СО ДОАЃАЊЕТО НА САВА МИХАЈЛОВ ЗА УЧИТЕЛ ВО ГЕВГЕЛИЈА ВО 1899 ГОДИНА ЗАПОЧНУВААТ ВОЕНИ АКТИВНОСТИ

WEB Телевизија во живо

Се до доаѓањето на Сава Михајлов за учител во Гевгелија во 1899 година, Организацијата не можела да се пофали со посериозна општествено-политичка и воена активност. Интелектуалниот капацитет , особено на Сава Михајлов, но и на Аргир Манасиев и Андон Костов придонело да започнат и воени активности.
 
Најпрво како воени активности се јавуваат ајдучките напади и во средината на мај 1898 година по решение на Гевгелискиот комитет, и по лична иницијатива на Аргир Манасиев, младиот војвода Иванчо Карасулиски заедно со Апостол Петков и повеќе други членови на Организацијата вршат киднаперска организирана акција брз богатиот турчин Дуран од с.Мемешло, Дојранско. При оваа киднаперска акција тие изнудиле 1800 турски лири и за четири дена го ослободиле турчинот Дуран.Дел од овие пари се предадени во касата на ЦК во Солун лично од Аргир Манасиев, а дел четата предала во касата на месниот комитет во Гевгелија за потребите со вооружување.
 
Процесот на вооружување на револуционерните чети под раководство намесниот комитет во град Гевгелија, всушност, било подготовка за едно општо востание по идеите на Гоце Делчев и Ѓорче Петров, како централистички насоки на Организацијата, кои што биле подржани и од населението во Гевгелија и гевгелиско.
 
Четата на Сава Михајлов во гевгелиско пристигнала околу 20 фебруари 1903 година. На 16 јули 1903 година од ЦК во Солун беше испратено соопштение до истите војводи од Гевгелија, дека востанието ќе се дигне на 20 јули (стар календар) 1903 година, ден Илинден.
 
Најголема акција на Организацијата се случила со големата експлозија на железничката пруга со мостот помеѓу Гевгелија и с. Мрзенци на 28 јули 1903 година. Според спомените на Сава Михајлов во оваа акција учествувале 15 четници, со учество и на Савета и Агрира. Оваа акција на ВМРО во Гевгелија била пренесена и забележана во повеќе земји во Европа, вклучително и Цариград.
 
После оваа акција била превземена и друга силна акција на 24 август 1903 година кај месноста “Клисурска Јаворица”,Демир Капија. Четите на Аргир и Сава имале план да ги дигнат во воздух железничкиот мост на р.Вардар и тунелот кај Демир Капија, но биле откриени од Турскио аскер и таквата акција била спречена. Всушност, тука се случила голема крвава борба помеѓу двете страни. Турскиот аскер броел околу 800 души, војници и неколку стотини башибозуци. Во оваа борба загинале повеќе четници, меѓу кои: Ташо Гачев, Христо Митренцев и Митко С.Јосифов од Гевгелија, Панде Маркудов и други, а биле ранети: Димитар Динев од Гевгелија и Тодорчо Чочков.
 
После овие акции на четите во Гевгелија и гевгелиско, следувале и други крупни акции, меѓутоа турското население било секогаш поштедувано. Поголема акција во текот на 1903 година страна на Аргировата и Савовата чета, била акцијата на 15 септември 1903 година во месноста “Беш Бунар” околу с.Ливада, каде во судир со турската војска загинале околу 20 души, ранети околу 30 души, а од востаниците само еден ранет.
 
На 6 ноември 1903 година Сава Михајлов со десетина души поставиле експлозив на железничката линија кај с.Смоквица. Од експлозијата имало голема материјална штета. Покрај овие акции после Илинденското востание се случиле и помали такви акции на Организацијата по селата на Гевгелија. Главно овие акции биле предводени од Аргир Манасиев, Сава Михајлов, но се спомнуваат и акции на Иванчо Карасулиски. Револуционерните сили на ВМРО во Гевгелија и гевгелиско своите вооружени напади ги вршеле исклучиво против турскиот аскер, беез да убиваат цивилно турско население.
 
Кон крајот на 1903 година Илинденското востание било при крај иако револуционерните борби продолжиле во континуитет и во следните години. Илинденското востание претрпело неуспех и оставило голема недоверба меѓу населението. ( од Монографијата „Гевгелија 130 години град“)

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *