УСВОЕНА ЗАВРШНАТА СМЕТКА НА БУЏЕТОТ НА ОПШТИНА ГЕВГЕЛИЈА ЗА 2022 ГОДИНА

WEB Телевизија во живо

Во 2022 година, од планираните 519.651.337 денари вкупни приходи во Буџетот на општина Гевгелија реализирани се 461.564.783 денари или 88,82%, додека од планираните приходи во основниот буџет во износ од 228.617.133 денари реализирани се 204.585.191 денар, или 89,94%. Ваквата реализација на Основниот буџет во минатата година, во услови на енергетска и економска криза, е повеќе од успешна, нагласи градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, во расправата по Завршната сметка на Буџетот на Општина Гевгелија за 2022 година, која беше усвоена од страна на Советот на Општина Гевгелија на 23. седница.
Од планираните 17.100.000 денари капитални приходи во Основниот буџет реализирани се 14.856.933 денари или 86.88%. Инаку, од планираните расходи во Буџетот на Општина Гевгелија за 2022 година реализирани се 88,82% или 519.651.337 денари. Додека, во Основниот буџет за 2022 година реализираните расходи учествуваат со 204.585.291 денар, од кои 45.593.910 денари или 22,29% се капитални расходи. Во споредба со планираните капитални расходи од 58.584.467 денари, капиталните расходи учествуваат со 77,82% што е индикатор за задржување на развојната компонента на инвестициони активности во општина Гевгелија, стои во Завршната сметка за Буџетот на Општина Гевгелија за 2022 година.

– Единственото намалување на приходите во однос на 2021 година е од уредување на градежното земјиште, како одраз на економско-енергетската криза која негативно влијаеше врз работењето на стопанствениците и интересот за инвестирање. Меѓутоа, во текот на 2022 година, зголемени се даночните и неданочните приходи и на тој начин го покривме дефицитот на приходи заради намалените приходи од уредување на градежно земјиште, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, осврнувајќи се на структурата на приходите и расходите кои се од значење за развојната компонента на општината. Што се однесува до расходите споредбено со 2021 година, за плати и надоместоци, зголемувањето е поради усогласувањето на платите на вработените со минималната плата, а за стоки и услуги, поради покачените цени на електричната енергија и горивата. Тоа е и причина за намалување на капиталните расходи во однос на 2021 година, нагласи Сарамандов.
 
– Во 2022 година, се соочивме со повеќе предизвици како резултат на енергетско-економската криза, кои успеавме да ги совладаме со менаџирање и успешно подмирување на зголемените трошоци на Општина Гевгелија и ЈПКД „Комуналец“ за електрична енергија. Истовремено, и да ги реализираме планираните програмски активности и проекти за доброто на граѓаните. Затоа, сметам дека реализацијата на Основниот буџет во 2022 година, во вакви услови, е повеќе од успешна, со повеќе реализирани проекти од интерес на граѓаните, дел со сопствено учество, а дел со добиени средства од грантови. Станува збор за изградбата на атмосферската канализација, во должина од 6.500 метри во Гевгелија со грантот од КFW- банката, новиот цевковод за водоснабдување во Негорци, во завршна фаза е и изградбата на новиот цевководот во Прдејци, а веќе 65% е изградена и новата водоводна линија за Богородица. Изграден и пуштен е во употреба Младинскиот дом во Прдејци, со грант од ТАВ и сопствено учество од околу 7.000.000 денари за внатрешното и надворешното уредување. Минатата година, беа обновени и неколку спортско-рекреативни терени, беше реконструирано кошаркарското игралиште „Иван Пенов“, а целосно реконструирано мултифункционалното игралиште кај ДТВ „Партизан“. Со сопствени средства е изградена улицата од Милци до граничниот премин „Богородица“, новопланирана улица во Серменинско маало, беа бетонирани и асфалтирани улици во повеќе населени места, со сопствени средства започна изградбата на стационарот за бездомни животни и реконструкцијата на стариот објект на ЗИГ „Винојуг“ во Богородица. Верувам дека во 2023 година ќе дојде до стабилизација на кризата и нема да ги имаме истите проблеми како во 2022 година, а тоа ќе придонесе и за поголема реализација на Буџетот на Општина Гевгелија, истакна градоначалникот Андон Сарамандов пред советниците при усвојувањето на Завршната сметка на Буџетот на Општина Гевгелија за 2022 година.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *