ВО СЕЌАВАЊЕ НА ГЕВГЕЛИЧАНЕЦОТ ВЛАДИМИР РАЛЕВ, БИЗНИСМЕН, ФИЛАНТРОП, ДОНАТОР И ПАТРИОТ, КОЈ УМРЕ НА 1 АПРИЛ 2016 ГОДИНА

На 1 Април 2016 година на 84-годишна возраст во Женева умрел Владимир Ралев, еден од најголемите македонски бизнисмени во светот, филантроп, донатор и македонски патриот.
На болницата во Гевгелија тој и подари комплети специјална болничка постелнина. А при една посета на својата родна Гевгелија, кога од еден разговор на лекарите дознал дека болницата нема возило за да префрли тешко болен до Ургентниот центар во Скопје, Владимир Ралев, истиот миг уплатил за набавка на специјално опремено возило за итни здравствени интервенци за потребите на неговите некогашни сограѓани.
Владимир Ралев е роден во 1934 година во Гевгелија, градот на смоквите. Учел на бугарски јазик во Гевгелија кога Македонија беше под бугарска окупација, за потоа да го продолжи неговото школување на македонски јазик во Велес, каде што завршува гимназија. Патиштата го довеле во Белград каде завршува историја на уметноста и археологија и школа за надворешна трговија, а во Земун добива и пилотска диплома.
Според неговите зборови , неговото потекло е од селото Д’мбени, Котурско, во Беломорска Македонија. Неговите претци дошле во Гевгелија во 1820 година, каде што широко ги вдлабиле и рашириле корените на Ралевци.

Младоста му овозможила да биде поткован со знаење, дипломи и искуство и да му ги отвори патиштата да замине по белиот свет. Така, во 1971 година заминува во странство и во период од 25 години го прокрстарил светот, меѓутоа свил гнездо во Женева, една од најубавите и најзначајните престолнини на стариот континент, каде постојано живеел со сопругата Гордана и трите синови.

Владимир Ралев е познат и признат бизнисмен кој од поодамна го вкусил печалбарскиот леб. Во почетокот имал потешкотии но, ете, со повеќе работа и среќа, бил претставник на Далечниот Исток на една голема текстилна компанија, каде поминал долг временски период, работејќи во Пакистан, Хонг Конг, Шангај, во Сингапур. Во 1980 година се вратил во Европа, каде отворил своја компанија. Во почетокот, со одредена сума пари и со помош на кредити од банките, ја формирал компанијата „Џора-треид“ која се занимава со производство, маркетинг и менаџмент.
 
Ралев е еден од најголемите донатори што постојано и’ се оддолжувал на својата татковина. Медицинска опрема, чаршафи за болниците, изградба на цркви, спонзорирање книги и манифестации, печатница за Македонците во Грција, се само дел од неговата помош за Македонија. Досега за Македонија и за Македонците во соседните земји, донирал помош во вредност од околу милион долари.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *