НА ДЕНЕШЕН ДЕН СЕ РОДЕНИ ДВЕ БИСЕРНИ ГРЛА НА МАКЕДОНСКАТА НАРОДНА МУЗИКА – НИКОЛА БАДЕВ И ЕСМА РЕЏЕПОВА

WEB Телевизија во живо

НИКОЛА БАДЕВ
 
Роден е на 8 август 1918 година во селото Глишиќ кое денес е споено со Кавадарци, место каде што луѓето ги красат питомост, ведрина и надареноста за музика и песна. Во оваа прекрасна средина во плодната Тиквешија озарена во сонце и топлина, меѓу зелените бавчи, ниви со тутун, лозја, афион и прекрасни песнопојни родители, стрини, вујковци… многу свадби, ора и серенади песната ја богатеше неговата детска душа, созреваше и се формираше уметникот во него.
 
Во 1948 година, веднаш по аудицијата за млади таленти, Бадев дебитира на програмата на Радио Скопје со што започнува неговата блескава кариера како уметник и стана еден од најдобрите интерпретатори на македонската народна песна која ја афирмираше не само во Македонија туку ширум светот. Ја обиколи земјата и светот неколку пати.
 
Репертоарот на Никола Бадев е обемен и разновиден. За музичката продукција на Радио Скопје, односно МРТВ има снимено над 200 песни со најразлични содржини и околу 100 грамофонски плочи за дискографските куќи во СФРЈ како и земјите во кои живеат македонски иселеници. 
 
Познавачите на македонскиот фолклор го сврстуваат во категоријата пеачи со исклучителен сензибилитет кој ги испеа најлирските македонски песни со својот кадифен глас. Меѓу нив е и химната на Кавадарци песната „Параходот ми пристигна“ како и голем брoј други песни за копнежот на вљубените, за сокаците и чардаците како и за народните херои.
 
Иако од 1976 години физички Бадев не е меѓу нас, тој продолжува да живее преку песната и во сеќавањата на неговите современици и во срцата на сите љубители на македонската народна песна.
 
 
ЕСМА РЕЏЕПОВА
 
Родена е во Скопје, на 8 август 1943 година. Потекнува од сиромашно семејство и уште од мали нозе била принудена да преземе работни обврски. Му помагала на својот татко, кој работел како чистач на чевли, а добивала и некоја паричка за тоа што чекала во ред за да им купи млеко на поимотните скопјанки.
 
Нејзиниот живот добил нов тек благодарение на Стево Теодосиевски, кој кај неа препознал голем талент за пеење и ја поканил да се приклучи во неговиот ансамбл. Она што започнало како музичко партнерство, подоцна прераснало и во брачна заедница. Есма и Стево беа во брак речиси 30 години, односно до неговата смрт во 1997 година.
 
И покрај големите успеси, Есма никогаш не заборави каков е животот во сиромаштија, па непрекинато нижеше хуманитарни мисии за кои ѝ беа врачени огромен број награди и признанија. Нарекувана и „мајката со најмногу деца во Македонија“, Есма не роди свои чеда, но посвои и израсна 48 дечиња. До крајот на својот живот таа доби повеќе од сто внуци и правнуци.
 
Нарекувана е Кралица на ромската музика во светски рамки. Во 2013 г. ја добила престижната титула Национален уметник на Република Македонија. Есма е најмаркантното музичко име на македонската, балканската и светската музичка фолк-сцена, таа е жена која животот го посвети на хуманоста, човекољубието и добрината. Починала на 11 декември 2016 година, во Скопје.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *