СВ. ТРИ СВЕТИТЕЛИ, ВАСИЛИЈ ВЕЛИКИ, ГРИГОРИЈ БОГОСЛОВ И ЈОВАН ЗЛАТОУСТ

WEB Телевизија во живо

ВО ГЕВГЕЛИСКО, СПОРЕД ПРЕДАНИЕТО, СЕ ВЕЛИ ДЕКА ЈОВАН ЗБОРУВАЛ „СУС ЗЛАТНА УСТА“ И ДЕКА „ЗЛАТНИ ЛАКРДИИ ПРОГУВУРИЛ“
 
Покрај тоа што си имаат и посебни празници светите Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст имаат и еден заеднички празник.
На 12 февруари според новиот, односно на 30 јануари според стариот календар, нашиот народ го празнува празникот на тројцата светители: св. Василиј Велики, св. Григориј Богослов и св. Јован Златоуст. Многумина не знаат за кои светители станува збор, но знаат дека тоа се значајни личности што страдале за Христовата вера. Во некои места, пак, се раскажува дека тие „заедно душа дале за христијанството.
 
Христијанската црква на овој ден заедно го празнува споменот на св. Василиј Велики, св. Григориј Богослов и св. Јован Златоуст, иако тие си имаат и посебни празници. Овој празник е востановен во 1084 година во Цариград. Епископот Јован го одбрал овој ден бидејќи тројцата светители имаат празници во јануари: Василиј Велики на 1 јануари, Григорије Богослов на 25 јануари и Јован Златоуст на 27 јануари (сите според стариот календар по кој тогаш се сметало времето). 
 
А причината за востановување на овој заеднички празник е следнава: Во втората половина на XI век за време на царот Алексеј I Комнен во Цариград настанал спор меѓу населението кој од тројцата светители е позначаен. Народот се поделил на Василевци, Григоровци или Јовановци. Тогаш тројцата светители, најпрвин секој одделно, а потоа и заедно му се јавиле на епископот Јован, епископ Евхаитски и тоа не на сон туку на јаве и му рекле:
„Ние сме еднакви пред Бога, како што гледаш, меѓу нас нема поделби ниту какви било меѓусебни спротивности. Секој од нас одделно во свое време, поттикнат од божествениот Дух, напишавме соодветни поуки за спасение на луѓето. Тоа што го научивме тајно, на луѓето им го предадовме јавно. Меѓу нас нема ниту прв, ниту втор. Ако ти се повикаш на едниот со тоа се согласни и другите двајца. Затоа заповедај им на оние што се расправаат поради нас, да ги прекинат кавгите, зашто како и во животот така и по смртта ние се грижиме за тоа краевите на вселената да ги сведеме кон мир и согласност. Имајќи го ова предвид, соедини го во еден ден нашиот спомен и како што ти прилега состави ни празнична служба и дај ја на другите, за да имаме еднакво достоинство пред Бога. И ние, на тие што го почитуваат нашиот спомен ќе им бидеме помошници при спасението, зашто се надеваме дека имаме некоја заслуга кај Бога“. 
 
Кажувајќи му го тоа на епископот тие почнале да се креваат кон небото, светејќи со неискажана светлост и повикувајќи се еден со друг по име.
Според народното предание од Гевгелиско се вели дека св. Јован е наречен Златоуст затоа што зборувал дека литургијата треба да се служи за една пара, а не за 1000 гроша како што барале некои. Ако бараме толку, велел тој, нема да ја порачуваат ниту богатите, а камоли сиромасите. Затоа велеле дека зборувал „сус златна уста“ и дека „златни лакрдии прогувурил.“ Инаку во овој крај празникот на св. Јован Златоуст што се празнува на 27 јануари (с.с.) се сметал за лесен празник и тогаш можело да се работи.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *