ВЕЛИК ПЕТОК, НАЈТЕЖОК ПРАЗНИК ВО ХРИСТИЈАНСКАТА РЕЛИГИЈА

WEB Телевизија во живо

Денес избраниот Божји народ, луѓето израелски, на страдања Го предаваат Господа, Кој нив ги избави од тешките страдања египетски; синовите Негови Го плукаат и како на последен роб Му се потсмеваат, а Он нив од ропството ги изведе; на крст Го приковуваат како најголем злосторник, Оној што преку раката Мојсеева морето го раздели и од злобата на поробувачот ги спаси; денес со копје ги прободуваат ребрата на Оној, Кој заради нив го погоди Египет со рани; и со жолчка Го напојуваат Оној што за храна им пушти небесна манна. 
 
Денес помрачениот Јуда бдее, додека другите ученици заспале, но не за да се помоли и стекне благослов туку осуда да си заработи, оти за мизерно сребро Го продава Бесценетиот, Кој не сакаше дури и него од големиот и богат дар на простување да го лиши.
 
Денес Бог, низ гласот на Црквата на своите верни утеха им испраќа: Никој да не се одрече од Мене, гледајќи Ме на Крстот среде двајца разбојници: бидејќи ќе страдам како човек, и ќе ги спасам како Човекољубец оние што Ме љубат. О, љубов божествена! О, убавино неискажлива! Ти Христа од небесата на земјата си ни Го симнала, та Он со нас за тебе да побеседи. На Крст Го приковуваш Господа наш, а Он, пак, најголемата љубов од таму ја пројавува. Сѐ трпи: и болки, и страдања неизмерни само нас, луѓето, од страдањата да нѐ избави и наследници на животот да нѐ направи.
 
Ете Го меѓу двајца разбојници, но Он, бидејќи Самиот е љубов, не престанува со тебе да се напојува, туку на едниот од нив сите беззаконија му ги простува и за прв жител на Рајот го повикува. Кој би можел да те разбере, о љубов чудесна, оти Он и за Неговите непријатели од Крстот на Бога Отецот Му се моли, велејќи: Отче, прости им, оти не знаат што прават. Љубов сепосакувана, дај ни да те придобиеме за да можеме барем малку да ги разбереме страдањата Господови и тогаш кога ќе ги разбереме, да поверуваме дека, според Неговата милост, повеќе нема да умираме. Всели се во нас како во покаениот разбојник, та и за нас да бидат отворени рајските врати.
 
Настанот кој е поврзан со овој празник е Христовото распнување. Поради тоа што Христовата личност е божествена, тој единствен меѓу луѓето немаше никаков грев, или поинаку кажано се одликуваше со извонредна етичка чистота. Во тоа и се состои космичката трагедија што светот во Христос, во една таква личност, не го препозна својот сопствен излез од сите животни проблеми, вклучувајќи ја тука и смртта, туку тој ненасилно понуден излез го прикова на срамно дрво (така го нарекуваа крстот, затоа што распнувањето на крст беше најсрамната и најтешка казна во Римската империја). 
 
Но, денешниот празник е двозначен, затоа што три дена по својата смрт, со своето воскресение т.е. станување од мртвите, Христос ја донесе и најголемата радост во светот.
 
Велики петок освен Велипеток уште се вика и Распет Петок зашто на овој ден е распнат Исус Христос. Поради тоа овој ден се смета за најтежок празник во годината, тогаш не се работи дури и не се готви храна. Се вели дека на овој ден не треба да се јаде, а камоли да се работи. Како на строг пост, како што се вика „пост на вода“ тој ден во црквата луѓето се честат со леб, пипер, и сол. Некои луѓе јадат стоејќи, а други ништо не јадат цел ден сочувствувајќи со распнатиот Исус. Тогаш се оди во црквата каде што оставаат дарови на Распетието Христово, а цвеќето на „плаштеникот-оплакувањето Христово“. Секој што тука остава цвеќе зема друго и го носи дома за здравје.
 
На Велики петок во црквите се изведува и обредот симболично погребување на Исус Христос. Тоа се прави на тој начин што платното наречено „Плаштеница“ се положува врз посебно подготвен симбол на Христовиот гроб. Поминувајќи под Плаштеницата верниците сочувствуваат со распнатиот Исус. Исто така, се поставува и „Распетието Христово“ (крстот на кој е насликан распнатиот Исус) пред кое верниците се поклонуваат и Исуса го бакнуваат во раните на нозете.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *