ПЕТАР ЈАНЕВ ОД РЕСТОРАНТОТ „ФУК-ТАК“ ДОБИТНИК НА ПРИЗНАНИЕ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО ВО ТУРИЗМОТ

WEB Телевизија во живо

По повод 27 септеври- Светскиот ден на туризмот доделени се признанија за животно дело на 20 истакнати туристички работници меѓу кои и за сопственикот на ресторантот „Фук-Так“ од Дојран, Петар Јанев. Признанијата ги додели министерот за економија, Крешник Бектеши.
 
Она што е „Јавор“ Мрзенци за Гевгелија, тоа е „Фук-Так“ за Дојран. Речиси нема гостин кој го посетил Дојран, а да не седнал да руча во овој ресторан, кој плени со својата храна и гостопримливост.
 
Ова место го изградил дедо Туше, во далечната 1884 година, како прв објект од таков вид околу Дојранското езеро. Легендата вели дека дедо Туше името Фук-так, на ова место со душа, му го дал според звуците на локомотивата од возот на линијата Цариград- Солун, по кој дедо Туше заедно со своите врсници трчал кога возот поминувал низ Гевгелиската железничка станица, а кој тогаш му звучел како: фук-так, фук-так, фук-так.
 
Оваа приказна може да ја прочитате и во менито на „Фук-Так“:
„Ти, што во моментов го читаш ова, знај дека седиш во домаќинска куќа. Во гостилница направена со труд, крв, пот, солзи, песни…и многу љубов. Вратите ти се секогаш ширум отворени. Ако сѐ уште се мислиш што да нарачаш, еве ти предлог. Во мое време тоа одеше вака: ракија, салата, чорба, икра, риба…па вино.
И додека ја чекаш нарачката, само да знаеш…местото на кое седиш е истото она на кое седел нашиот Гоце Делчев, другарот Тито, Ѓорѓи Абаџиев, Антон Панов, Блаже Конески, Никола Бадев, Петре Прличко, Илија Џаџев, Симеон Гугуловски, Петранка Костадинова, Васка Илиева, Мите Грозданов, Ристо Шишков, Гане Тодоровски, Анте Попоски, Љубен Ташкоски… цела плејада министри, амбасадори, претседатели, лекари, академици, професори… кои живееле, живеат, или барем еднаш ја посетиле Македонија.
Тука се напишани многу од песните што сте ги пееле, книгите што сте ги прочитале, или големите мисли кои некаде сте ги слушнале.
Тука се прославени многу свадби, неколку разводи, родендени, имендени, крштевки, слави и матури.
Тука се отворал „Валандовскиот фестивал“ и се затворале семинари.
Тука се родиле многу љубови.
Тука живее едно цело семејство познати актери, занесени гости, пензионирани политичари, музичари и музиканти, локални боеми, залутани туристи и патници-намерници…и сите вљубени во звуците од моето детство: фук-так, фук-так, фук-так…
Опушти се и уживај…
Поздрав…дедо Туше…“
 
Капацитетот на ресторанот е: внатрешен дел со 60 столови и убава летна тераса со 180 столови. Ресторанот е симбол за риба во цела југоисточна Македонија и тука може да се вкусат пржен или печен крап, сом, црвеноперка и пастрмка. 
 
Специјалитети од риба кои може да ги пробате се бетониран сом во фурна, крап тава, риба на трска, ражнич грдан и уши од крап. Овде може да пробате и мешана салата, бабуш салата, шопска, грчка, туршија, ајвар, таратор, бујурди, но исто и рибја, телешка, чкембе и пилешка чорба, како и лангида од икра. Од десерти може да се засладите со слатко од смокви и раванлија.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *