СВЕЧЕНО ОТВОРЕНА 55 ЛЕТНА ШКОЛА ЗА МАКЕДОНИСТИКА ВО ОХРИД

WEB Телевизија во живо

РАСТЕ ИНТЕРЕСОТ ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК НА СТРАНСКИТЕ УНИВЕРЗИТЕТИ.


Расте интересот за изучување на македонистиката на странските универзитетски центри. На јубилејната, 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) има најголем број учесници последниве години од вкупно 17 земји. Покрај учесници од земјите во коишто се изучува македонистиката, годинава има учесници и од земји чиишто универзитети може во иднина да станат нови центри каде што ќе се изучуваат македонскиот јазик, литература и култура. 

Мисијата на МСМЈЛК при УКИМ е од суштинско значење за државата. Сѐ додека постоиме и говориме на македонски, ниту една негација, фуснота, забелешка или што и да е, не ќе може да ја прикријат вистината. Сите ние кои ги изговараме македонските зборови сме гарант за неговото постоење и сила.

Ова меѓу другото беше истакнато на свеченото отворање на 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, којашто се одржува во Охрид и ќе трае до 2 септември. На отворањето во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид се обратија претседателот на државата, Стево Пендаровски, ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски ја истакна бројноста на учесниците на Школата и на земјите од коишто тие доаѓаат. Тој изрази задоволство што преку програмата на ова исклучително значајно, јубилејно издание на Летната школа, професори од некои од факултетите при УКИМ, со предавања од областа на македонската култура за првпат ќе се вклучат во програмските активности на МСМЈЛК.

– Ова дополнително укажува дека мисијата на МСМЈЛК при УКИМ за афирмација на македонистиката и во тие рамки за промоција и на македонската култура постојано добива нови, поголеми димензии, при што Семинарот се издвојува како централното јадро на најстариот универзитет во земјата во промоцијата на македонскиот јазик, литература и култура во светот, истакна ректорот на УКИМ.

– Чекориме исправено по стапките на Конески. И колку се посилни нападите, колку се пониски навредите упатени на адреса на македонскиот јазик, литература и култура, толку сме поисправени како високообразовна и научна институција којашто ги негува и развива македонскиот јазик, литература и култура, којашто образува кадри на македонски јазик, порача ректорот на УКИМ во завршницата на своето обраќање.

Семинаристите на Школата и сите присутни на отворањето, срдечно ги поздрави и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Весна Мојсова-Чепишевска.

– Ние, 55 години како МСМЈЛК неуморно го браниме и народниот и стандардниот македонски јазик. Ние 55 години го пренесуваме и духот на нашите претходници и им ја всадуваме љубовта кон тој наш јазик на странските македонисти. Ако ја прифатиме мислата на Видгенштајн која гласи: „Границите на мојот јазик се поистоветуваат со границите на светот.“, тогаш, и границите на македонскиот јазик преку вас, изучувачи на македонскиот јазик од 17 земји на оваа 55. Летна школа, како и на сите досега 55 летни и 2 зимски школи, се поистоветуваат со границите на светот, порача меѓу другото, Мојсова-Чепишевска во своето обраќање.

Мојсова-Чепишевска им посака успех на семинаристите – посветеници на македонистиката, осврнувајќи се и на програмските содржини на Школата.
На отворањето беа промовирани и нови изданија на МСМЈЛК при УКИМ.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *