АЛЕКСАНДРА ВАСИЛЕВА: ЖЕНСКИТЕ ПРАВА ВО 21 ВЕК

WEB Телевизија во живо

ЖЕНСКИТЕ ПРАВА ВО 21 ВЕК – МАЖОТ СЕ ДЕФИНИРА КАКО ЧОВЕЧКО БИТИЕ И ЖЕНАТА КАКО ЖЕНА КОГА И ДА СЕ ОДНЕСУВА КАКО ЧОВЕЧКО СУШТЕСТВО.
 
„Мажот се дефинира како човечко битие и жената како жена – кога и да се однесува како човечко суштество“ – вели Симон де Бовоар, позната француска писателка која најнапред одбива, но подоцна сепак се изјаснува како феминистка. Во овој збор е прикажан историјатот за заедничката, но и индивидуалната борба на секоја жена низ сите времиња, во сите околности, секоја нејзина солза и секој нејзин напор за подобра иднина, не само за самата неа, туку и за нејзината ќерка, за нејзината мајка, за нејзината сосетка, за секоја жена која од самото раѓање е соочена со повеќе животни пречки, со нееднаквост и со различни видови на неправеден третман од страна на општетсвото.
 
Можеби и не ни треба по секоја цена зборот феминизам за да знаеме дека мноштво храбри и мудри жени, низ времето, до денес, се бореле и се борат за „женските“ права и за полова еднаквост. Но знаеме и дека и во 21 век сѐ уште сме „понежниот“ пол или „вториот пол“, а не еднаквиот пол? Секако, како минувале годините, жените сѐ повеќе и повеќе се приближуваат до својата цел за рамноправност во општетсвото, цел чие исполнување е најчесто координирано од мажите. 
 
Денес, во поголем дел од светот е достигната еднаквост, или барем така велат мажите. Бидејќи, според мене, дефиниција на зборот еднаквост не е кога мажот сѐ уште се смета за глава на семејството, не е кога сѐ уште има машки и женски работни позиции, не е кога мажот зема повисока плата од жената за иста работна позиција, ниту, пак, понижувањето на самохраните мајки, а воодушевувањето кон самохраните татковци. 
 
За мене еднаквост не претставува кога се очекува жената да биде домаќинка, а сопругот да работи, и да не можеме да ја прифатиме истата приказна со сменети улоги. Не е еднаквост ако сѐ уште има закони и правила за женското тело, а уште помалку, пак, кога мажите ги носат тие одлуки. Не е еднаквост кога жените се плашат за својот живот на секое излегување од дома, или кога на некои места единствена улога на жената е да ги слуша наредбите на мажите околу неа. 
 
Секако, сега е 2022 година, никој не може да негира колку далеку стигнал нашиот пол, колку се исплатил трудот на нашите предци, па дури и трудот на денешните наши другарки, сестри, мајки, познанички кои секојдневно се трудат да нѐ остават во подобар свет, во свет каде што конечно жената ќе биде почитувана и ќе се вреднува секоја нејзина капка пот. И иако навидум сме ги добиле правата, мислам дека сме малку подалеку од еднаквоста. 
 
Но гледајќи ги новите генерации на силни, мотивирани и едуцирани жени, мислам дека ќе успееме да го смениме на подобро светот во кој живееме. Мислам и се надевам дека и нашите предци и нашите потомци ќе бидат горди на промените кои ќе следат, мислам дека сите ќе зборуваат за бестрашната генерација на жени која се спротиставува, која знае што заслужува и која не се плаши од последиците на своите акции кога знае дека е во право. Бидејќи, како што рекла Маја Ангелу, паметна жена посакува да е ничиј непријател, но, исто така, паметна жена одбива да е нечија жртва“.
 
Според мене жената секогаш била и ќе остане најклучниот дел од општеството, бидејќи без жена светот нема да постои. Или ние сме жена, или се раѓаме од жена. Жена ни е мајка, жена ни е сопруга и само поради тие две причини жената го заслужува целиот свет и повеќе. Верувам дека еден ден повторно ќе се навратам на овој есеј и со задоволство ќе ги допишам промените кои следеле, бидејќи 21 век заслужува да е век на жената.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *