ПОЧИНА НЕВЕНКА КОЧОВСКА, ПЕЈАЧКАТА ДИВА НА ЛЕГЕНДАРНИТЕ „МАЊИФИКО“

WEB Телевизија во живо

Денеска во Скопје почина Невенка Арсова Кочовска, легендарниот вокал на еден од најпопуларните ансамбли во Македонија и на бившите ЈУ-простори, „Мањифико“. Таа неколку години боледуваше од Алцхајмерова болест.
Музикологот Ванчо Димитров будно ја следел кариерата на ансамблот „Мањифико“, а неговите записи ги следат раните почетоци на создавањето на ансамблот.
 
„Пантелеј Кочовски – Панче и Крсто Таушанов, ученици во Средното музичко училиште во Скопје, летото 1959 година се на младинска работна акција во Демир Капија, на јужната делница од автопатот Братство-Единство. Се пријавуваат за учество на приредба за младите бригадири. ’Инфицирани‘ од мелодичноста и чистата, богата и заведлива хармонија на латиноамериканската музика, која во тие години царува во светот, а која била изведувана најчесто од вокално-инструментални триа, Панче и Крсто го бараат третиот човек за првиот настап на нивното трио.
 
Меѓу бригадирите го среќаваат Сергеј Поповски, гитарист, исто така, ученик во Музичкото училиште. Безименото трио настапува со ’Песна за Аргентина‘ и ’Бунтовник‘. Успехот е неочекувано голем. Набргу, на местото на Сергеј доаѓа Димитар Томов – Митко, одличен гитарист и вокал. Следната 1960 година, во Музичкото училиште ја ’откриваат‘ Невенка Арсова и нејзиниот раскошен алт. Таа година квартетот го добива името ’Мањифико‘ (magnific – чудесно, величествено).
 
Величенствената четворка, проширувана повремено и до секстет, ја започнува својата извонредно успешна кариера, која трае до јули 1990 година.
Во текот на 31-годишното постоење, вокално-инструменталниот ансамбл ’Мањифико‘ настапува во 37 земји на сите континенти, остварува неверојатна бројка од 3.700 концерти и 600 добротворни настапи, кои ги посетиле преку 7 милиони гледачи. Дискографската продукција на ’Мањифико‘ е импозантна: 28 мали грамофонски плочи, 5 албуми, 4 аудио касети, 1 видео касета, 3 аудио компакт дискови и 1 ДВД, речиси сите продадени во златен или сребрен тираж. 
 
Радиостаниците за ’Мањифико‘ емитувале 192 емисии, а на 16 ТВ станици се снимени 140 полчасовни и едночасовни шоу програми.
„Радио бубамара“ Наградата за животно дело на „Златна бубамара на популарноста 2017“ им ја додели на членовите на ансамблот „Мањифико“.
 
Последниот настап, раскажува нејзиниот сопруг Панче го имавме во мај 1990 година на големиот концерт на Градски стадион, на кој се собираа средства за доградба на Соборниот храм. Со почетоците на распаѓањето на Југославија се распадна и ансамблот „Мањифико“. Причина за распаѓањето беше смртта на Крсто Таушанов, кој беше еден од основачите заедно со мене, објаснува Кочовски. Немаше замена за него, човек како него не најдовме и прекинавме со работа, бидејќи сфативме дека се’ има свој почеток и крај

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *