ВЕНЦИ ПОПОВ – ВЕЛИКАНОТ НА ГЕВГЕЛИСКИОТ И МАКЕДОНСКИОТ ШАХ

WEB Телевизија во живо

Венци Попов е роден на 22.02.1962 година во Гевгелија. Со најдревната игра-шахот се запознава уште на петгодишна возраст, а првите потези во шахот ги учи од својот татко, кројач, Душан Попов. Додека неговите родители се на работа, тој, заедно со својата сестра, Нада Попова, изработуваат табла и шаховски фигури од картон и сами играат шах.
Во 1975 година, на покана на Ѓорѓи Прошев и неколку други шаховски ентузијасти, тој и неговата сестра стануваат членови на тогаш формираниот шаховски клуб „7-ми Ноември“.
 
Како пионерски првак на Гевгелија, Попов во 1976 година настапува на Републичкото првенство на Македонија во Крушево, каде го освојува 5-то место заедно со подоцнежниот велемајстор Богдановски.
Основното училиште и средното усмерено училиште, смер физика и хемија, ги завршува во својот роден град, со што постудиозно му се посветува на шахот и започнува да реди успеси.
 
Во 1977 станува младински првак на Гевгелија, додека во 1978, 1979 и 1980 година , на првенствата во Охрид и Отешево, три пати едно по друго станува младински првак на Македонија.
Во меѓувреме настапува и на повеќе домашни и меѓународни турнири, каде со својата игра го привлекува вниманието на шаховските стручни лица.
 
По враќањето од служењето на воениот рок, во 1980 година, Венци Попов,с ега веќе сениор, настапува на турнирите во Маврово, каде го освојува 2-то место зад легендарниот Ристо Ничевски, во Скопје, на турнирот на „Алкалоид“ го освојува третото место и титулата мајсторски кандидат, 1983 година во Кавадарци на првенството на Македонија го дели третото место, на Купот на Маршал Тито, 1983 година, играјќи за тимот на „7-ми Ноември“, на првата табла без пораз во 7 кола е прогласен за најдобар играч.
 
Својот, дотогаш најголем успех, а воедно и најголем успех на еден македонски шаховски играч, Венци Попов го постигнува на силниот меѓународен турнир во Бела Црква, во конкуренција на петстотини играчи од целиот свет. Тогаш Попов победува голем број југословенски и светски велемајстори, меѓу кои и светската првенка Нона Гаприндашвили, и велемајсторот Слободан Мартиновиќ. Со овој резултат, Венци се здобива со меѓународен рејтинг од 2405 поени што беше најдобро рангирање на еден македонски шахист и меѓу првите југословенси шахисти.
 
Добива покана да настапува во Првата југословенска шаховска лига за многукратниот првак, екипата на белградски „Партизан“, кога ја започнува својата професионална шаховска кариера.
 
Во периодот од 1983 до 1988 година настапува со голем успех на многу меѓународни шаховски турнири организирани во Југославија, од кои ги издвојуваме двете втори места во Крагуевац и Врњачка Бања, третото место во Шабац, каде е прогласен и за најдобар играч.
 
Во 1988 година се вработува како царинарник, и ја продолжува шаховската кариера, овој пат играјќи на викенд турнири. Конечно, во 1989 година на турнирот во Соко Бања, ја освојува меѓународната титула Фиде Мајстор.
 
По осамостојувањето на Република Македонија, во 1992 година на првото официјално првенство во шах го освојува високото 2 место и станува репрезентативец на Македонија. Во 1994 година игра на меѓународниот турнир во Неготино каде ги „собира“ скалповите на познати играчи, меѓу кои и на Максимовиќ, Богдановски и Станојоски.
Во 1996 година станува претседател и тренер на ШК „7-ми Ноември“, со што своето знаење им го пренесува на голем број млади шахисти од Гевгелија.
 
На затворениот турнир во Дупница, Република Бугарија, во 2002 година, во конкуренција на 14 шахисти, со освоени 10 од 13 поени, Венци Попов го освои првото место и првата норма за интернационален мајстор.
 
ФИДЕ мајсторот Венци Попов во својата кариера настапувал за голем број шаховски клубови од земјата и од странство, совладувајќи ги познатите велемајстори Мартиновиќ, Рајковиќ, Чабрило, Дамљановиќ, Ѓуриќ, Цвитан, Богдановски, Кутиров, Недев и многу други.
 
Во 1999 година, на предлог на ШК „7-ми Моември“, за успешно презентирање на гевгелискиот и Македонскиот шах на многу турнири во Македонија и во светот, меѓу кои и оние во Кан и Коринт, Венци Попов ја добива сребрената седмоноемвриска плакета на Општина Гевгелија.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *