободно и во машкиот и во женскиот дел од логорот. И така започна мојата „љубовната прииказна“ со заробеничката, еврејката Елизабета.
„На прв поглед се заљубив во нејзината женственост, нејзината насмевка, нејзината убавина“,му раскажувал доктор Сингер на Јанев. „
„Парадоксално, ги живеев најдобрите денови од мојот живот додека смртта беше насекаде околу мене“, изјави тој. Планиравме, доколку преживееме, по војната да се венчаме и да живееме заедно. Но, за жал, тоа не се случи. Кога концентрациониот камп Сталаг Х-Б Сандбостел беше ослободен од британските трупи на 29 април 1945 година, јас заминав на една, Елизабета на друга страна на светот. Повеќе не се видовме, за жал, раскажувал Сингер.
„Судбината така сакаше“, му кажувал тој на Јанев, и додавал: „Но, да можам нешто да направам, ништо не би менувал“.
 
Дека животот понекогаш знае да се поигра со човечките судбини кажува и овој настан. По неговата смрт, ни кажува Јордан Јанев, при една посета на својот роден град, Владимир Ралев, познат гевгеличанец, бизнисмен и филантроп ми раскажа неверојатна приказна. На една прослава во хотел во Женева, случајно се запознава со една дама. Во неврзаниот разговор, таа во еден момент го прашува од каде е. Ралев, раскажува Јанев и кажува дека е од Македонија, поточно од Гевгелија. Таа го прашала дали случајно се познава со доктор Александар Сингер. Тој и кажал дека го познав, но за жал докторот е веќе починат, Изненадувањето на Ралев било големо кога дамата му рекла дека таа е Елизабета, големата љубов на доктор Сингер од логорот Сандбостел.
 
Ова е дел од богатиот и возбудлив живот на „гевгелискиот Хипократ“. Во Гевгелија Александар Сингер пристигнал во 1946 година и, наредните педесет години, се до својата смрт, во 1996 година, со своето лекарско знаење и искуство безрезервно им помагаше на жителите на Гевгелија, на југот од Македонија, деноноќно, по секакви временски услови, со запрежна кола, на магаре или велосипед, но и го афирмираше градот, иако не беше роден во него.
 
За жал, до тоа никогаш нема да дојде, иако двајцата ја преживеале војната, никогаш повеќе не се виделе. За таа голема љубов сведочи и еден цртеж од логорот „Боркхорст“, на кој се овековечени вљубените Александар и Елизабета.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *