ОДРЖАНИ РАБОТИЛНИЦИ ЗА СЦЕНАРИО И ФИЛМСКА КРИТИКА ВО ГЕВГЕЛИЈА

WEB Телевизија во живо

Во четвртокот и во петокот, на 10 и 11 ноември 2022 година, се одржаа работилници за сценарио и филмска критика во Гевгелија во Домот на културата, со голема поддршка на директорката, Мирјана Крстева Масети. 
 
Работилниците се одржаа под наслов „Матрица“, а во организација на здружението „Аквариус“. Организаторки и наедно менторки на работилниците за критика се: Сунчица Уневска и Гена Теодосиевска, додека на работилниците за сценарио, на кој овој пат беше ставен поголемиот фокус, ментори беа режисерките и сценаристки: Лидија Мојсовска и Елеонора Венинова.
 
Она што беше невообичаено и многу значајно за нас како организатори, беше интересот за работилниците од доста различни возрасни групи. И, се разбира, такви беа и нивните прашања, за различни теми и за различни аспекти, кога говориме за филмот. 
 
Така, по воведот на организаторите имаше и кратка, многу интересна дискусија за тоа колку навистина една критика може да биде објективна, со оглед на тоа што, сепак, се работи за мислење и секој во оценката го внесува својот личен вкус и емоции. Тоа беше фантастична забелешка и беше интересно да се проговори за тоа каде се границите токму на она што е филмска рецензија и на она што е импресија за еден филм.
 
Потоа палката премина кај Лидија Мојсовска и Елеонора Венинова кои подготвија одлична презентација за тоа што е сценарио, за тоа колку е важно да се познава форматот на сценариото и начинот на изразување на својата идеја, која потоа има долг пат додека да се развие во вистинско сценарио за филм. Тие го објаснија тоа и визуелно, тргнувајќи од она што се нарекува писателска пирамида, во што беа вклучени и присутните кои, иако соочени за првпат со едно вакво предавање, сепак, знаеја да издвојат што е дел од професионалниот пристап, а што е она што гледачот прво всушност го гледа во филмот.
 
Беше особено интересно да се слуша објаснувањето за структурата на сценариото и за т.н. пресвртни точки во него од страна на Елеонора Венинова преку примерот на еден конкретен филм, во случајов „Момчето со пругаста пижама“ на Марк Херман. 
На присутните им беше објаснето и што е разликата меѓу синопсис, тритмент и сценарио, додека Лидија Мојсовска зборуваше за улогата на сценаристот во филмот, за она што се нарекува протагонист и антагонист, односно за она што го движи филмот. 
 
Таа зборуваше и за тоа колку е важно да се свесни младите кои сакаат да се занимаваат со филм, за важноста на неговата автентичност, за важноста на тоа да зборуваме за приказните што ни се блиски, за она кое го познаваме и живееме, бидејќи тоа најчесто ја носи веродостојноста, чувственоста и искуството што се многу важни за една наша приказна да допре на вистинскиот начин до гледачот.
 
На работилниците дојдоа околу тринаесетина луѓе, но се разбира подоцна останаа оние кои активно се вклучија, бидејќи факт е дека работилниците се за тоа, присутните со свои идеи и ангажман да станат дел од целата таа приказна. И мора да кажеме дека беше навистина многу интересно на крајот, односно вториот ден, да се слушнат нивните идеи за филмови, бидејќи преку нив тие и самите зборуваат за своите лични приказни и интереси, кои секојдневно ги живеат. 
 
Тоа беше и можност да се проговори точно за тоа како тие нивни идеи би можеле да се развијат во сценарио, во каков правец би моежеле да се развиваат и што е важно за тие да станат приказна во која би можеле и гледачите да се препознаат. Интересно беше дека младите на крајот изразија задоволство и рекоа дека ова се работи за кои досега немале можност да зборуваат.
 
Впрочем, токму затоа и се овие работилници, за да позборуваме со една нова генерација гледачи, а можеби и филмаџии, за сето она што е важно во пристапот кон уметноста, за она што е важно во начинот на гледање филмови, а особено селекција, бидејќи денеска со дигиталните можности и информации, има преголема достапност, но многу е тешко да се направи селекција и да се насочи интересот. 
 
Исто така, проговоривме и за значајноста на критичната мисла, која сè помалку е присутна, а е од круцијално значење, како за филмовите и филмаџиите, така и за публиката. Беше тоа скапоцено искуство и за нас, а се надеваме и за нив, но целта беше со работилниците да почнеме, а потоа соработката во поглед на културата, воопшто, да ја продолжиме. 
 
За тоа имаше интерес и од нивна страна и се надеваме дека така и ќе биде, како преку настани, работилници, така и преку написите во филмското списание на здружението „Аквариус“, месечникот „Филм плус“, кој покрај усмениот дел беше и придружниот печатен дел на кој тоа и му и целта, да се запомни, задржи и зборува и понатаму за културните придобивки од овие работилници. ( Сунчица Унеска)

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *