НАЈСТАРАТА АВТЕНТИЧНА ФОЛКЛОРНА ТРАДИЦИЈА КАЈ НАС -„ЃУРА МАРА“

WEB Телевизија во живо

И ОВАА ГОДИНА ЗА ВЕЛИГДЕН СИТЕ ПРАВЦИ ЌЕ ВОДАТ ЗА МИРАВЦИ НА НАЈСТАРАТА АВТЕНТИЧНА ФОЛКЛОРНА ТРАДИЦИЈА КАЈ НАС -„ЃУРА МАРА“
 
„Ви го даруваме највредното, сеќавањата кои ни ги топлат срцата, аманетот кој другарува со вековите и иднината.„
Со вакви зборови и со традиционалното лебче и солца, ќе бидат пречекани и оваа година и младите и старите кои во гевгелиско Миравци на третиот ден од Велигден. 
 
Ова е едно од најубавите македонски населени места , убаво, не само по природните убавини, туку и по питомите , убави, горди и пред се гостопримливи миравчани. За Миравци оваа манифестација значи многу. Од памтивек па се до денешни дни, секој миравчанец каде и да е, на третиот ден од Воскресението Христово, си доаѓа во Миравци. Да биде со своите најблиски, на своето родно огниште, за да им оддаде почит на постарите и да им ги покаже корените на своите помлади поколенија.
 
Организатор на оваа преубава манифестација е едно од најстарите културно-уметнички друштва во Македонија, КУД „Танец“- Миравци , кој патем кажано оваа година ќе прослави 90 години од своето постоење. Покровители на оваа манифестација се Министерството за култура на Република Македонија и Градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
 
На овој ден, преку впечатливото оро, преку преубавата носија, и преку зачуваните обичаи, миравчани испраќаат порака до сите добронамерници кои го посетуваат нивното место. Порака за љубов, взаемно почитување и помагање. Порака да си го браниме своето и секогаш да бидеме сплотени и да работиме заедно. Исто, како што тоа од пред повеќе од еден век го правеле и нашите претци. Се собирале на сред село и се факале на оро, стари , млади, мажи , жени и деца, но и убави моми и стројни ергени.
 
А, од орото започнало се. Преданието вели дека од сите убави моми, кои пред стотина години, на тоа исто место ги извивале своите витки тела во ритамот на тапанот и зурлите, најубава, најлична и најстасите била момата Мара. И, тука настанале проблемите. Меѓу насобраните луѓе се нашле и тројца османлии, кои биле заслепени од убавината на Мара. Имале намера да ја грабнат најличната од селото, па затоа двајца од османлиите се фатиле на оро. Едниот од едната, другиот од другата страна а убавата Мара во средина. И додека траела играта, во еден момент, држејќи ја Мара под раце, османлиите се отпуштиле од орото и влечејќи ја немоќната девојка, почнале да бегаат.
 
Сето тоа се одигрувало пред очите на братот на Мара, Ѓуро. Тој, без да размислува, веднаш потрчал по османлиите, а по него тргнале и другите млади и стари селани. Успеале да ги стигнат, се нафрлиле врз нив и по краткотрајна борба успеале да ја ослободат уплашената девојка. Некои велат дека во таа борба, за да ја спаси честа на својата сестра, загинал и Ѓуро, братот на Мара. Некои велат дека Мара, за да не падне во рацете на османлиите, се фрлила во еден длабок дол. Кој знае. Но, како и да било, од тој ден па се до ден денес, во Миравци се одбележува овој настан. На истиот начин, со истите песни и ора, со истите велигденски обичаи.
 
Ова оро, како и повеќето други македонски ора се сведоци за голготата низ која поминувал македонецот, реалистичен фолклорен приказ кој го отсликува животниот пат на Македонците низ времето и ја симболизира македонската вековна гордост и нашиот непокор и достоинство.
 
А, орото Ѓура Мара, по многу нешто е специфично. По традиција, него го играат и песните ги пеат само девојки и жени. Орото си има свои чувари, тоа се обично повозрасни жени, кои со стапови, како одбранбени реквизити, ги бранат девојките од несаканите натрапници. Овие постари жени-чувари, на главата имаат врзано бели марами. Ако некој од насобраните мажи се обиде да се фати на орото, овие жени веднаш го бркаат со стаповите.
 
За да ги прелажат, некои од мажите се обидуваат да се преправат во жени, облекувајќи се во женска носија, но редовно се откриваат и ги бркаат. Пред да почне орото, жените ги пеат песните-Кинисала девојка-запросила гугувка, Ај да го заиграме плетеното оро и Цуцул пасе говеда.
 
Па, затоа, доколку патот ве нанесе во гевгелискиот крај, за третиот ден од Велигден, не се двоумете многу. Дојдете во Миравци, видете го орото Ѓура Мара и бакнете се за момент со традицијата која и натаму опстојува.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *