БОРИС ПЕТРОВ, АКАДЕМСКИ СЛИКАР, МАЈСТОР НА МАКЕДОНСКИОТ ТОПОЛ КОЛОРИТ:

WEB Телевизија во живо

„МОИТЕ СЛИКИ КОИ ГИ СОЗДАВАМ НАД СЕДУМ ДЕЦЕНИИ СЕ ИНТИМНИ ВИЗИИ ОД НАБЉУДУВАЊЕТО НА ГЕВГЕЛИСКИОТ И ДОЈРАНСКИОТ КРАЈ.“
 
Академскиот сликар Борис Петров е роден во Гевгелија во 1935 година. Сликарство завршил во училиштето за применета уметност во Скопје, во класата на Лазар Личеновски, и Педагошка академија во Скопје. Член е на ДЛУМ од 1969 година. 
 
Оваа година слави 72 години од своето уметничко творештво. За него, еминентните стручњаци ќе речат дека е мајстор на македонскиот топол колорит, негова трајна инспирација е поднебјето под кое живее и твори, а дека неговиот ракопис е силно медитерански обоен.
 
Штафелајот е сеуште пред него. Сеуште имам инспирација за творење, ми вели, кога дојдов да го направам ова интервју. За овој град творам повеќе од 70 години, тој отсекогаш живеел и ќе живее во моите дела. Ја сликам убавината, како единствен излез од ирационалностите на денешното бурно живеење.
Градот Гевгелија, мора да признам, за сиот мој труд, знаеше да ми возврати, со доделување на престижната 7-мо ноемвриска награда како и наградата за животно дело.
 
Во еден здив ми ја раскажа својата животна и уметничка приказна. Го слушав со отворена уста. Жал ми е што немам простор сето она што ми го кажа да ви го пренесам, но тука е сублимирана есенцијата и на неговиот живот и на неговото творештво. Неповторливи слики од неговите седум децении творештво.
 
Слика прва – За првите сеќавања од детството.
Многу добро се сеќавам на моите први слики од детството. Јас живеев во центарот на Гевгелија, која тогаш имаше само три маала и една улица од страница до граница. Во центарот имаше кино, театар, фудбалско игралиште, корзо. Мојот татко, некаде во 1921, 1922 година, заедно со негов пријател, Тодор Крушков го има донесено од Нови Сад првото семе од свилена буба. Кога се вратил, купил и микроскоп за да контролира каков е квалитетот за семето, и така речиси секоја куќа во Гевгелија започнала да одгледува свилена буба, која се хранела со листови од црница. И ден денес во сеќавање ми се и црниците и свилените буби и кожурци, кои ги имам овековечено и во моите слики.
 
Слика втора – За првата невешто нацртана слика во тетратка со коцки
Инаку, првиот допир со цртањето го имав на 10-на години, веднаш по ослободувањето. Во нашиот град беше стационирана една бригада на македонската војска. Имаше една зграда во центарот која служеше како детска градинка. Еден ден во таа бригада дојде еден војник од Белград, по име Илија, со задача да на таа зграда ги нацрта сите шест грбови на тогашните југословенски републики. Бидејќи тогаш Гевгелија немаше хотели, тој Илија го пратија да престојува во нашата куќа. Јас, требаше како домашна задача да нацртам илустрација за басната за лисицата и штркот. Се мачев така, под светлото на газиената ламба, да нацртам нешто, а бидејќи дотогаш не бев видел лисица и штрк, некако успеав , со помош на тој војник Илија да ја нацртам таа илустрација. Ја цртав на тетратка со коцки . Ете тоа беше мојот прв детски цртеж. Тоа многу му се допадна на Илија, кој ми рече ти треба да одиш да учиш за уметник. Тие зборови ми се врежаа во умот, и подоцна навистина се определив за уметничкото училиште.
 
Слика трета – За своето школување
Основно училиште, тоогаш се учеше до 4 –то одделение и протогимназија, до 8 одделение завршив во Гевгелија, а потоа, некаде 1951/52 година се определив да заминам во уметничкото училиште во Скопје. Таму немаше интернат, па така сите кои учеа средно уметничко, средно музичко, средно балетско и драмско бевме сместени во една голема просторија со 50 кревети, во зграда која се наоѓаше на местото каде сега е Трговскиот центар во Скопје. Имав среќа да учам од врвните ликовни мајстори, Мартиниовски, Личеновски, Коџоман, Тодоровски. Првите месеци учевме да цртаме по гипсени модели и тоа со ќумурчиња, а некаде при крајот на првата година изработив една гипсен портрет на главата на мојата тетка. На вајарот Димче Тодоровски, кој подоцна го изработи споменикот на Сава Михајлов, толку му се допадна тој портрет во глина што сакаше да ме заме во неговата класа да станам вајар. Јас , напротив, сакав да бидам сликар, и во тоа натегање, среќа моја што во својата класа ме зеде Лазар Личеновски, инаку, кој знае можеби денес ќе ме познававте како вајар.
Се сеќавам на мојата прва професионална слика, беше тоа еден убав пејсаж од селото Нерези, крај Скопје. Ја насликав со земјени бои, бидејќи во тоа време, по ослободувањето, немаше уљани бои, и таа слика зазема посебно место во моето атеље. Она што посебно ќе го паметам од тој период се прославите на празникот 2 мај, кои ги правевме заедно со нашите професори. Тогаш, со парче сирење или кашкавал, кромидче и малку ракија слававме заедно, ние, учениците и големите македонски сликари, заедно со своите сопруги, седнати на тревата, со скрстени нозе до вечерните часови. Такво нешто денес е незамисливо.
При крајот на школувањето заедно со Личеновски и Лазевски, кои ги изработија цртежите, три четири месеци ги правевме двата споменика во мозаик на местата Крушје и Слива, со тематика од НОБ. По цел ден кршевме камчиња и на стариот антички начин, ги лепевме на готовите слики. Тој начин го применивме подоцна кога се изработуваше споменикот и мозаиците на Вардарски рид. Јордан Грабуловски го правеше споменикот „ Слобода“, кој сега повеќе не е на тоа место, додека јас и Зафир Хаџимитров ги изработивме трите мозаика кои, за среќа сеуште стојат на Вардарски рид, наречени Слобода, Илинден 1903 и НОБ.
 
Слика четврта – За времето кога бил професор
Кога заврши нашето школување во Скопје, нашите професори, кои претежно беа од Скопје ни посочија дека треба секој од нас да се врати во родниот крај од каде потекнува и таму да ја развива љубовта кон уметноста кај младите генерации, бидејќи, велеа тие, Македонија има толку убави предели што ќе бидат предизвик за вашиот ликовен развој.
 
Слика петта – За зграфитото на првата самопослуга
Така, јас се вратив во Гевгелија, кратко време бев професор по ликовно во Валандово, за да потоа, како ликовен педагог се вработам во ОУ „Владо Кантаџиев“, каде ја дочекав и пензијата и каде ги внесував учениците во првите сознанија на сликарството, како што се визирањето и перспективата. Таа 1958 година, директорот на трговското претпријатие „Солун“, Драги Зафиров се реши да направи за прв пат самопослуга во Гевгелија, каде купувачите ќе пазаруваат во кошнички. Бидејќи таа самопослуга требаше да се отвори за општинскиот празник 7-ми Ноември, тој ни предложи мене и на Зафир Хаџимитров, на ѕидот на самопослугата да направиме слика, таканаречен „зграфито“ , или сега популарно наречен „мурал“. Тоа го направивме во рекордно време за 5 до 6 денови, иако времето беше студено и дождливо. Така настана оваа прва зидна слика во Гевгелија и многу сум радосен што и после 60 години сеуште стои на истото место, како сведок на едно време кога се отвораше првата самопослуга во Гевгелија.
 
Слика шеста – За изложбите
Досега имам учествувано на голем број на изложби, како во Македонија, така и во регионот и во Европа. Првата моја самостојна изложба беше во Гевгелија, во тогашната зграда на Пожарниот дом, каде што денес е летната бавча на хотелот Аполонија, и тоа за Денот на ослободувањето на Гевгелија, 7-ми Ноември. Творев во духот на она што ми го советуваа нашите професори, убавото гевгелиско и дојранско поднебје.
Морам да издвојам две изложби кои ми се посебно драги, едната е во Хајделберг, градот на текстилот во Германија, каде заедно со колегата Ѓорги Даневски од Берово, излагавме наши слики, тој на тема македонски фолклор, додека јас излагав слики со моите видувања на свилената буба и кожурецот.
Отсликувањето на гевгелиското поднебје ми остана како аманет од моите професори кои ни сугерираа да не се двоиме од својот роден крај, да не го бараме Пикасо во себе, туку наша инспирација да бидат пејсажите околу нас, житото, афионот, калинката, свилената буба. Во моите слики доминира црвената боја, калинките, смоквите , трските, кожурците и свилената буба.
 
Слика седма – За јубилејот
А ако ме прашате како ќе го одбележам овој мој јубилеј, ќе ви кажам, нормално со изложба. Но, бидејќи имам насликано над 150 слики, и тие не можам сите да ги изложам, се решив, во соработка со хотел „Аполонија“ да направиме Изложба на мал формат на 72 слики, за моите 72 години уметничко творештво, и, вели на шега, ќе испратиме 72 покани.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *