ЕПИДЕМИОЛОГ Д-Р САШКО ОЛУМЧЕВ:

WEB Телевизија во живо

НЕ МЕ „ПЛАШИ“ ТОЛКУ КРАКЕН СОЈОТ, ПОВЕЌЕ МЕ ЗАГРИЖУВА МОЖНОСТА ОД ПРЕЛЕВАЊЕ НА, МОЖНАТА ЕПИДЕМИЈА НА МОРБИЛИ ОД СРБИЈА!
 
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) пред некој ден соопшти дека кај пациент од Гевгелија е детектиран новиот ковид-подсој на Омикрон XBB.1.5, познат како кракен, митското чудовиште слично на октопод.
 
Тоа беше повод да го посетиме епидемиологот доктор Сашко Олумчев од Центарот за јавно здравје во Гевгелија и да добиеме поконкретни податоци околу состојбата со овој нов потсој на омикронот, ситуацијата со грипот и другите вирусни заболувања, како и можната појава на епидемија на морбили во нашата држава.
 
Докторе, вие кон крајот на минатата година, во секој наш разговор потенциравте дека ќе се појавуваат различни потсоеви на тогаш актуелниот Омикрон сој на Ковид-19. Еве, деновиве, во Гевгелија се појави потсојот со мошне страшно име-кракен. Колку треба да стравуваме од него, и во каква состојба е пациентот заразен од овој вирус?
 
„Токму така, очекувано беше да се јавуваат поголем број на потсоеви на Омикрон сојот, еве сега се појави и Кракен потсојот, но, би рекол дека нема потреба да се крева голема врева околу него, иако има „страшно“ име. Се работи за поинфективна варијанта на Омикрон сојот како резултат на 14 мутации на спајк протеинот кој е изложен на самата површина на овој вирус, со што тој успева да го заобиколи успешно нашиот имунитет.
 
Клиничката слика на кракен подсојот е иста како кај омикронот , понекогаш се преклопува и со сезонскиот грип и другите респираторни вируси. Значи се работи за високо инфективен сој кој побрзо се шири, но е со полесна симптоматологија, со висока температура и повраќање, како типичен симптом за кракен. Затоа, при појава на вакви симптоми, пациентот се препорачува да остане дома, за да не го шири понатаму овој вирус.
 
Очекувам, со почетокот на училишната година и со враќањето на туристите од бањските и зимски центри во соседството, веќе од наредната недела нагло зголемување на бројките на инфицирани пациенти со кракен, со сезонски грип или со респираторниот синцицијален вирус, а тоа ќе го кажат лабораториските испитувања.
Сепак, препорачувам, постарите граѓани со хронични болести и други со компромитиран имунитет да се вакцинираат и против коронавирусот и против грипот, за да се избегнат несакани последици.
 
Што се однесува до пациентот од нашиот град, Гевгелија,кај кого беше детектиран Кракен подсојот, тој е веќе во добра здравствена состојба, а во разговор со него дознавме дека не бил надвор од земјата и дека најверојатно се заразил во контакт со некој гостин од странство или сограѓанин кој престојувал надвор од државата. Инаку, овој пациент веќе го сметаме за оздравен.“
 
Каква е моменталната ситуација со грипот?
 
„Според податоците на Институтот за јавно здравје, во текот на 2-ра недела од 2023 година 09-15.01.2023 , во Република Македонија се пријавени 1.346 случаи на групни пријави за заболени од грип или заболувања слични на грип,што е за 63,9% повеќе во споредба со претходната недела, кога имаше 821 заболен. Во споредба пак со бројот за 2-ра недела од типичната епидемиска крива, моделирана од последните 12 сезони, овој број е зголемен за 40,8 %. Тоа би значело , дека во ек ни е сезонскиот грип, а зголемениот број на заболени е како резултат на нашиот имунитет кон грипот, кој претходните две години беше, би рекол „на одмор“ поради ковидот како и поради носењето на маски.
 
Затоа, препорачувам, постарите граѓани со хронични болести и други со компромитиран имунитет да се вакцинираат и против коронавирусот и против грипот, за да се избегнат несакани последици“.
 
Во соседството, конкретно во Србија, според последните податоци, шест невакцинирани деца до три години и двајца возрасни на возраст од 47 и 49 години заболеле од морбили, и дека веќе е можна појава на епидемија. Има ли можност тоа да се прелее и кај нас?
 
„Сега за сега немаме детектирано случај на морбили кај нас, во Македонија, но следејки што се случува во соседството, за очекување е да имаме појава на морбили во наредниот период и во нашата држава. Може да ви кажам дека ме загрижува ситуацијата со морбилите во нашето соседство, поточно во Србија, а и во Црна Гора.
 
Драматичниот пад на стапката на вакцинација ги принуди тамошните експерти за јавно здравје да се подготват за, како што ја нарекуваат, неизбежна епидемија на морбили. Во Србија, да речеме само 78 отсто од децата ја примиле МРП-вакцината
Но, немаат висок процент на вакцинирани и другите балкански земји. Опфатот со вакцинацијата против морбили опадна за време на ковид-пандемијата, поради иста причина како и порано, поради дезинформациите и антиваксерската кампања.
 
И, кај нас, во Македонија, ситуацијата не е многу поразлична, имаме благ тренд на опаѓање на вакцинација кај децата од предшколска возраст, што нас, стручните лица, не тера да бидеме внимателни и подготвени за евентуално прелевање на можната епидемија од Србија. На ниво на Македонија, процентот на вакцинирани изнесува 67%,што е далеку од оние посакувани 95%
Ако, на ова додадеме дека голем број на семејства од Македонија, во текот на зимскиот распуст ги посетија големиот број на бањски и скијачки капацитети во Србија, доколку „пукне“ епидемија на морбили кај нив, за очекување е таа да се прелее и кај нас, и после три години од епидемијата во 2019, повторно да се соочиме со зголемен број на заболени од морбили.
 
Да потсетам дека МРП вакцината се дава во две дози, штом детето наполни 12 месеци, а втората доза се дава пред да тргне на училиште, кога детето ќе влезе во седмата година од животот.
Затоа, потребно е, ние, здравствените работници во наредниот период да превземеме конкретни акции, да ги едуцираме родителите за важноста нивните деца да ја примат МРП вакцината.
 
Малите сипаници предизвикуваат тешки форми на пневмонија и менингоенцефалитис, кои, за жал, често завршуваат фатално. Покрај тоа, вирусот на мали сипаници ја намалува одбраната на телото и на тој начин доведува до реактивирање на латентни (скриени) инфекции и бактериски суперинфекции. Оваа болест им се заканува на сите возрасни групи, на повозрасните, на оние кои не биле вакцинирани, а особено на децата во првите седум години од животот“ – вели епидемиологот Олумчев.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *