ДЕЛ ОД БОЖИЌНОТО ПОСЛАНИЕ НА Г.Г. СТЕФАН

WEB Телевизија во живо

„СО ДОВОЛНИ ГРИЖИ И ПОСВЕТЕНОСТ ДА ГИ САКАМЕ И ПОЧИТУВАМЕ:ТАТКОВИНАТА, ИСТОРИЈАТА, КУЛТУРАТА, ЈАЗИКОТ И СЕТА СВЕШТЕНА И НАЦИОНАЛНА ОСТАВНИНА НА НАШИТЕ ПРЕДЦИ.“
 
Божик, празникот на Христовото рождество, е ден на небоземна радост: Дева Го раѓа Христа – Сонцето на правдата; во витлеемската пештера се сместува Несместливиот; мудреците Го даруваат со скапоцени дарови Оној што ни го дари најскапоцениот дар – нашето спасение; ѕвездата Го озарува Оној што ги создаде сите небески светила, а пастирите се поклонуваат пред Оној што нè изведе од ропството на смртта и нè возведе на новото небо и новата земја, отворајќи ни го Своето Царство. 
 
Затоа, на овој ден, ликуваат сите и Го славословат Богомладенецот, „Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение слезе од небесата и се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева, и стана човек“3.
Спасоносниот настан од таа неповторлива витлеемска ноќ е исполнување на времетo коешто се навестуваше од искони, на времето во кое историјата стана сегашност, а очекувањата – стварност. Ова ново време го оживотвори вековниот копнеж на старозаветните праведници и пророци; ова време го засени Законот, а ја возвиши благодатта; го запечати Стариот Завет, но го обзнани Новиот – Заветот на обновената љубов меѓу Бога и човечкиот род.
 
Со Христовото рождество сè е исполнето со радост и веселие: и ангелите и луѓето, и небото и земјата, зашто Бог стана човек, зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето, за да ги воздигне кон Себе и за да ги направи учесници во Неговата слава.
Затоа, Божик е празник на радоста, празник на утехата и празник на благодарноста: Синот Божји стана Син човечки, за да го издигне човекот, кој беше потонат во своето себељубие, дарувајќи му ги бескрајните височини на Својата љубов во Царството небесно.
 
По неизвесните 55 години, гледајќи го оправданото застапување за своја возобновена автокефалност, изминатово лето Господово, семилостивиот Бог погледна на нашата страдална и долготрпелива Црква, и ја исправи две ипол вековната неправда кон неа, па одново ја внедри во полнотата на Сеправославното семејство – во канонско и евхаристиско единство со сите сестрински Православни Цркви, наведува поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан во своето божиќно послание по повод големиот христијански празник Божиќ.
 
Возљубени чеда на Христа Богомладенецот,
Како верен народ потребно е постојано да напредуваме во верата, надежта и љубовта кон Христа Богомладенецот, покажувајќи поголема љубов кон нашите ближни и кон сите луѓе и народи околу нас, зашто само така ќе се потврдиме како Негови вистински ученици. Со доволни грижа и посветеност да ги сакаме и да ги почитуваме: Татковината, историјата, културата, јазикот и сета свештена и национална оставнина од нашите предци. А, во овие времиња-невремиња, во коишто владеат бројни искушенија и предизвици, да се покажеме доследни следбеници на Христа новородениот – како мирољупци и миротворци, како богољупци и човекољупци.
 
Со пораки за љубов и благосостојба, им го честитаме празникот на Христовото рождество на сите чеда на Мајката Македонска Црква ‒ овде, во Татковината, како и на иселените Македонци по светот. Се молиме Богомладенецот Христос да се всели во јаслите на нашите срца, правејќи Свој дом, во кој постојано ќе царуваат мирот, радоста и љубовта. Амин!

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *