РОДЕНДЕНСКА ГИВГИЛИЈСКА ВЕЧЕР, ИЛИ СИБЕП ПО ПОВОД КНИГАТА „АЈ ШО ЛАФИШ“ НА СТЕФЧЕ СТЕФАНОВ

WEB Телевизија во живо

Оние кои се решија да потрошат дел од своето слободно време, во петокот навечер, и да присуствуваат, во Народниот театар на „одложната“(поради пандемијата) промоција на најновата , четврта по ред книжевна рожба „Ај шо лафиш“ на Стефче Стефанов, не зажалија. Оние пак, кои не дојдоа, има за што да зажалат.
Пропуштија одлична можност да присуствуваат на литературно-музичко едукативна вечер посветена на книгата, за која Стефче ќе рече дека претставува вистински учебник по историја, запишани фрази и изрази кои останале во колективната меморија на луѓето од ова поднебје, и кои и ден денес се употребуваат.
 
Секоја чест на организаторот, Библиотеката „Гоце Делчев“ која така го конципираше целиот настан на кој настапија гевгелиски уметници кои творат на гевгелиски дијалект. На овој дијалект, директорот Дамјан Ѓуров објасни во воведот, зборувале и зборуваат сеуште луѓето кои живееле на подрачјето од Кукуш, преку Солун па се до Дојран и Гевгелија.

Промоторот пак, Лилјана Пецова Илиеска, која, специјално за оваа прилика, се „дотркала“ од Скопје, во една лежерна атмосфера, која прилегаше повеќе на седенка со лаф муабети и песни, исто „кути“ на роденден, искрено му кажа во „фаца“ на својот пријател Стефанов дека книгата „Ај шо лафиш“ не е само негова туку е на сите гевгеличанки и гевгеличани.
„Кога ја читам книгата, јас, рече Лилјана, не ги гледам само зборовите, јас ја гледам тета, вујче, мојата комшивка, ги гледам луѓето кои сеуште ги паметам и ги слушам како говорат на овој наш, специфичен дијалект.
„И, затоа, продолжи Пецова Илиеска, бидејќи ова е нешто како роденден, ги замолувам присутните, бидејќи на роденден не се оди со празни раце, по завршувањето на настанот, да напишат во тетратката, која стоеше во холот на театарот, фрази и зборови кои ги имаат слушнато од своите постари роднини и пријатели, за да може, кажа Лилјана, да му помогнеме на Стефчо, да ја дополни книгата.
 
Авторот, Стефчо Стефанов, добро расположен, малку си муабетеше со Лилјана, малку со публиката, прочита една негова наградена песна, составено исклучиво од фрази и зборови на гивгилијски дијалект, која поради должината не можам да ја ставам во овој текст, изведе необично конципирано толкување на некои зборови и фрази кои ги преведе на литературен македонски јазик, за што одлична асистенција имаше во неверојатниот Дејан Малзарков и еден обичен далечински управувач.
 
И, бидејќи, како што напиша Стефчо пред настанот на својот фејсбук профил, „лесно е да кажам фала, ама тежат толку фалби“, да не му биде тешко, овој пат фалбите ќе одат на сметката на неговите баба и дедо. Тие се директните виновници што постојат и двете негови книги, „Гевгелексикон“ и „Ај, шо лафиш“, оти како мал тој не одел во градинка, туку млекот го пиел во нивно друштво и вредно ги помнел сите зборови и фрази кои тие ги употребувале во секојдневниот говор.
 
Шлаг на оваа гивгилијска вечер дадоа членовите на групата „Апсаздан“, во друштво со Коце, кои изведоа неколку песни на гивгилијски дијалект, меѓу кои и Тики,така,тука, Бат Коле, и Ти( на текст на Стефчо,)
АПСАЗДАН (беа) и се: Љупчо Пашовски, Александар Цуклев и Ѓорѓи Калински. АПСАЗДАН се родени, како што милуваат да кажат, ad-hoc во една од фолиите со каранфили накај ‘Сува Река’, сопственост на еден од татковците на момците. До ден-денешен, немаат никогаш отсвирено ниту еден cover, освен своите, АПСАЗДАН песни…,
 
И, на крајот ќе завршам со зборовите на Стефчо, кој цитираше руски лингвист:
„Јазикот е дијалект што има своја армија и морнарица“.
„Капетане“ Стефчо, употребувај ја и понатаму оваа своја армада и создавај и во иднина вакви и слични дела со кои ќе ја радуваш гевгелиската и македонската јавност.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *