ДОБРИЛА ЧАБРИЌ, „ЧЕЛИЧНАТА “ ДАМА ОД ДОЈРАН:

WEB Телевизија во живо

„ГО ЗАВРШИВ МОЈОТ АВТОБИОГРАФСКИ РОМАН „НА ПАТОТ КОН 100-ТА“. ВО НЕГО Е ЦЕЛИОТ МОЈ ЖИВОТ, ОД СВЕТЛАТА НА ПАРИЗ ДО ТЕМНИТЕ ДЕНОВИ ВО СОЛУНСКИОТ ЗАТВОР.
 
Секогаш е пријатно да се разговара со нашата највозрасна уметница Добрила Чабриќ. Во екот на топлинскиот бран, ја посетив во нејзиниот дом во Дојран како нејзин пријател да видам како го поминува летото и високите температури, како ја држи здравјето, и да поразговараме за „Вечер“ околу нејзиниот автобиографски роман за кој знаев дека поодамна го пишува.
Ме пречека насмеана во својата куќа, во нејзиниот мал рај, каде живее повеќе од 4 децении, ме послужи со студена и блага дојранска лубеница и разговорот можеше да започне.
 
Најнапред, како што е обичај ја запрашав како е со здравјето?
 
„Да ти кажам право, ја преболев короната и тоа оној најтежок нејзин облик, со цитоклинска бура, во декември минатата година. Пред да се инфицирам, примив вакцина, која тешко ја поднесов, но бидејќи не ме држи место, по два дена од вакцината заминав за Белград како дел од жири комисијата на „Никогаш не е доцна“. Не се сеќавам како воопшто издржав, така во лоша состојба. Кога се вратив настанаа проблемите. Мојот доктор Боне кој што ме лечеше во Скопје ми рече, Доби, имаш голема среќа, 97 проценти од постарите лица умираат од вакво нешто, а штом ти и ова го преживеа, ти гарантирам дека ќе живееш 130 години.
Сега сум добра, нафрлив некое кило повеќе и продолжувам да си го живеам животот овде во Дојран. Во моите години да го живеам животот, значи да му се радувам на секој еден ден, на секое едно изгрејсонце, на дождот, на цвеќињата, на пријателите. Тоа е зрелоста и убавината на моите години, кои ми даваат сила и енергија да го живеам со полни гради мојот живот.“
 
Бидејќи знаев дека после сообраќајната несреќа во Охрид, која за среќа помина без никакви последици, Добрила тешко функционираше бидејќи немаше автомобил, ја „пецнав“ да ми каже чиј е оној син автомобил спроти нејзината куќа.
 
„ Љупче, весело потскокна, ова лето ќе го помнам по тоа што си набавив конечно нов автомобил, за ефтини пари, затоа што без возило како да сум отсечена од светот, не можам едноставно да функционирам. И, да ти кажам, ми ја продолжија возачката дозвола до 2025 година, кога ќе наполнам 98 години.“
 
Ме интересираше дали има некое лето кое ќе го памети по некој интересен настан.
 
„Морам да ти кажам дека за мене нема годишни времиња, јас си работам и лето и зиме и не седам без работа, секогаш сум активна, сакам да се дружам, да одам на гости, да ми доаѓаат и кај мене на гости. А, има едно лето кога за малку ѓаволот ќе ја однесеше шегата, но, здравје, ме чувал господ и мене и моите роднини. Тоа лето купив моторен чамец, меѓутоа од оние помалите и пониските. Заедно со моите роднини решивме да заминеме кон средината на Дојранското езеро, каде што всушност тоа извира и каде водата е поинаква одошто покрај брегот.
Кога стигнавме на посакуваното место, бидејќи бевме повеќемина, од самите наши движења, во еден момент чамецот се преврте и сите се најдовме во вода. Среќа е што на средината на езерото на неколку места тоа е толку плитко што се гледа и песокта. Не ни сакам да помислам што ќе се случеше ако водата беше подлабока. Како казна за моето невнимание што го претоварив чамецот, решив да не се качам во него туку да пливам и да го туркам се до брегот. Ме чувал господ и мене и моите роднини.
 
Стигнавме и до она за што бев дојден, да поразговараме за нејзината книга.
 
„ Пред да ти кажам, почна Добрила, сакам да го изразам своето незадоволство од Министерството за култура. Веќе две години конкурирам за добивање на средства за печатење на оваа моја книга, и веќе два пати ме одбиваат со зборовите, немаш доволно поени за да добиеш финансии. А, да ги прашам јас тие во Министерството, дали во поени може да се вреднува се она што сум го направила јас сите овие години, не само за Дојран туку и за Македонија. Дали треба во поени, како на квиз, да се вреднува една од првите македонски драмски уметници која работела 13 години во Народниот театар во Скопје, дали може со поени да се вреднува мојата музичка кариера, како солистичка, така и со „Дуо Нанос“, со поени ли ќе ме вреднуваат за монодрамата „Мис Маргарида“, колку поени ќе ми дадат за победата на шоуто „Никогаш не е доцна“. Но, не се предавам, ќе барам прием и кај министерката за култура, па ќе видиме што ќе излезе на крајот.
Инаку, ракописот е веќе готов и сега чекам да ми дојде мојата роднина од Скопје, сето тоа да се стави на компјутер и здравје, некаде на есен да излезе мојата автобиографска книга, во која го распостилам целиот свој живот пред читателите, сите убави и неубави работи што ми се случиле сиве овие години. Сите драги луѓе што сум ги сретнала се во неа, но најдоа место и сите оние луѓе кои биле мое големо разочарување, луѓе на кои сум им помогнала како на родени деца а испаднале на крајот нелуѓе. Почнувам со приказната за мојата мајка, за животот во Гевгелија, во Скопје, како членка на драмскиот ансамбл во 1945 година, во Белград, Русија, на Кипар, во Париз, каде секоја вечер настапував на по неколку места: во руски, грчки, српски, француски, италијански локали со моите интерпретации на „Очи чорние“, „Калинка“ и „Има дана“ на една вечер кога им пеев на легендарната Марија Калас и Аристотел Оназис,, на моите гостувања речиси по целиот свет со концерти на кои пеев сама или како членка на Дуото Нанос, на многуте забавни и народни песни што сум ги испеала, на монодрамата „Мис Маргарида“ и конечно на победата на шоуто „Никогаш не е доцна“. Сето тоа е мојот живот кој го живеев низ работа, задоволства, љубов. Само не сум се решила за насловот на книгата, работниот е „На патот кон 100-та“, а може во последен момент да се решам за „Никогаш не е доцна“.
 
На крајот ја запрашав дали има некој период од животот кој сака да го заборави?
 
„Љупче, ова за прв пат го кажувам, и тоа специјално за „Вечер“, за една темна епизода од мојот живот. Во тоа време работев во казиното „Метропол“ во Дојран, тогаш и Виолета Џолева сними документарец за мене, и нормално како позната личност бев привлечна за многу луѓе да бидат во мое друштво. Се запознав со едно момче, на кое многу му верував, а за кое подоцна дознав дека бил наркоман. На едно патување со воз за Солун, тој успеал, без мое знаење, во мојата патна торба да стави пакет во кој се наоѓала дрога. И, кога стигнавме на железничката станица во Солун, веројатно тоа момче било следено уште од Гевгелија, нас двајцата не приведе полицијата. Имаше потоа и судење, јас имав адвокат од Македонија, нормално реков дека не знам кој и што ставил нешто во мојата торба. Но тоа не му значеше ништо на судијата. Ме осудија на 20 години, но за среќа, што поради намалување на казната, што поради доброто однесување, одлежав само пет години“, заврши Добрила со тага во нејзиниот глас.
 
Мислам, дека оваа книга на Добрила ќе биде бестселер, гарант. Затоа што Добрила Чабриќ својот животот го живеела како во некоја театарска претстава. Малку игра и песна, малку забава, малку танц, многу добри и малку лоши глумци низ нејзиниот живот кој трае еве веќе 95 години.
 
Ја оставив Добрила, со нејзините сеќавања, во нејзиниот дом во Дојран во кој, како што вели таа, нема време да остари: постојано е со млади луѓе, со гости, има градина, има пинч „Пики“, го дише прекрасниот дојрански воздух, и секогаш ја шири несебично својата позитивна енергија кон луѓето и животот.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *