НА МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ЛИТЕРАТУРАТА ЗА ДЕЦА, 2 АПРИЛ, ВО ГЕВГЕЛИЈА ОТВОРЕНА НОВА КНИЖАРНИЦА „THE BOOK SHOP“

WEB Телевизија во живо

Во склоп на Едукативниот центар„My school“ во Гевгелија, во присуство на голем број на љубители на убавиот пишан збор, денес беше отворена нова книжара во Гевгелија, „The Book Shop“. Отворањето, кое се совпадна со Меѓународниот ден на литературата за деца, 2 Април, беше збогатено и со присуство на познатите писатели за деца, Горјан Петревски и Јадранка Клисарова, кои прочитаа и рецитираа дел од своите песни за деца и за возрасни.
 
Сопственичката на ова убаво книжевно катче во Гевгелија, Татјана Николовска, која и самата е книжевник, не го криеше задоволството од тоа што токму на овој ден се остварува нејзината дамнешна желба:
„Ова во мене тлееше веќе подолго време, но требаше да соберам храброст да го сторам ова, и задоволна сум што се поклопија некако коцките, излегуваме полека од пандемијата, дојде пролетта, денес е ден на литературата за деца а присутни се и писателите Горјан и Јадранка.
Мислам дека на Гевгелија и беше потребно вакво едно културно катче, каде луѓето ќе дојдат да побараат книга за своја душа. Ќе соработуваме со сите издавачки куќи, пред се македонски, затоа што мислам дека имаме добри писатели кои создаваат прекрасни дела. Секоја недела ќе имаме нови наслови, кои ќе ни ги сугерираат нашите посетители и читатели, а секој месец ќе организираме и книжевни настани.
Она што сакам на крајот да го кажам е дека со оваа книжара сакаме и да ја развиеме љубовта кон книгата пред се кај детската популација и со тоа да ја оттргнеме за момент од мобилните телефони. Дружењето со телефоните нека биде заменето со дружењето со книгите.“
 
Познатиот македонски писател, Горјан Петревски, откако изрецитира неколку свои песни за деца, го изрази своето задоволство што е во Гевгелија, во која се чувствува мошне пријатно и најави излегување на неговите собрани дела во најскоро време. Презентираше еден интересен податок дека Ханс Кристијан Андерсен, чиј роденден всушност е прогласен за Меѓународен ден на литературата за деца, е единствениот писател кој за време додека бил жив му е изграден споменик.
Јадранка Клисарова, која по професија е наставник и потекнува од гевгелискиот крај, потсети дека на децата треба да им се чита уште додека се наоѓаат во мајчината утроба, а потоа кај нив секојдневно треба да се развива љубовта кон убавиот пишан збор.
Ако по утрото денот се познава, како што се вели, тогаш на оваа нова книжарница во Гевгелија и престои убава иднина.
И, да завршиме со изреката на Франц Кафка, што е и своевидно мото на оваа книжарница:
„Книгата може да ни служи како секира, која го крши замрзнатото море во нас“

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *